Економија
(Видео) Арсовски: Буџетот на СДСМ за 2019 е поголем за цели 700 милиони евра од последниот на ВМРО-ДПМНЕ
Буџетот кој криминогената власт го предлага за 2019 година е мегаломански, расипнички и дополнително ќе ги осиромаши граѓаните на Република Македонија. Ова што го прават Заев и Тевдовски е загрижувачко. За својот картел на власт си го испланирале најголемиот во историјата на Република Македонија, обвини Димче Арсовски од ВМРО-ДПМНЕ.
„3,7 милијарди евра изнесува мегаломанскиот Буџет на Тевдовски и Заев за 2019 година или за над 300 милиони евра поголем и од Буџетот за 2018 година кој исто така го правеа Тевдовски, Заев и целата неспособна власт на СДСМ. Буџетот за 2019 година на СДСМ е поголем за цели 700 милиони евра од последниот Буџет кој го креираше ВМРО-ДПМНЕ во 2016 година. Ова сега е чист грабеж. Ќе собираат повеќе пари од граѓаните и фирмите преку даноци и казни, а ќе ги трошат за сопствено луксузирање, наместени тендери и криминални субвенции и иновации.
Ова само го покажува лицемерието и неспособноста на оваа Влада на СДСМ во однос на граѓаните и нашата држава. Оние што обвинуваа пред да дојдат на власт дека Буџетите проектирани од ВМРО-ДПМНЕ се огромни и ја тонат државата, сега го имаат најголемиот Буџет во историјата на Македонија, кој пак е далеку од примерите кои што ги даваше Тевдовски за Буџетите во Данска и Финска како таму се проектирале. Очигледно Тевдовски ни направил според големината на сумата, дански Буџет за македонски услови и урнисана економија.
„Секој денар од буџетот на увид на граѓаните“. и „Ќе ги скратиме непродуктивните трошоци“ беа фразите што Заев како навиен не ги вадеше од уста пред изборите и ги лажеше граѓаните, а сега сме сведоци на најголемиот Буџет до сега, со најголемите ставки за непродуктивни трошоци, нормално, без ниту еден денар на увид кај граѓаните како се трошел минатата година Буџетот и како ќе се троши идната.
Интересно е што Зоран Заев нема решение за загадувањето и ќе проба да го најде идната година со само 2.5 милиони евра одвоени во новиот Буџет, но затоа пак за НВО организации и претпријатија одвоил 100 милиони евра, или 60 милиони евра повеќе од Буџетот за 2018 година. Да потсетиме дека согласно Буџетот за НВО организации оваа година беа набавени лубриканти во висина од 1.5 милиони евра. Ветувајќи дека Заев и Тевдовски ќе ги кратат непродуктивните трошоци, во Буџетот за 2019 година одвоиле средства во висина од 3.7 милиони евра за набавка на возила, односно 2.7 милиони евра повеќе во однос на овогодинешниот Буџет. Најверојатно СДСМ ќе купуваат камион за комунална хигиена што им го украдоа деновиве или пак ќе купуваат возила за гумите што ги набави Шеќеринска да може да ги наместат и да ги искористат.
Освен непродуктивните трошоци, нејасни каде ќе се трошат и за што, Тевдовски и Заев во Буџетот за 2019 година предвидуваат задолжувања дома и во странство од 800 милиони евра. Замислете, до сега откако се на власт не задолжија над 1 милијарда, идната година планираат уште 800 милиони евра плус да не задолжат, кои најверојатно ќе бидат исто така над 1 милијарда, а ниту еден единствен проект немаат реализирано, додека пак проекциите за БДП се жалосни од сите релевантни институции и фактори. Ниту едно ветување од пред изборите на СДСМ не им е реализирано. Нема 500 евра плата, нема 100.000 денари плата за докторите, нема повисоки пензии и стипендии. Нема студентски домови, нема болници, нема клиники, нема 1.000 километри автопат, едноставно, не реализираа ништо. Впрочем нема ни да реализираат ништо ниту идната година.
