Македонија
11 милиони евра може да ја чини Општина Аеродром обесштетувањето на деветкатницата кај „Мајчин дом“, решение сѐ уште нема

Трошоците за обесштетување на инвеститорот на деветкатницата кај „Мајчин дом“ би можеле да ја чинат Општина Аеродром 11 милиони евра, изјавија попладнево за „Макфакс“ од општината. Забраната за градење на деветкатницата поради утврдени недостатоци на градилиштето истече денес. Изградбата беше стопирана 14 дена, рок во кој градоначалникот Марин рече дека ќе најдат решение за трајно стопирање на градбата и обесштетување на инвеститорот, но решение и по истекот на рокот нема.
„Трошоците за земјиште и комуналии изнесуваат околу 5,5 милиони евра. Дополнително, тука се штетите на компанијата за досегашни инвестиции, трошоци за одржување, а како што потенцираше инвеститорот, тој исплаќа и месечна рата за кредитот подигнат за изградба на овој објект. Доколку се оди во насока на обесштетување, инвеститорот би можел да побара сума што би ги покрила сите овие трошоци или да ја тужи општината, што целосно би го блокирало нашето работење. Целиот процес би можел да ја чини општината двојно повеќе од првичните 5,5 милиони евра“, изјавија за „Макфакс“ од општината.
Разговорите за изнаоѓање решение се во тек и покрај истекот на рокот за стопирање на градбата.
„Се разгледуваат сите можни решенија во рамките на законските и правните норми, финансиските можности на општината и инвеститорот. Вредноста на земјиштето пред ‘Мајчин дом’ е драстично порасната по пренамената во градежна парцела, што се направи во рамките на ДУП И10 донесен од претходното општинско раководство предводено од ВМРО-ДПМНЕ. Токму затоа, засега е констатирано дека на територијата на општина Аеродром нема друга парцела со која би можела да се компензира оваа вредност. Дополнително, инвеститорот е изложен на високи тековни трошоци, поради што не може да чека процедури за изработка на нови ДУП-ови“, велат од Аеродром.
Инвеститорот „ЗСФ КОМ“ е недостапен за објаснување дали ќе продолжи со градбата. Од Аеродром велат дека инспекцијата излегла на терен на градилиштето и утврдила дека недостатоците се отстранети, но дека инвеститорот сè уште ги нема продолжено градежните активности.
Жителите на Аеродром преку протести недвосмислено му укажаа на градоначалникот дека се против деветкатницата и дека нема да дозволат да продолжи изградбата. Стопирањето токму на овој објект и поништување на планот со кој е предвиден беше главен адут во изборната кампања на сегашниот градоначалник на Аеродром, Златко Марин. Тој како опозиционер што се бори за градоначалничка функција, на претходниот градоначалник му предлагаше решенија, како обесштетување на сопствениците на земјиштето со пари или компензација со земјиште на друга локација за да го заштити просторот од дополнително градење. Кога стана градоначалник, не само што самиот не ги примени советите што му ги даваше на претходникот туку го смени и мислењето и во неколку наврати се оправдуваше дека не може ништо да преземе за да ја спречи градбата. По протестите на граѓаните, ја стопираше изградбата на 14 дена и најави дека, сепак, ќе бара решение за трајна заштита на зеленилото на просторот на кој е предвидена деветкатницата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Меџити не се појави на прес-конференцијата за опасниот пожар во Трубарево

