Европа
Бунтовниците тврдат дека платеници од Запад со свое оружје се борат во Украина
Странските платеници коишто се борат на страна на силите на владата во Киев во источна Украина, воопшто не се кријат и во борбите одат со своја техника и со свои екипажи, во авионите и тенковите, тврди еден од челниците на проруските бунтовници.
„Платениците од Западот воопшто не се сокриваат. Знам дека против (ткн народни) милициите дојдоа да се борат Полјаци, тие одат во борбите со својата техника и со свои екипажи, авионски и тенковски. Сега во Киев се доставува воена техника од источна Европа. Затоа продолжуваат да уфрлуваат против нас нови оклопни возила, и покрај тоа што ние уништивме огромен број од нив“, вели за РИА Новости Владимир Степанов, помошникот командант на баталјонот „Призрак“ на самопрогласената Народна Република Донецк.
На крајот од мај, пак, челникот на проруските народни милиции во самопрогласената Народна република Донецк во истоимениот источен регион на Украина, Александар Бородај, тврдеше дека поседуваат докази дека властите во Киев најмуваат странски платеници кои учествуваат во ткн „антитерористичка” воена операција во југоисточните региони.
„Слушаме во етерот преку радиоврските англиски говор. Го видовме списоците на луѓето кои ги запленивме на аеродромот (крај Донецк). Податоците се за лица со очигледно странско потекло, најверојатно англосаксонско. Непознато е дали станува збор за Американци или Англичани. Опремени се со снајпери…. Според начинот на употребата, според оружјето, доволно јасно се идентификуваат како странци. Тоа сигурно не се украински војници“, рече тогаш Бородај.
Руското министерство за надворешни работи уште во април изрази загриженост поради учеството на приватната компанија за безбедност „Грејстон” (Greystone), која е поврзана со некогашната агенција „Блеквотер”, во судирите во Украина, како и поради формирање единици составени од странски борци. Москва на почетокот од април соопшти дека околу 150 припадници на споменатата безбедносна компанија од САД учествувале во акциите против проруските демонстранти на истокот од Украина, пред започнувањето на борбените дејствија./крај/мф/сн
Извор: РИА Новости
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Пукање во Истанбул: расправија во кафуле прераснала во вооружен судир, има убиени и повредени
ТРИ лица загинаа, а пет се повредени, од кои две потешко, во пукотница што се случи синоќа во кафуле во областа Ускудар во Истанбул, соопштија турските власти.
Инцидентот се случил на улицата Ајазма во областа Уналан кога расправијата меѓу две групи прераснала во вооружен конфликт, пишува турски „Хуриет“. Според првите извештаи, веднаш по тепачката на местото биле испратени полициски и медицински екипи.
„Кавга помеѓу две групи околу 20 часот и 10 минути во кафуле на улицата Ајазма во областа Ускудар Уналан прерасна во вооружен конфликт. Три лица го загубија животот, а пет лица се повредени, од кои 2 потешко. Повредените се згрижени во близина. Во болниците продолжува истрагата“, соопшти гувернерот на Истанбул.
Европа
Децата од Британија прават најмалку физички вежби во Европа
Истражувањето објавено од Светската здравствена организација (СЗО) покажало дека децата на возраст од 11, 13 и 15 години од Велика Британија прават најмалку физички вежби на дневна основа во споредба со децата од другите земји во Европа, централна Азија и Канада.
Околу 11 отсто од девојчињата и 16 отсто од момчињата во Англија го прават препорачаниот час физички тренинг дневно, пишува британски „Тајмс“.
Физичката активност, од умерена до енергична, вклучува работи како брзо одење, возење велосипед и возење ролери.
„Имаме голем јаз меѓу половите и големи социо-економски разлики. Две третини од 15-годишните момчиња во Велика Британија учествуваат во енергична физичка активност четири или повеќепати неделно, но само една третина од девојчињата“, рече координаторот на оваа меѓународна студија, Џо Инчли, од Универзитетот во Глазгов.
Таа изјавила дека посилните вежби, во кои срцето чука малку побргу, исчезнуваат од животот на младите.
„Порано, кога младите поминуваа многу време надвор, тој број ќе беше многу поголем. Сега гледаме дека многу опаѓа и мислам дека тоа е многу загрижувачки бидејќи може да има големо влијание врз здравјето и благосостојбата на младите“, рече Инчли.
Регионалниот директор на СЗО за Европа, Ханс Клуге, истакна дека редовната физичка активност, здравите навики во исхраната и одржувањето здрава телесна тежина се клучни делови од здравиот живот.
„Наодите од истражувањето укажуваат на потребата од насочени интервенции за да им се овозможи на адолесцентите да усвојат поздрави навики и да избегнуваат навики што влијаат не само на нивното сегашно здравје и благосостојба туку и на нивните идни траектории“, рече Клуге.
Европа
Нови детали за атентатот на Фицо: напаѓачот ја поддржувал Украина, сакал да му се одмазди на словачкиот премиер
Претседателот на словачкиот парламент, Љубош Блага, изјави дека убиецот на премиерот на земјата, Роберт Фицо, 71-годишниот Јурај Цинтула, е проукраински и ги обвини либералните американски медиуми дека шират дезинформации за да го прикријат овој факт.
Весникот СМЕ ги обвини руските медиуми дека почнале кампања за дезинформација во врска со атентатот на Фицо. „Всушност, дезинформациите се шират од американските либерални медиуми. СМЕ во денешниот напис привлекува внимание на она што Русите го нарекуваат Цинтула проукраински. Но, тие се апсолутно во право за тоа. Беше проукраински ориентиран“, напиша Блага на својот канал на „Телеграм“.
Според него, Цинтула на еден од антивладините собири извикал: „Да живее Украина“ и ја пцуел словачката влада.
„Американските либерални медиуми се обидуваат да скријат дека напаѓачот и потенцијалниот терорист Цинтула е политички фанатик од нивниот сопствен табор, проукраински, анти-Трамп и прогресивно ориентиран“, додаде Блага.
Тој посочи дека на американските либерали не им се допаѓа тоа што политичкото насилство го создаваат нивните либерални активисти.
Покрај тоа, словачкиот портал „Правда“ објави детали од атентатот на Фицо.
Според написот, Цинтула никому не му кажал за своите планови, а нападот го планирал два дена пред атентатот.
„Целта му била одмаздата, а тој повторува дека не сакал да убие никого, туку само да му наштети на здравјето на премиерот Роберто Фико за да не може повеќе да ја извршува таа функција. Нападот го планирал два дена и подготвил два куршума“, пишува порталот повикувајќи се на судски документи.
Според порталот, Цинтула изјавил дека би сакал да му се извини на својот премиер.
„Правда“ посочува и дека обвинетиот за нападот на Фицо никому не му кажал за своите планови и дека тој наводно пукал за да не повреди никого, освен премиерот.
Словачкиот премиер Роберт Фицо беше ранет во пукање по седницата на владата на 15 мај, која се одржа во градот Хандлова, на околу 150 километри североисточно од Братислава. Фицо веднаш бил хоспитализиран во болница, а по неколкучасовната операција, 24 часа бил ставен во вештачка кома, потсетуваат тамошните медиуми.
Сегашната состојба на словачкиот премиер останува стабилна, изјави вицепремиерот и министер за одбрана, Роберт Калињак.