Македонија
(Видео) Шекеринска, Димитров и Пендаровски: Почнуваат пристапните разговори на Македонија со НАТО
Заменик-претседателката на Владата на РМ и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, министерот за надворешни работи – Никола Димитров и националниот координатор за НАТО – Стево Пендаровски, одржаа прес-конференција во Владата на Република Македонија, како членови на Комитетот за интеграција во НАТО и членови на Работниот комитет за интеграција во НАТО, информираа за официјалниот старт на пристапните разговори на нашата земја со НАТО, во седиштето на алијансата, кои ќе се одржат од утре до петок.
„Сега е моментот, сите ние, а најмногу пратениците, од зборови да преминат на дела. Пратениците од сите политички партии се исправени пред историска шанса и одговорност. Никој нема право да ѝ ја одземе иднината на оваа земја и на нејзините граѓани, кои предолго ја чекаат оваа вест, особено по поканата од НАТО“, порача Шекеринска.
Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, рече дека со оваа сесија на разговори во Брисел, Република Македонија ја отвора последната фаза, пред членство во своите односи со НАТО, што претставува суштински исчекор во процесот што ќе нѐ донесе до реализација на нашата најголема стратешка цел, преку целосна имплементација на преспанскиот договор.
„Не смееме да бегаме од нашата одговорност. Нема поголем патриотизам од преземање на одговорноста и визија за иднината. Ние тоа го направивме како Влада, ги инициравме уставните измени што се во контекст на успех на овој процес, сега сѐ е во рацете на пратениците. Ништо не е важно – ни партии се важни, ни идни избори. Политички кариери се неспоредливо помалку важни од историскиот, судбинскиот влог пред нас“, рече Димитров.
Тој објасни дека според сите анализи од релевантни институции и поединци, членството во НАТО значајно ќе ја зголеми безбедноста и стабилноста на земјата, но ќе биде и позитивен пример и придонес за регионалната безбедност, стабилност и просперитет во регионот на Западниот Балкан.
„Приемот на нашата земја во полноправно членство ќе се случи откако земјите членки ќе го ратификуваат Протоколот за пристапување, и тоа секоја одделно во своите национални парламенти.Во нашиот случај е предвидено Грција да биде првата земја членка што ќе го ратификува овој документ, откако ние ќе го завршиме нашиот дел од обврските од преспанскиот договор“, потсети националниот координатор за НАТО – Стево Пендаровски.
На прашање на новинарите упатено до Шекеринска, за делот од излагањето на премиерот Заев, во кое тој повика на помирување во Собранието во име на поддршка на уставните измени, вицепремиерката и министерка за одбрана, Шекеринска,истакна дека правдата и помирувањето не се исклучиви, туку се надополнуваат и дека пораката на премиерот беше токму во таа насока, дека на оваа држава ѝ е неопходна правда и додаде дека поделена држава не е држава што оди напред.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре без вода дел од улицата Македонско Косовска Бригада и објектот на касарната Илинден
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре (19.02.2026) поради два улични дефекти ф-200 и ф -250 мм на Македонско Косовска Бригада бб (во близина на касарна Илинден), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од ул. Македонско Косовска Бригада и објектот на касарна Илинден.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување санација на дефектите.(општина Чаир)
Македонија
Стојаноска: Парите за минималецот може веднаш да се најдат, дел на Водно кај хациендите на Филипче, дел во Дубаи и дел во Струмица по масите на хотел Парк
Како СДСМ може да обезбедат пари за минимална плата? Да го вратат она што го испокрадоа во време на нивното 7 годишно владеење, напиша во објава на социјалните мрежи Дафина Стојаноска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.
„Ако ова не го сторат самите, тогаш многу скоро низ судски процеси ќе враќаат сѐ што испокрадоа, заедно со казни затвор за истото.
А, ако случајно во Буџетот ги најдат парите за кои зборуваат, тогаш веднаш ќе ги пренамениме за хуманитарни цели.
Инаку, парите за минималецот може веднаш да се најдат – дел на Водно (кај хациендите на Филипче), дел во Дубаи и дел во Струмица (по масите на хотел “Парк”)“, додава Стојаноска.
Македонија
Муцунски на состанок за Коридор 8, во Тирана: Државата, како централна точка, останува целосно посветена на неговата реализација
Денеска, во Тирана, на покана на министерката за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Елиса Спиропали, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, заедно со колегите од Италија, Бугарија и Романија, учествуваше на Министерскиот состанок „Коридор VIII во стратешкиот момент на Европа: Поврзаност, отпорност преку воена мобилност и споделен просперитет преку интеграција“.
Состанокот се реализираше како продолжение на инаугуративната сесија одржана во Бриндизи, Италија, на 27 јули 2023 година. Во фокусот на разговорите беа актуелните инфраструктурни проекти што се операционализираат долж Коридор VIII, предизвиците во нивната реализација, како и потребата од засилено политичко внимание и координација.
Министрите констатираа дека постои заедничко разбирање оти Коридор VIII треба да функционира како еден прекуграничен систем, а не како серија одвоени национални проекти што запираат на следната државна граница. Беше нагласено дека коридорот претставува стратешка врска меѓу Јадранското и Црното Море и дека во актуелниот геополитички контекст поврзаноста претставува елемент на отпорност и сила.
Во своето обраќање, Муцунски ја истакна важноста од целосно вклучување на сите клучни актери, нагласувајќи дека улогата на Италија како значаен фактор на Јадранот и на Романија како клучна држава на Црното Море и во регионалната економија е суштинска за Коридор VIII да стане вистинска европска врска од почеток до крај.
Осврнувајќи се на националните обврски, Муцунски потенцираше дека државата, како централна точка на коридорот, останува целосно посветена на неговата реализација. Како значаен исчекор беше посочено потпишувањето на договорот со Бугарија за прекуграничниот железнички тунел во ноември 2025 година. Првата железничка делница на источниот дел е завршена, втората е во изградба, а работите напредуваат и на третата. Во патниот сегмент, целта е целосна автопатска и експресна поврзаност од Ќафасан до Деве Баир до 2029 година.
Дополнително, беше истакната и енергетската димензија на коридорот, како и потребата од усогласување на процедурите, граничното управување и олеснувањето на трговијата, со цел новата инфраструктура да биде придружена со модерни и ефикасни стандарди. Посебен акцент беше ставен на искористување на европските финансиски инструменти, вклучително и следната програма „Connecting Europe Facility“, за забрзување на имплементацијата и обезбедување конкретни придобивки за граѓаните и бизнисите.
Соговорниците се согласија дека фокусот во наредниот период треба да биде на реализација на финансиски одржливи проекти, координирана прекугранична имплементација и одржување на еднаков интензитет на реализација долж целата траса на Коридор VIII.