Министерот за животна средина, Изет Меџити, вечерва не беше присутен на вонредната прес-конференција во МВР за големиот пожар во фабриката за електронски отпад во Трубарево, каде покрај батерии гореше и пластика што предизвика сериозна загриженост за здравјето на населението. Новинарите инсистираа да добијат одговор зошто ресорниот министер деновиве воопшто не се обратил до јавноста.
Министерот за здравство, Азир Алиу, рече дека материјал од местото на пожарот е земен од акредитирана институција и најави дека официјалните резултати ќе бидат објавени во понеделник.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, изјави дека повеќепати разговарал со Меџити и со неговата заменичка, но ги упати новинарите да го прашаат директно вицепремиерот зошто не се појавува.
Присутните новинари потсетија дека попладнево Меџити бил на партиски настан, додека истовремено гореше складиште со електронски и пластичен отпад во Трубарево. Дополнително, тој не се појави ниту во изминатите денови, кога во главниот град гореа повеќе депонии.
На денешната вонредна прес-конференција зборуваа министрите Панче Тошковски, Азир Алиу, Цветан Трипуновски и Владо Мисајловски, заменик-претседателот на Владата Љупчо Димовски, како и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Министерот Панче Тошковски објави дека не е регистрирано радијационо зрачење, а во непосредна близина на 150 метри на центарот од огнот има високо ниво на штетни супстанци и состојбата е високоризична. До 200 метри се забележува средно ниво на опасност, а до 400 е ниско ниво на опасност.
„За да ја минимизираме опасноста, препорачуваме оние кои се во непосредна близина да ги напуштат своите домови. На располагање се ставени сместувачки капацитети на Центарот за обука“, изјави Тошковски.
Тој истакна и дека се вршат разговори со три лица во станица, за да се утврдат околностите за пожарот, а оперативните активности продолжуваат.
Македонија
Тошковски: Жителите во непосредна близина на пожарот да ги напуштат живеалиштата поради штетните сустанци, радијација нема

Локализиран е пожарот кој избувна во складиштето за електроника во Трубарево, пришто опожарена е и пластика.
Министерот Панче Тошковски вечерва на вонредна прес-конференција објави дека не е регистрирано радијационо зрачење, а во непосредна близина на 150 метри на центарот од огнот има високо ниво на штетни супстанци и е високоризично. До 200 метри е средно ниво на опасност, а до 400 е ниско ниво на опасност.
„За да ја минимизираме опасноста, препорачуваме оние кои се во непосредна близина да ги напуштат своите домови. На располагање се ставани сместувачки капацитети на Центарот за обука“, изјави Тошковски, истакнувајќи дека на 400 метри од пожарот не е евидентирано загадување и ова се однесува на оние кои живеат во околината.
Тој истакна и дека се вршат разговори со три лица во станица, за да се утврдат околностите за пожарот, а оперативните активности продолжуваат.
Пожарот се гасне со песок, по препорака на меѓународни стручњаци. Министерот потврди дека горат батерии што налага посебен начин на делување.
Македонија
Вечерва ќе има први резултати за квалитетот на воздухот во Трубарево

Министерството за животна средина и просторно планирање ангажираше акредитирани лаборатории за мерење на квалитетот на амбиенталниот воздух во погодената зона, по пожарот што избувна во Трубарево.
Резултатите од овие мерења ќе бидат јавно објавени веднаш по нивната обработка, а првите резултати веќе се очекуваат вечерва.
Во очекување на резултатите од мерењата, Министерството препорачува граѓаните во погодената област да преземат следниве мерки за заштита:
1. Останете дома – Избегнувајте престој на отворено, особено во близина на локацијата на пожарот.
2. Затворете ги прозорците и вратите, за да се намали можноста за внесување на загаден воздух во просториите.
3. Исклучете надворешна вентилација, Избегнувајте користење на клима уреди и системи без филтри кои вовлекуваат воздух однадвор.
4. Заштитете ги ранливите групи – Децата, постарите лица и лицата со хронични заболувања нека останат во затворен простор.
5. Користете заштитни маски – Ако е неопходно излегување, носете маски од тип FFP2 или FFP3.
6. Бидете внимателни со храна и вода – Темелно измијте овошје и зеленчук од околните градини. Користете само вода од сигурни извори.
7. Следете ги официјалните информации, Редовно информирајте се преку каналите на Министерството.
Министерството апелира на смиреност и рационално однесување и уверува дека сите надлежни институции се мобилизирани за следење и управување со состојбата.