Свет
Кина мора да стави крај на затвореничките кампови во Сјинџијанг
Законодавците од власта и опозицијата во Германија ја повикаа Кина да стави крај на репресивната политика што ја води против муслиманите во северозападен Сјинџијанг.
Опозицијата „Зелена партија“ ги обвини властите во Кина за сериозно прекршување на човекови права, присилна политичка доктрина и постојан надзор на регионот.
„Приближно еден милион лица без причина се приведени во затворенички кампови во североисточниот кинески регион Сјинџијанг“, изјави Маргарет Баузе од Зелената партија за време на една парламентарна дебата во врска со ситуацијата нарушување на човековите права во Сјинџијанг.
Баузе упати остри критики до властите кои вршат репресивна политика во однос на верската слобода.
„Молењето е забрането, џамиите демолирани. Целта на овие мерки е системско елиминирање на културата и идентитетот на муслиманското малцинство во Сјинџијанг“, додава таа.
Штефан Либих од опозициската левичарска партија изјави дека приведувањето на еден милион луѓе во затворенички кампови во Сјинџијанг е неприфатливо. Либих додава дека е разбирливо дека Кина стравува за стабилноста на земјата и заканата од тероризам.
„Сепак, тоа не е оправдание за постојан надзор, шпионирање, затворенички кампови и измачување“, посочи Либих.
Михаел Бранд, од партијата Христијанска демократска унија на канцеларката Ангела Меркел, даде ветување дека владата ќе продолжи да работи на прашањето за човековите права.
„Под изговор дека се работи за борба против тероризам, бруталната репресија и нарушувањето на човековите права продолжува во Сјинџијанг“, посочи Бранд.
Бранд упати критика до властите на Кина кои тврдат дека затвореничките кампови се всушност „стручни образовни центри“ и нагласи дека овие објаснувања се далеку од веродостојни.
Коалицискиот партнер на Меркел, СДП, се придружи кон повиците за Кина да ги затвори овие кампови.
„Кога ги читаме извештаите од активистите за човекови права добиваме впечаток дека Сјинџијанг се претвора во затвор на отворено“, вели Франк Швабе од Социјал-демократската партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Лукашенко го пофали Ким Џонг-ун: Тој го знае своето место во светот, тој не е некаков фантом
Белорускиот претседател Александар Лукашенко изјави дека, по средбата со севернокорејскиот претседател Ким Џонг-ун, добил впечаток дека е „сосема нормална личност која го знае своето место во светот“.
Лукашенко рече дека неговиот впечаток за Ким Џонг-ун главно се темелел на она што го објавиле медиумите, но дека по средбата на воената парада во Кина во септември оваа година, добил впечаток дека „е можно да се постигне договор со него“, објавува агенцијата Белта.
„Но, кога разговарав со него, видов сосема нормална личност која го знае своето место во светот. Тој не е некаков фантом. Тој е пристојна, смирена, искрена личност. Тоа беше кратка средба. Но, тоа е впечатокот што го добив. Сигурен сум дека мојот впечаток е точен. Можно е да се постигне договор со него“, истакна Лукашенко.
Лукашенко, исто така, рече дека е можно да ја посети Северна Кореја.
Во честитката до Ким Џонг-ун, по повод националниот празник на 9 септември, тој ја потврди својата подготвеност да го стори тоа во најкраток можен рок за двете страни, така што меѓудржавните односи ќе се подигнат на квалитативно ново ниво.
Фото: депозитфотос
Свет
Орбан пристигна во Брисел на клучниот состанок: „Договорот е мртов“
Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави по пристигнувањето на самитот на ЕУ во Брисел дека, според него, идејата за користење на замрзнатите руски средства за финансирање на Украина пропаднала.
Орбан им рече на новинарите дека во Европската унија ќе има доволен број земји-членки за таканареченото блокирачко малцинство кое ќе ја спречи одлуката за репарацискиот заем за Украина.
Тој исто така додаде дека Европската унија мора да „се држи подалеку од војната“ и да „работи за постигнување мир“.
Медиумите потсетуваат дека лидерите на Европската унија денес се среќаваат во Брисел на еден од најнапнатите самити во последните години за да се договорат за клучна одлука за финансирањето на Украина за 2026 и 2027 година.
Фото: депозитфотос
Свет
Фон дер Лајен: Нема да го напуштам самитот на ЕУ без решение за финансирањето на Украина
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека очекува земјите-членки на ЕУ да постигнат договор за финансирањето на Украина на дводневниот самит, кој започнува денес во Брисел.
„Нема да го напуштам советот без решение за финансирање на Украина“, изјави таа пред новинарите пред состанокот, пренесува Ројтерс.
За да можат да ги користат замрзнатите руски средства, лидерите на ЕУ прво треба да ја убедат Белгија, која поседува 185 милијарди евра од вкупно 210 милијарди евра замрзнати во Европа, дека нема да биде оставена сама ако Русија поднесе тужба пред меѓународните судови.
„Целосно ја поддржувам Белгија“, изјави претседателката на Европската комисија, според агенцијата.
Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, денес изјави дека е уверена дека лидерите на Европската Унија ќе постигнат договор за користење на замрзнатите руски средства за финансирање на одбраната и обновата на Украина пред денешниот самит на ЕУ.
Во интервју за германскиот радио канал „Дојчландфунк“, таа рече дека ова нема да биде прв пат да се најде решение во многу сложена ситуација.
Лидерите на Европската унија денес ќе одлучат како да ја финансираат Украина во 2026 и 2027 година, за да може таа земја да продолжи да се спротивставува на руската агресија, а користењето на руските средства замрзнати во ЕУ е најверојатната опција, пренесува „Ројтерс“, пренесува „Танјуг“.
Фото: депозитфотос