Затоа ги повикуваме Заев и Тевдовски и целото криминогено раководство на СДСМ да се вразумат и да ги редуцираат проекциите и трошоците, бидејќи овој Буџет ниту може да го издржи нашата економија, ниту пак СДСМ има план и знаење како да ја крене економијата со овој мегаломантски Буџет. Повеќе од јасно е дека парите ќе завршат во нечии џебови кај фирмите на Заев, Анѓушев и блиските до СДСМ. СДСМ не се способни да ја водат државата и се повеќе ја тонат. Затоа што побрзо си заминат од власт, толку подобро за граѓаните, а Република Македонија ќе тргне напред!“ порача Арсовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски објави инвестиција од 100 милиони во енергетиката
Премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека Владата потпишала договори за инвестиции во енергетскиот сектор во вкупна вредност од околу 100 милиони евра, со што, како што истакна, енергетиката се позиционира како еден од клучните национални приоритети.
Како што наведе Мицкоски, потпишани се договори за реализација на фотонапонската електрана „Битола 3“ и за ревитализација на хидроелектраните – Фаза 3. Вкупната вредност на инвестициите изнесува 97 милиони евра, од кои 50 милиони евра се обезбедени од КФВ банка за фотонапонската електрана „Битола 3“, 10 милиони евра се наменети за ревитализација на хидроелектраните, додека 37 милиони евра се средства од Европската банка за обнова и развој за истиот фотоволтаичен проект.
Според премиерот, со овие проекти инвестициите во енергетскиот сектор се приближуваат до 100 милиони евра и имаат стратешко значење за националната безбедност, економската стабилност и долгорочниот развој на државата. Тој посочи дека сигурен и стабилен енергетски систем е предуслов за намалување на зависноста од увоз на електрична енергија и за стабилизирање на енергетскиот биланс.
Мицкоски истакна дека фотонапонската електрана „Битола 3“ претставува чекор кон модерна и одржлива енергетика, додека ревитализацијата на хидроелектраните ќе придонесе за зголемена ефикасност и продолжен работен век на постојните капацитети.
Премиерот додаде дека инвестициите ќе имаат и економски ефект преку отворање нови работни места, ангажман на домашната индустрија и развој на локалните заедници. Тој изрази благодарност до Министерството за финансии, АД ЕСМ, како и до меѓународните партнери КФВ Банка и Европската банка за обнова и развој за поддршката и довербата во проектите.
Економија
Одржана седница на Комитетот за финансиска стабилност: финансиската стабилност е зачувана
Финансиската стабилност е задржана, а финансискиот систем и натаму покажува добра отпорност и способност за справување со предизвиците. Овие оцени беа дадени на седницата на Комитетот за финансиска стабилност, одржана во Народната банка, на која присуствуваа Трајко Славески, гувернер на Народната банка, Гордана Димитриеска-Кочоска, министерка за финансии, Бујаре Абази, претседателка на Комисијата за хартии од вредност, Ремзи Бајрами, претседател на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) и Ели Дракуловска, претседателка на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување.
Макроекономскиот амбиент е поповолен, но и натаму е неизвесен. Трговската неизвесност, геополитичките тензии, нарушувањата во синџирите на снабдување и непредвидливоста во политиките создаваат зголемени ризици за светската економија, а посредно и за домашната економија. Како мала и отворена економија, земјава е чувствителна на надворешни шокови. Сепак, ефектите од овие ризици засега се оценуваат како ограничени, а отпорноста на финансискиот систем на шокови е значително зајакната.
Во третиот квартал од 2025 година, банкарскиот сектор ја задржа стабилноста и непречено го извршуваше финансиското посредување. Банките работеа во постабилен амбиент, но и натаму имаше неизвесност поврзана со трговските бариери и светските политики. Во овој период е забележана поголема кредитна и депозитна активност, проследено со натамошно намалување на евроизираноста на билансите на банките.
