Македонија
Триесет дена притвор за бизнисменот Орце Камчев
Триесет дена притвор за бизнисменот Орце Камчев, неговиот соработник Ненад Јосифовиќ, директорот на „Ексико“ Тодор Мирчевски, Цветан Панделески, директор на ЗК Пелагонија и за Зорица Арсовска, сметководител во фирмите на Камчев. Ова е одлуката на судијката по претходна постапка за случајот „Империја“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), по речиси десетчасовен распит на петмината приведени од вкупно 13 осомничени.
Околу 2.30 часот утринава, дел од осомничените беа спроведени во Истражниот затвор во Шутка. Тие се сомничат за злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари.
Претходно, обвинителката од СЈО Лиле Стефанова која го води случајот, заедно со Катица Јанева, пристигнаа во судот да ги подигнат решенијата за притвор за Камчев и Јосифовиќ, додека другите решенија сè уште се изготвуваа.

Осомничените за „Империја“ влегуваат во Истражниот затвор
Петмината осомничени кои беа приведени почнаа да пристигнуваат на распит во Кривичниот суд вчера околу 14 часот. Последен пристигна бизнисменот Орце Камчев, кој беше донесен со возило директно во гаражата на судот.
Претресот во просториите на Орка Холдинг почна вчера, околу 6 часот утрината со асистенција на Одделот за сузбивање организиран криминал и корупција.
„Империјата“ на СЈО ги отвори прашањата за сестринските фирми и оф-шор компании кои се поврзуваат со бизнисменот Орце Камчев, но од обвинителството не соопштија конкретно за што станува збор. Она што е познато во јавноста е дека станувало збор за еден од пообемните предмети кој долго време бил во предистражна постапка од повеќемина обвинители на СЈО.
Еден од сегментите на истрагата е и контроверзната оф-шор компанија од Лугано, Ексико, понатаму фирмата НВСП за која во аудиоснимките на СДСМ можеше да се слушне дека ексдиректорот на УБК Мијалков договорал милионски провизии со Израелците за набавка на опрема за прислушување, но она што е најголем заеднички именител за повеќето осомничени се фирмите Орка Холдинг, Жито Полог Тетово и земјоделскиот комбинат Пелагонија од Битола.
Пред да почне распитот во Кривичниот суд, двајца од осомничените, Камчев и Панделески се огласија со соопштенија во кои се вели дека нивните фирми вработуваат многу лица и дека нивната работа се базира на транспарентност и одговорност.
Од СЈО најавија дека во скоро време ќе ја прошират истрагата за нови лица и за нови кривични дела и ќе бараат замрзнување на имотот.

Цветан Панделески, директор на ЗК Пелагонија влегува на распит во Кривичниот суд
Во прилог „Макфакс“ прикажува кои се осомничените лица во случајот „Империја“:
Јордан (Орце) Камчев – директор на Орка Холдинг, Аџибадем Систина, Лајф кеар сентар, поранешен неизвршен член на Одбор на директори на Бетон Штип, неизвршен член на Одбор на директори на ЗК Пелагонија
Сашо Мијалков – поранешен директор на УБК
Ненад Јосифовиќ – близок соработник на Камчев, член на Надзорен одбор на Стопанска банка Битола
Цветан Панделески – директор на ЗК Пелагонија АД Битола, поранешен неизвршен член на Одбор на директори на Бетон – Штип, татко на Дејан Панделески, директор на Пелистерка
Ратка Куноска Камчева – мајка на Камчев и неизвршен член на Одбор на директори на Орка Ходинг
Кристина Камчева Стојческа – сестра на Камчев и неизвршен член на Одбор на директори на Жито Полог Тетово, Кара АД, Монт ДООЕЛ, Орка Фајнанс ДООЕЛ и О.К хотел ДООЕЛ Скопје
Зорица Арсовска – сметководител во фирмите на Камчев, неизвршен член на Одбор на директори на Жито Полог, неизвршен член на Одбор на директори на ЗК Пелагонија, неизвршен член на Одбор на директори на Орка Холдинг
Лилјана Гајдоска – правник во фирмите на Камчев, неизвршен член на Одбор на директори на ЗК Пелагонија
Владислав Стајковиќ – сопственик на НВСП, доскорешен директор на „Мобико“ и поранешен директор на „Финзи“
Тодор Мирчевски – директор на „Ексико“, поранешен неизвршен член на Одбор на директори на Бетон – Штип, неизвршен член на Одбор на директори на ЗК Пелагонија, неизвршен член на Одбор на директори на Жито Полог
Ванче Мијалчев – извршен директор на Бетон Штип
Јованче Тасковски – брокер и овластено лице во ДИС- Архивирај ДОО Скопје
Дејан Јанев
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по влажни коловози. Слаб снег провејува на планинскиот премин Стража кој во мометот не се здржува на коловозот. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има на Плетвар и Пресека, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Бутел, Ѓорче Петров и Аеродром денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од ул. бр. 2 во с. Љубанци. (Општина Бутел)
· од 08:30 до 15:00 часот, корисниците од ул. бр. 101 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
· од 09:00 до 12:00 часот, корисниците од улиците со бр. 1 и бр. 9 во с. Долно Лисиче. (Општина Аеродром)
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот локални врнежи од дожд
Променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, а на планините и на повисоките места претежно во западните и северните делови од снег. Ќе дува слаб до умерен северозападен, а наместа во западните делови повремено засилен западен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 5, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Во вторник ќе има заладување со нови пообилни врнежи кои на планините и на повисоките места ќе бидат од снег. На планините ќе се зголеми висината на снежната покривка, а нова се очекува да се формира и во некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а во петок повторно ќе има врнежи од дожд и снег.

