Берзи
На Азиските берзи вложувачите претпазливи, доларот слабее
На азиските берзи во петокот се тргуваше претпазливо, бидејќи вложувачите не сакаат премногу да ризикуваат поради слабостите што ги покажува светската економија и можното зголемува на каматните стапки во САД во декември.
На токиската берза индексот Nikkei беше во минус од 02, отсто, додека цените на акциите во Јужна Кореја и Хонгконг ослабеа за околу 0,1 отсто. Берзанските индекси во Австралија, Сингапур и Шангај, пак, пораснаа меѓу 0,2 и о,5 отсто, додека MSCI индексот на азиско-пацифичките акции без јапонските, беше речиси непроменет. Доколку остане така и до крајот на тргувањето, оваа седмица ќе забележа раст од 1,7 отсто.
На азиските берзи се тргува внимателно, па дури и во Шангај, иако кинеската централна банка во петокот рано претпладнето инјектираше во тамошниот финансиски систем 10 милијарди јуани и дополнително ја олабави монетарната политика, со намалувањето на каматите на постојните програми за кредитирање на банките за да го поттикне растот на економија
Сепак, тие мерки го поттикнаа растот на цените на акциите во банкарскиот и во градежниот сектор, но паднаа цените во многу други сектори, вклучително и во енергетскиот и во здравствениот.
Поради забавувањето на растот на кинеската економија, од половината на јуни до август цените на кинеските акции потонаа за повеќе од 40 отсто, а од тогаш досега скокнаа за околу 25 отсто.
Ниту другите азиски пазари не реагираа позначајно на натамошното олабавување на монетарната политика во Кина. Меѓу другото, и поради тоа што цените на сировините и натаму се под притисок поради слабата побарувачка во светот.
Цената на бакарот, којашто се смета за добар показател на ситуацијата во светската економија поради широката примена на бакарот во индустријата, се движи на најниските нивоа во последните шест ипол години, под 4.600 долари за тон. Од почетокот на оваа седмица падна за повеќе од 4,5 отсто.
Цените на нафтата, пак, не успеваат да се одлепат од најниските нивоа во последните три месеца, на коишто се лизнаа на почетокот од седмицава. На лондонскиот пазар цената на барелот нафта во петокот претпладне се движеше околу 44,35 долари, додека во четвртокот во истиот период од денот изнесуваше 44,50 долари.
На слабостите на побарувачката во светот укажува и падот на Балтичкиот индекс, кој го покажува движењето на цените на бродарските возарини и така укажува на силата на тргувањата во светот, на рекордно ниските нивоа. Од годинешниот максимум, овој индекс потона за 58 отсто.
А на валутните пазари, американскиот долар е под притисок втор ден по ред, бидејќи инвеститорите одлучија да ги повлечат добивките откако американската валута со денови јакнеше, бидејќи се очекува зголемување на каматите на тамошната централна банка вее во декември.
Курсот на американската валута во однос на јапонската во петокот претпладне се движи околу 122,80 ени, додека во четвртокот во истиот период од денот изнесуваше 123,25 јени. Американската валута попушти и во однос на европската, па цената на еврото порасна од вчерашните 1,0705 на 1,0725 долари. Сепак, тоа не е далеку од нејзиното најниско ниво во последните седум месеци.
Аналитичарите сметаат дека доларот би можел повторно да зајакне, имајќи предвид дека зголемувањето на каматите на Fed е сé поблиско. Во четвртокот потпретседателот на американската централна банка, Стенли Фишер, рече дека банката толку добро порачал дека ќе ги зголеми каматите, што некои централни банкари веќе се нестрпливи./крај/мф/сн
Извор: Reuters
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Берзи
Доларот нагло падна, еврото зајакна
На девизните пазари вредноста на доларот во однос на кошницата валути драстично падна минатата недела, бидејќи инвеститорите сметаат дека поради забавувањето на инфлацијата во САД заврши циклусот на зголемување на каматните стапки од страна на американската централна банка. Индексот на доларот, кој ја следи вредноста на САД во однос на шесте најважни светски валути, потона минатата недела за 1,9 отсто, на 103,81 поен, што е најниско ниво од почетокот на септември.
Истовремено, доларот падна за 2,1 отсто во однос на европската валута, па цената на еврото достигна 1,0910 долари. Остриот пад на курсот на доларот уследи по објавувањето во вторникот дека стапката на инфлација во САД се лизна на 3,2 отсто во октомври, од 3,7 отсто во септември.
И низа други извештаи потврдија дека инфлацијата се намалува, што ја поддржа тезата дека ФЕД нема да има потреба дополнително да ја заостри монетарната политика. Од март минатата година, ФЕД ги зголеми клучните каматни стапки за 5,25 процентни поени за да ја ограничи инфлацијата.
Сепак, на последните две седници челниците на ФЕД ги оставија каматните стапки непроменети, па инвеститорите сметаат дека циклусот на зголемување на цената на парите е завршен, иако од ФЕД велат дека е можно дополнително заострување на монетарната политика.