„Банкарскиот сектор располага со солидна солвентност, којашто достигнува највисоки нивоа од 2006 година, како и со задоволителна ликвидност. Квалитетот на кредитното портфолио и натаму е солиден, при што нефункционалните кредити се намалени на историски најниските 2,3%, а не се очекува влошување на портфолиото од реструктурирани и пролонгирани кредити, коишто се мали по обем и уште се намалуваат. Профитабилноста на банките сѐ уште е добра и претставува значаен извор за натамошно зголемување на нивниот капитал, иако е благо пониска во однос на претходниот период. Макропрудентните мерки на Народната банка и натаму имаат значителен придонес за јакнењето на солвентноста и отпорноста на банкарскиот сектор на потенцијални шокови“, посочи гувернерот д-р Трајко Славески.
„Одржувањето на стабилноста на финансискиот систем во целина е особено значаен за остварување на економските политики што ги спроведува Владата и Министерството за финансии. За таа цел, се преземаат мерки и активности за подобрување на законската регулатива, вклучително и за финансиските друштва и друштвата за лизинг со цел да се олесни пристапот за финансирање и заштита на потрошувачите“, рече министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
„Комисијата за хартии од вредност постојано го зајакнува регулаторниот и надзорниот пристап кон пазарот на капитал, каде што вкупната пазарна капитализација на акциите и обврзниците на 30.11.2025 година изнесуваше 378,5 милијарди денари, а индексот МБИ-10 бележи раст од речиси 12% на годишно ниво. Истовремено, нето-вредноста на средствата на инвестициските фондови на 30.11.2025 година достигна 28,5 милијарди денари, што претставува зголемување од 47% во однос на минатата година. Во услови на зголемена дигитална зависност на финансиските институции, Комисијата за хартии од вредност и во иднина ќе биде посветена на унапредување на дигиталната отпорност на критичната пазарна инфраструктура, како предуслов за долгорочен интегритет и напредок на пазарот на капитал и на финансискиот систем во целина“, истакна претседателката на КХВ, м-р Бујаре Абази.
Претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување ‒ МАПАС, Ремзи Бајрами, истакна дека во услови на зголемена неизвесност на светските финансиски пазари и постепена нормализација на монетарните политики, капитално финансираното пензиско осигурување и натаму има значајна улога во зачувувањето на финансиската стабилност преку долгорочно и претпазливо инвестирање, претежна изложеност во домашни државни хартии од вредност и соодветна географска и секторска диверзификација. Истовремено, надлежните институции преку координиран надзор и размена на информации внимателно ги следат ризиците поврзани со движењата на каматните стапки, инфлацијата и ликвидноста, заради навремено ублажување на потенцијалните системски ризици. Оттука, се работи на воведување на концептот на мултифондови, како структурна реформа што ќе овозможи поусогласено управување со инвестициските ризици според животниот циклус на членовите, зголемување на долгорочните приноси и дополнително зајакнување на отпорноста и стабилноста на пензискиот систем.
Во своето излагање, Дракуловска, претседателка на Советот на експерти на АСО, заклучи дека осигурителниот пазар во сегментите неживот и живот во 2025 година го обезбедува континуитетот на растот. За првите девет месеци годинава, вложувањата во осигурувањето достигнале ниво од 13,80 милијарди денари (223,77 милиони евра), што претставува зголемување од 13,3 отсто во споредба истиот период од 2024 година. Во истиот период друштвата за осигурување исплатиле бруто-износ на штети од 4,82 милијарди денари, што во споредба со истиот период лани претставува зголемување од 11,4%. Во делот на легислативата и приближувањето кон стандардите на ЕУ, Дракуловска рече дека АСО и Министерството за финансии ќе ги завршат активностите поврзани со изготвувањето на новиот Закон за осигурувањето. Воедно, АСО започна со подготовката за спроведување на светскиот стандард за финансиско известување МСФИ 17. Во делот на супервизијата, АСО ќе се стави поголем акцент на зајакнувањето на супервизорските капацитети и постепено воведување супервизија заснована на ризиците.
