Македонија
СДСМ: Конфузното антинародно раководство на ВМРО-ДПМНЕ останува заглавено во шемите на Хидро-Мицкоски и Груевски

Речникот на антизападното раководство на ВМРО-ДПМНЕ предводено од антинародниот Христијан Мицкоски покажува дека врвот на опозицската партија е во длабока конфузија, без политички компас и без правец на политичко делување, реагираат од СДСМ.
„Портпаролот на антизападното и антинародното раководство на ВМРО-ДПМНЕ денеска ја промаши адресата, седиштето на оние кои го погазија правото и правната држава е во нивниот скапоцен дворец, симбол на криминалот, изграден во време на најголема сиромаштија и урнисана економија, во кој сега е сместено антизападното раководство предводено од Мицкоски, пионот на носителот на криминалот, Никола Груевски.
Прашањата за концесии, тендери и киловати, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ треба да ги упати до неговиот шеф Христијан Хидро Мицкоски и да го праша како преку судир на интереси, од Владата на неговиот ментор Никола Груевски добивал државно земјиште за да гради хидроцентрали.
Антизападното раководство на ВМРО-ДПМНЕ не може да се помири со волјата на мнозинството граѓани кои се определија за иднина во ЕУ и НАТО. Огромно мнозинство на пратеници ја следат волјата на граѓаните и во Собранието започнаа процес што води кон интеграција во ЕУ и НАТО.
Останатите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ треба да престанат да ги следат погубните политики на Груевски и пионот Хидро Мицкоски, да дадат поддршка за да се заокружи процесот во Собранието што води кон членство во НАТО и започнување преговори за членство во ЕУ“ порачаа од партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Утре сончево време со температура до 30 степени

Времето утре наутро ќе биде ведро и посвежо, преку денот сончево. Ќе дува слаб до умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен северен ветер, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 15, а максималната ќе достигне од 23 до 30 степени.
Во Скопје, сончево, со слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 30 степенiи.
Продолжува периодот на претежно сончево време со посвежи утра и постепен пораст на дневната температура.
Македонија
Почна реконструкцијата и изградбата на шест спортски терени во Гостивар

Општина Гостивар започна со реконструкција и изградба на 6 спортски терени, од кои 4 се спортски терени, еден парк со спортски терен и едно спортско игралиште, на различни населени места во градот.
Од нив, 3 постоечки терени ќе бидат реновирани и опремени со модерна опрема и тартан подлога, додека 3 нови терени ќе се изградат од почеток, според најсовремените стандарди за безбедност, квалитет и функционалност.
„Нашата цел е јасна: да создадеме простори каде што младите ќе поминуваат квалитетно време, ќе се занимаваат со спорт и ќе растат здрави. Овие инвестиции се инвестиции за иднината на нашите генерации,“ – истакна градоначалникот на Општина Гостивар, Валбон Лимани.
Македонија
Злоупотреби со регистрација на половни возила: 11 осомничени, меѓу нив и вработена во МВР

Секторот за внатрешни работи Куманово, во соработка со Одделот за внатрешна контрола и криминалистички истраги при МВР, поднесе кривични пријави против 11 лица поради повеќе кривични дела поврзани со плаќање давачки за увоз и регистрација на половни моторни возила.
Меѓу пријавените е и 43-годишна вработена во МВР – Одделение за управни работи Куманово, осомничена за „злоупотреба на службена положба и овластување“. Пријавен е и 29-годишен контролор во станица за технички прегледи поради „фалсификување исправа“ и „употреба на исправа со невистинита содржина“. Останатите лица се сомничат за „прикривање на стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама“ и „давање лажен исказ“.
Според МВР, во текот на 2024 година дел од пријавените договарале сопственици на возила со странски таблици, кои за половина од законските давачки за увоз, добивале регистрација без да ги платат потребните трошоци. Во електронскиот систем биле внесувани податоци за возила без платени царини, такси и надоместоци за регистрација.
Пријавениот контролор во станица за технички прегледи изготвувал и фалсификувани електронски табели налик на оние што ги издава Бирото за метрологија за хомологација на возила.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за понатамошно расчистување на случајот.