Во наредниот период, движењата на пазарот ќе зависат главно од шпекулациите за тоа кога ФЕД би можел да започне со намалување на каматните стапки. На пазарот на пари се проценува дека првото намалување на каматните стапки на ФЕД би можело да се случи во мај следната година, а до крајот на следната година каматните стапки би можеле да се намалат вкупно за еден процентен поен.
Берзи
Светските берзи драстично паѓаат, можно е дополнително зголемување на каматите
На светските берзи цените на акциите нагло паднаа минатата недела поради растот на приносите на обврзниците и пораката на претседателот на ФЕД Џером Пауел дека централната банка може дополнително да ги зголеми каматните стапки. На Волстрит, Доу Џонс индексот минатата недела падна за 1,6 отсто, на 33.127 поени, додека S&P 500 се лизна за 2,4 отсто, на 4.224 поени, а индексот Nasdaq се намали за 3,2 отсто, на 12.983 поени.
На берзата негативно влијаеше растот на приносите на американските државни обврзници. Во петокот приносите на 10-годишните обврзници се пробија над нивото од 5 отсто за прв пат по 16 години. Ова може да влијае на каматите на хипотеките и автомобилските заеми, каматите на кредитните картички… Покрај тоа, повисоките приноси на обврзниците ја намалуваат привлечноста на акциите бидејќи на инвеститорите им нудат добри приноси без никаков ризик.
Во такви околности, инвеститорите се повлекуваат од поризични инвестиции, како што се акциите, и бараат засолниште за својот капитал во инвестиции кои се сметаат за побезбедни во несигурни времиња, како што е златото. Како резултат на тоа, цената на унца злато се движи близу највисокото ниво во последните два месеци, околу 1.980 долари.
Поради сето ова, инвеститорите не беа охрабрени ниту од кварталните деловни резултати, иако поголемиот дел од компаниите од индексот S&P 500, кои досега објавуваа извештаи, остварија поголема заработка од очекуваната.
И на европските берзи цените на акциите драстично паднаа минатата недела. Лондонскиот FTSE индекс се лизна за 2,6 отсто, на 7.402 поени, додека франкфуртски DAX потона за 2,5 отсто, на 14.798 поени, а париски CAC 2,7 отсто, на 6.816 поени.
Берзи
Колапсот на моќната американска банка ги потресе светските берзи
Минатата недела на светските берзи е забележан голем пад на цените на акциите, бидејќи поради високата инфлација централните банки ќе продолжат да ги зголемуваат каматните стапки.
Волстрит беше потресен и од колапсот на банката во Силиконската долина (SVB).
На Волстрит, акциите на Dow Jones паднаа за 4,4 отсто минатата недела, на 31.909 поени, додека S&P 500 „потона“ за 4,6 отсто, на 3.861 поен, а индексот Nasdaq за 4,7 отсто, на 11.138 поени.
Во февруари овие индекси значително пораснаа бидејќи инвеститорите се надеваа дека американската централна банка наскоро ќе престане да ги зголемува каматните стапки и дека конечната каматна стапка, која ќе го прекине циклусот на затегнување на монетарната политика, ќе остане под нивото од пет проценти. Но, последниве недели индексите изгубија најголем дел од тие добивки бидејќи се појасно е дека ова сценарио нема да се оствари.
Серијата неодамнешни податоци покажуваат дека побарувачката на пазарот на трудот е сè уште силна, па може да се очекува раст на платите и трошоците, што значи дека американската централна банка ќе продолжи да ги зголемува каматните стапки. Претседателот на Федералните резерви на САД, Џером Пауел, оваа недела изјави дека централната банка е подготвена да преземе повеќе чекори доколку идните економски податоци покажат дека се потребни построги мерки за ограничување на инфлацијата.
Ова предизвика страв кај инвеститорите дека централната банка ќе ги зголеми клучните каматни стапки за агресивни 0,50 процентни поени на мартовската сесија, додека неодамна се очекуваше зголемување од 0,25 поени. Затоа сега на пазарот на пари се проценува дека до септември каматните стапки ќе бидат зголемени во интервал од 5,50 до 5,75 отсто, додека сега каматните стапки се движат меѓу 4,50 и 4,75 отсто.
Негативно влијание на Волстрит имаше и колапсот на банката на Силиконската долина (SVB), најголемиот банкрот на американска банка од финансиската криза во 2008 година. Таа банка, која со години го финансираше технолошкиот сектор, беше под притисок бидејќи многу стартап компании почнаа да повлекуваат депозити. За да го собере капиталот, банката прво неодамна продаде постоечки обврзници, но со голема загуба, а потоа во средата објави план за продажба на нови акции за да собере 2,25 милијарди долари свеж капитал.
Но, тоа предизвика паника кај граѓаните и претприемачите, кои само во четвртокот повлекоа 42 милијарди долари депозити од банката, па банката денот го заврши со негативно готовинско салдо од речиси милијарда долари. Како резултат на тоа, регулаторот ја затвори банката во петокот и ја презеде контролата врз преостанатите депозити. И на европските берзи цените на акциите паднаа минатата недела.