Комитетот ја нагласи потребата од натамошно внимателно следење и претпазливо управување со ризиците од страна на финансиските институции, како и при водењето на економските и финансиските политики, како поддршка за одржувањето на финансиската стабилност и во наредниот период.
Економија
Пуштена во употреба новата микробиолошка лабораторија за квалитет на „Алкалоид“ при официјалната посета на владина делегација на компанијата
ГЛАВНАТА ЦЕЛ НА МИКРОБИОЛОШКАТА ЛАБОРАТОРИЈА ЗА КОНТРОЛА НА КВАЛИТЕТ, НАЈНОВАТА ИНВЕСТИЦИЈА НА „АЛКАЛОИД“ АД ВРЕДНА 3,1 МИЛИОНИ ЕВРА, Е ОБЕЗБЕДУВАЊЕ НАЈВИСОКО НИВО НА КОНТРОЛА НА МИКРОБИОЛОШКИОТ КВАЛИТЕТ НА СУРОВИНИТЕ, ПРИМАРНАТА АМБАЛАЖА, ПОЛУПРОИЗВОДИТЕ И НА ГОТОВИТЕ ПРОИЗВОДИ.
На простор од близу 700 м2 се спроведуваат активности како што се мониторинг на просториите и површините, мониторинг на системите за производство и дистрибуција на прочистена фармацевтска вода, мониторинг на компримираниот воздух, верификација на чистењето на процесната опрема, тестови за стерилност, идентификација на микроорганизми, тестирање на антимикробната ефикасност, потврда за ефикасноста на дезинфициенсите, како и други анализи, во согласност со регулаторните барања.


Оваа најнова инвестиција на „Алкалоид“ беше пуштена во употреба при официјалната посета на владина делегација на компанијата, предводена од Претседателот на Владата проф. д-р Христијан Мицкоски, придружуван од д-р Азир Алиу, Министер за здравство, и од г. Сашо Клековски, Директор на Фондот за здравствено осигурување.
„Со Микробиолошката лабораторија за контрола на квалитет Македонија се позиционира како регионален лидер не само во фармацевтската микробиологија, туку и во целокупната контрола на лекови. Проектот е целосно финансиран и реализиран од ’Алкалоид’ АД, со сопствени ресурси, интерна експертиза и со инвестиција од околу 3,1 милиони евра реализирана во период од речиси две години, што е јасна потврда за визијата, знаењето и за долгорочната посветеност на компанијата на врвниот квалитет“, изјави Живко Мукаетов, Генерален директор и Претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје.

„За мене претставува огромна чест и задоволство што денеска во ’Алкалоид’ видовме работи кои ги гледаме во најсовремените светски фармацевтски индустрии. Горди сме што се македонски. Благодарност до Генералниот директор и до сите вработени кои денеска стручно ни објаснија со што сè се занимава оваа компанија и можам со задоволство да констатирам дека над 3000 вработени ја градат својата иднина во ’Алкалоид’. Извозното портфолио на компанијата, кое е повеќе од две третини од производството, позитивно влијае во насока на економската состојба на државата и зголемувањето на БДП и на индустриското производство, па затоа ние како Влада секогаш ќе поддржуваме успешни македонски приказни бидејќи нема подобра промоција за државата од ваква успешна приказна надвор од границите“, изјави Претседателот на Владата проф. д-р Христијан Мицкоски.

Новата Микробиолошка лабораторија за контрола на квалитет на „Алкалоид“ АД Скопје има капацитет да изведува околу 20.000 различни микробиолошки анализи годишно, a во неа работи 21 високостручно лице. Одделот за контрола на квалитет носи стратешка одговорност за усогласеност со меѓународните регулаторни стандарди во фармацијата, а со него раководи д-р Ѓорѓи Петрушевски, доктор по хемиски науки со значаен научен придонес (33 објавени научни трудови во меѓународни списанија со фактор на влијание и повеќе од 500 цитати) и со експертиза на полето на фармацевтската хемија и фармацевтските системи за квалитет.



