Македонија
Во битката со аерозагадувањето приоритет се домаќинствата и транспортот
Со двегодишен план и стратегија за справување со аерозагадувањето и дополнителни 1,5 милион евра за интервентни мерки за две години квалитетот на воздухот во Скопје ќе се подобри 50 отсто, а во градовите каде што исто така состојбата е алармантна, загадувањето ќе се намали од 30 до 50 отсто. Ова го најави заменик-министерот за животна средина, Јани Макрадули, на денешната прес-конференција нарекувајќи го овој план историски за нашата земја. Според процените што биле направени изминатиов период, најголеми загадувачи се домаќинствата што користат нееколошка топлотна енергија и транспортот.
„Направивме план интервентно да дејствуваме во помош на домаќинствата што се греат со алтернативни горива што не се еколошки. Тие самите не се виновни и нивната економска состојба тоа го налага и државата ќе им помогне со замана на начинот на затоплување. Предвидено е намалување на данокот на додадена вредност од 18 на 5 отсто за оние што ќе се приклучат на централната мрежа за греење, потоа стимулативни кредити за купување печки со пелети итн.“, рече Макрадули.
Што се однесува до трнспортот, кој се посочува како втор најголем виновник за загадувањето, Макрадули вели дека ќе се преземат мерки, како воведување училишни автобуси, набавка на возила со елктричен погон, стимулирање на велосипедскиот сообраќај, рацинално користење на возилата.
Со индустриските загадувачи државата ќе се справува со ангажирање повеќе инспектори, континуиран мониторинг и вложување во акредитирани лаборатории. Мерните станици, според Макрадули, се само за да имаме увид во бројките, но поважно е да се лоцираат и да се отстранат загадувачите.
„Мерните станици што моментно не работат треба соодветно да се поправат за да имаме точен увид во загадувањето со ПМ-честичките. Но, она што е поважно е да се работи на причините на загадувањето и тие да се отстранат. Планот е направен врз целосна и детаљна анализа на експерти и тој почнува да се спроведува оперативно од денес“, рече Макрадули.
Во стратегијата за борба со аерозагадувањето ќе се обезбеди помош и од европските фондови, а на вчерашната седница како првични средства за оваа намена во буџетот за 2019 година се предвидени 98 милиони денари, со препорака за обезбедување дополнителни финансиски средства за оваа програма да се искористат постојните потенцијали од донаторската заедница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши и Бегај од Скопје порачаа: Заеднички кон ЕУ и подлабока регионална соработка
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнат и унапредат. На меѓународен план, двете држави имаат исти цели и интереси, а тоа се членството во Европската унија, меѓусебната поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Тој изрази очекување и надеж дека двете држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, бидејќи тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот на Западен Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатералните парламентарни односи, претседателот Гаши истакна дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат речиси секоја година.
Претседателот Бегај истакна дека Република Северна Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и претставуваат пример за соработка во регионот. Тој посочи дека е унапредена соработката во многу сфери од заеднички интерес, што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Останува определбата за уште поголема соработка, особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста и улогата на Македонците и Албанците кои живеат во двете земји и претставуваат мост за градење стабилни и пријателски односи. Патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.
Македонија
Движење ЗНАМ: Иницираме кратење на пратеничкиот состав од 120 на 90 во новото решение на Изборниот Законик
Потпретседателката на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, ја потврди заложбата на Движењето во однос на неопходноста од суштински и системски измени на изборниот модел во Република Македонија.
„Заложбите на Движење ЗНАМ се за воведување на една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, со што ќе се овозможи правична застапеност и на помалите политички субјекти и независните пратенички листи. Што всушност беше и барање во одлуката на Уставниот суд.“ – истакна Бендевска.
Дополнително, таа нагласи дека цврст став на Движењето е намалување на бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што, како што посочи, ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата.
„Го афирмирам односно реафирмирам ставот на Движење ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници на 90 со што ќе се придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки и ќе значи значителна придобивка за Буџетот на државата. Воедно, ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, кое ќе биде во служба на побрз, поквалитетен и посериозен законодавен процес.“ – потенцираше потпретседателката.
Во однос на гласањето на дијаспората, таа потсети дека воведувањето на ваквиот модел беше проследено со зголемување на бројот на пратеници на 123, што, како што нагласи, отвори низа прашања за финансиската оправданост и ефикасноста на изборниот процес во странство.
„Сведоци сме колку чини изборната постапка која подразбира испраќање избирачки одбори во дијаспората, при што бројот на гласачи во повеќе случаи не соодветствуваше со првичната намера и очекувањата.“ – изјави Бендевска.
ЗНАМ додава дека ќе продолжи да се залага за изборен модел што гарантира еднаква вредност на секој глас и институции што работат ефикасно, транспарентно и во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.

