Економија
(Видео) Илиоски: 90 отсто од возилата се постари од десет години, какви налепници ќе им ставиме?

Проблемот со аерозагадувањето треба да се дискутира пошироко и од тие причини ВМРО-ДПМНЕ предлага на наредната седница да се отворат сите прашања да се најде начин во борбата со загадувањето, порача пратеникот Зоран Илиоски на денешната седница на Комисијата за економски прашања. Тој посочи дека предлогот за воведување налепници на возилата не е во насока на решение на проблемот бидејќи, како што рече, најголем број од возилата во Македонија се постари од десет години.
– Оваа Влада, кога ќе се најде во тесно, испорачува предлог-закон за да ѝ го одвлече вниманието на јавноста. Како пример, законот за превоз на ученици во Битола не функционира. И што е решение, донирање автобуси стари 80 години. Какви лепенки овие автобуси ќе добијат, ќе нема со која боја да се означат. Од 400 илјади регистрирани возила, постари од 10 години се 340 илјади возила. По ова, треба сите тие да се означат со црвена налепница или, ако имаат, среќа со жолта. Просечна старост на возилата е 18 години. 2,5 илјади автобуси се постари од десет години. Што ќе правиме кога ќе има енормно загадување, како ќе одиме на работа? – праша Илиоски.
Илиоски го критикува и предлогот за субвенционирање електрични возила бидејќи, според него, 5.000 евра не се малку пари и тој се сомнева дека мерката ќе се злоупотреби за власта да доделува само на свои луѓе поради немањето прецизни критериуми.
Пратеничката од ДОМ, Маја Морачанин, реплицира дека повеќето од старите возила се увезени во периодот по 2010 година и дека целта на мерките, според неа, е да им се помогне на граѓаните да го обноват возниот парк.
– Да, на прво место е загадувањето од домаќинствата, а на второ е сообраќајот. Мора да се преземат мерки на сите полиња. Факт е дека над 70 проценти од возилата се постари од десет години, но овој предлог е една од можните мерки за намалување на загадувањето и мора да споменеме дека со дозволениот увоз од 2010 до 2016 година над 230 илјади возила со стандард под Евро 4 беа увезени – рече Морачанин.
Во образложението на предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за возилата стои дека во врска со заштита на животната средина гледано од агол на штетни состојки на издувните гасови од моторите на возилата, се воведуваат програми за субвенционирање дел од трошоците за: купување возила на електричен погон или хибридни возила, за вградување уреди за погон на ТНГ или друг вид алтернативно гориво и за купување ново возило со одјавување на старото и со овој закон се воведува еколошка категоризација на возилата и во зависност од годината на производство и европските Евроемисиони стандарди на нивните мотори се добива еколошка налепница во три бои (зелена, жолта и црвена) за секое возило што е во сообраќај на патиштата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Славески – Прескер: потврда на значењето на Народната банка за економската стабилност

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, оствари средба со амбасадорот на Република Словенија, Грегор Прескер и со економскиот советник Горан Криж.
Во разговорот беше истакната улогата на Народната банка во одржувањето на макроекономската стабилност и значењето на довербата во финансискиот систем за економскиот развој и инвестициите.
Славески ја истакна посветеноста на Народната банка кон овие принципи, додека амбасадорот Прескер ги нагласи долгогодишните добри дипломатски и економски врски помеѓу двете економии, особено во финансискиот сектор каде што активно се вклучени голем број реномирани словенечки компании.
Во однос на финансискиот сектор, Славески се осврна на заложбите на Народната банка за намалување на надоместоците на банкарските услуги, заради обезбедување подостапни финансиски услуги за сите економски субјекти. Прескер искажа задоволство од заложбите на Народната банка и ја потврди понатамошната поддршка од Словенија, вклучително и преку центарот за обуки ЦЕФ.
Средбата претставува можност за продлабочување на билатералните односи меѓу двете земји и унапредување на соработката.
Економија
Ќе се олеснува кредитирањето при купување прв стан, вели Славески

