Македонија
ИК на ВМРО-ДПМНЕ: Смената на Данев не е поради актуелните случувања
Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ вчерашната седница ја посвети на актуелната дневно-политичка и економска состојба во државата и на внатрепартиските случувања при што беа разгледани низа кадровски прашања, информираат од партијата, додавајќи дека Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ го потврди изборот на Никола Мицевски за нов координатор на пратеничката група на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија.
„Мицевски денеска едногласно беше избран од колегите пратеници на координацијата на пратеничката група по предлог на досегашниот координатор Драган Данев. Никола Мицевски е искусен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ од Штип, а за нов координатор беше предложен од досегашниот координатор Драган Данев, кој од лични причини се повлече од функцијата координатор. Членовите на ИК на вчерашната седница му одадоа признание и благодарнoст на досегашниот координатор Драган Данев за неговото залагање и вложување во еден исклучително тежок период на работење и политичко дејствување и во Собранието на Република Македонија и севкупно во државата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата потврдија дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ во иднина ќе дејствуваат како една пратеничка група, наместо досегашните десет пратенички групи.
„Смената на координаторот на пратеничката група не е во врска со актуелните случувања во и околу партијата, туку е исклучиво заради натамошното поефикасно дејствување на пратеничката група. На редовниот состанок на Извршниот комитет беа констатирани оставките на Даниела Рангелова и на Лука Кржалоски од позициите претседател на Унијата на жени, односно Унијата на млади сили, и донесе одлука да се започне со распишување процедура за избор на нови раководни тела на УЖ и на УМС. До изборот на претседатели на УМС и УЖ, Извршниот комитет за в.д. претседатели ги именуваше Јован Јаулески и Благица Ласовска“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ
„Исто така беше констатирано дека без оглед на сите закани, уцени и притисоци, партијата продолжува на истиот курс во заштита на највисоките државни и национални интереси. Партиските акти изгласани на валандовскиот и кумановскиот конгрес и изборната програма на којашто членовите, активистите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ‘За подобра Македонија’ дадоа поддршка за неменување на Уставот со цел промена на уставното име и натаму остануваат основен приоритет во натамошното дејствување. Извршниот комитет исто така ги истакна и евро-атлантските определби на партијата и поддршката на процесите кои значат реформи во државата кои имаат цел да ја приближат Република Македонија кон стандардите на ЕУ и НАТО. Членството на Македонија во ЕУ и НАТО останува приоритет во дејствувањето на ВМРО-ДПМНЕ, но со особен акцент на ненарушување на достоинството на Македонија и македонскиот народ“, велат од партијата за актуелната политичка ситуација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска се обрати на свечена академија по повод 105 години од основањето на Филозофскиот факултет во Скопје
105 години Филозофски факултет значат повеќе од еден век умствен и духовен раст, традиција, научна извонредност и општествено созревање. Тоа е наследство што мора да го чуваме и да го негуваме. Верувам дека оваа институција и понатаму ќе биде водилка на општествената и на хуманистичката мисла, бранител на критичноста и чувар на академската слобода, рече министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на свечената академија со која високообразовната установа го одбележа големиот јубилеј.
„Факултетот не придонесува во развојот на државата само преку образованието и науката, туку и преку својата силна стратешка улога во креирањето на националните политики. Тука се раѓале концепти и научни согледувања што го обликувале образовниот систем, културните политики, социјалните институции и многу од современите професионални практики во државата. И во овој период, Филозофскиот факултет е активно вклучен во изработката на клучни национални стратегии“, рече Јаневска изразувајќи благодарност до сите поранешни и активни професори, истражувачи и вработени на факултетот за нивната посветеност, научен придонес и визија за општеството.

Министерката потенцираше дека иако по однос на неколку теми за време на нејзиниот мандат, ставовите на МОН и факултетот се разликувале, токму таквите јавни дискусии доведуваат до креирање на најдобрите решенија за обезбедување на поквалитетно национално образование. Очекува, како што рече, Филозофскиот факултет да остане меѓу најсилните партнери на државата кои отвораат пат кон нови образовни подвизи.
Јаневска изрази уверување дека буџетот за образование ќе продолжи да се зголемува, а со тоа ќе се зголемува и поддршката за развој на високото образование и науката.
„Држава која вложува во високото образование вложува во сопствената иднина – ја јакне својата конкурентност, го унапредува демократскиот капацитет и го поттикнува општествениот развој. Продолжуваме да креираме политики што обезбедуваат автономија, дигитализирани процеси, подобра научна инфраструктура и поддршка за младите истражувачи“, рече министерката.

Освен Јаневска, на свечената академија се обратија и ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Биљана Ангелова и деканот на Филозофскиот факултет, проф. д-р Оливер Бакрески кои се согласија дека академскиот простор мора да остане место каде знаењето се претвора во визија, а визијата во општествена вредност.
Македонија
Делови од Илинден, Аеродром, Чучер Сандево и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 15.00 часот, корисниците од ул. 27 во село Белимбегово, општина Илинден;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците од бул. Видое Смилевски Бато бр. 8А, општина Аеродром;
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците кои се напојуваат од изводот кој започнува од Рибилимус и продолжува во правец на Горно и Долно Оризари, општина Чучер Сандево;
– во периодот од 11.00 до 15.00 часот, корисниците од село Бардовци лоцирани кај Машинац зградите, општина Карпош.
Македонија
Магла во утринските часови, сончево со умерена облачност преку ден
Во утринските часови наместа ќе има појава на магла, а во текот на денот сончево со умерена облачност и претежно тивко. Во северозападните делови повремено ќе има зголемена облачност со услови за слаб дожд.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 1, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде умерено до значително облачно и претежно тивко.
Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредниот период
Продолжува периодот стабилно и претежно тивко време. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини ќе има појава на магла