Извршниот одбор на Народната банка усвои нова Одлука за макропрудентните мерки поврзани со макропрудентните инструменти за квалитетот на кредитната побарувачка од физичките лица. Со оваа одлука се регулираат основните показатели со кои се оценува кредитоспособноста на физичките лица, кога тие бараат кредити од банките и од штедилниците. Мерките ќе се применуваат од 1 декември 2025 година.
Гувернерот д-р Трајко Славески на конференцијата за печатот објасни дека со новата одлука се олеснува кредитирањето за купување или градење прво живеалиште, односно стан или куќа наменети за сопствено живеење. Но, имајќи ги предвид условите на пазарот на недвижности, особено во главниот град, што водат кон забрзан раст на цените на становите, поради што стануваат недостапни за помладите генерации, се врши и затегнување на условите за користење кредит за станбен објект којшто не претставува примарно живеалиште за кредитобарателите.
„За сите лица со нерешено станбено прашање, коишто навистина немаат стан/куќа на свое име каде што би живееле, а се очекува дека тоа ќе бидат претежно млади лица и млади брачни парови, со новата одлука се дозволува, без да се наруши пристапот на прудентност, тие да добијат станбен кредит и со учество од 10% од вкупната вредност на објектот за живеење. Наспроти ова, за сите останати случаи, минималното сопствено учество се зголемува од постојните 15% на 25% од вредноста на станот. Исто така, за корисниците на станбени кредити наменети за купување или градење прво живеалиште, ќе останат во важност досегашните лимити на показателот ДСТИ, коишто изнесуваат 55% за изложеноста во денари и 50% за изложеноста со валутна компонента. За сите останати баратели на кредити се предвидуваат пониски нивоа за овие показатели, и тоа од 50% за изложеноста во денари и 45% за изложеноста со валутна компонента.“
Имено, олеснувањето при купување прв стан се однесува на лицата коишто навистина немаат стан или куќа на свое име и планираат да купат или да изградат дом за сопствено живеење, за што треба да исполнат одредени критериуми, а се воспоставуваат соодветни механизми за проверка и следење, коишто се детално образложени во Одлуката.
„Промените во макропрудентните мерки имаат превентивен карактер и нивната цел е да нѐ заштитат сите нас од прекумерна задолженост, што може да се одрази понатаму на способноста за редовно отплаќање на обврските, како и на вкупната стабилност на финансискиот систем. Истовремено, со овие промени внимаваме да не „ги погодиме“ оние лица кои имаат потреба да го решат своето животно, станбено прашање, овозможувајќи им поповолни критериуми и полесен пристап до кредити, во однос на останатите корисници на кредити“, посочи гувернерот Славески.
Со ваквиот пристап, Народната банка се усогласува со практиката на голем број други централни банки во светот.
Економија
Трипуновски од Прилеп: Заложбата е на нашите полици да се продаваат македонски преработки од земјоделски производи

Денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, присуствуваше на манифестацијата организирана од Slow Food – Прилеп, која се реализираше со поддршка на Министерството.
„Интенцијата и заложбата на Министерството е преку финансирање на ваков вид настани да се промовираат домашните преработки на земјоделски производи, да се развие локалниот туризам и да се поддржат здруженијата кои постојат на ниво на државата”, истакна министерот Трипуновски.
Министерот објави дека финансиската поддршка кон сите здруженија е зголемена на 200.000 денари по корисник.
„Сточарите на овој настан можат да ги промовираат своите преработки. Кога зборуваме за сточарството, изминативе 15 месеци покажавме дека земјоделството е во фокусот на приоритетите и работењето на Владата”, додаде тој.
Министерот Трипуновски истакна дека оваа година поддршката за македонските сточари од Програмата за финансиска поддршка е зголемена за околу 50%.
„Сакаме на нашите полици да се продава македонско млеко и македонски преработки од земјоделски производи”, појасни министерот.