Македонија
СЈО ги гони ВМРО-ДПМНЕ и Груевски за рекет и незаконско градење на Белата Палата
За првпат, ВМРО-ДПМНЕ како партија станува дел од обвиненијата на СЈО. Случајот „Талир“ кој ја отвори Пандорината кутија за тоа како црни пари влегувале во ВМРО-ДПМНЕ, а потоа со истите бил купуван имот, влегува во судска процедура.
Никола Груевски како поранешен лидер на партијата, а сега азилант во Унгарија, е обвинет за незаконско финансирањето на партијата, но и за изградбата на Белата Палата и за него се бара притвор. И ВМРО-ДПМНЕ како правно лице е дел од обвинението, нешто што досега не беше случај во постапките на обвинителството, кога се гонеа само претставници на партијата.
За случајот „Талир“ поднесени се две обвиненија – првото е за начинот на кој е изградено седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, а второто за начинот на финансирањето на партијата, каде што се слевале пари од рекет од фирми кои добивале државни тендери.
За изградбата на Белата Палата обвинети се Никола Груевски и Кирил Божиновски, а за финансирањето на партијата освен Груевски и Божиновски, обвинети се и Миле Јанакиески, Илија Димовски, Елизабета Чингароска и Леко Ристоски.
За овој случај, СЈО презело стар предмет од Основното јавно обвинителство, па затоа има и законско право да поднесе обвинение за случајот, со оглед на тоа што рокот од 18 месеци течел од моментот кога е преземен предметот од ОЈО.
За случајот „Талир“, „Макфакс“ веќе објави истражување со сите детали околу имотот на ВМРО-ДПМНЕ, кој сега е замрзнат како привремена мерка за обезбедување.
Рекетирани биле фирми кои добивале државни тендери
Во првото обвинение, на Груевски му се става на товар дека во периодот од 2009 година до 2015 година со злоупотреба на службената положба, спротивно на Законот за финансирање на политички партии и Законот за спречување на корупција, обезбедувал пари од анонимни и противправни извори на финансирање за ВМРО-ДПМНЕ.
Според обвинението, тој бил помогнат од Кирил Божиновски и Миле Јанакиески кои вршеле притисок на фирми со кои имале склучено договори за јавни набавки со државни органи, јавни претпријатија или единици на локална самоуправа истите да обезбедат пари во кеш за потребите на финансирање на политичката партија како противуслуга за добиените јавни набавки.
Вака обезбедените пари во кеш, Груевски не ги вратил на лицата од кои средствата доаѓале, односно не ги упатил во Буџетот како што имал обврска да стори според Законот за финансирање на политички партии, со што, според СЈО, прибавил незаконски средства за финансирање на партијата во износ од најмалку 4,6 милиони евра.
„Со цел да се прикрие дека ваквите средства потекнувале од кривично дело, обвинетите Никола Груевски и Кирил Божиновски, а во периодот од 2011 до 2015 година и обвинетите Миле Јанакиески и Елизабета Чингаровска, организирале средствата да бидат уплатени на жиро сметката на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ преку готовински уплати на ПП10 уплатници во кои биле внесени невистинити податоци дека уплатата ја вршат лицата наведени во уплатниците, иако тоа не било случај“, стои во соопштението на СЈО.
Отакако паричните средства кои потекнувале од кривично дело биле внесени на жиро сметката на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, според СЈО, обвинетите Илија Димовски, Елизабета Чингаровска, Леко Ристоски и Миле Јанакиески, како овластени потписници на сметката на партијата, иако знаеле дека парите потекнуваат од кривично дело, ги пуштале во натамошен оптек со потпишување на налози за плаќање на обврските и купување на недвижен имот за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.
Кон обвинението поднесен е предлог за определување мерки за претпазливост спрема Чингароска – обврска да се јавува еднаш неделно во Кривичниот суд, а привремено ѝ е одземен и пасошот.
„Бетон“ додека добивал тендери, го градел седиштето на ВМРО-ДПМНЕ за 7 милиони евра

Обвинението за изградба на седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ е поднесено против Груевски и Божиновски, кои, според СЈО, со злоупотреба на службената положба, овозможиле фирмата ДГ Бетон АД Скопје да го изгради седиштето на партијата, иако „Бетон“ во времето на обезбедување на услугата имала склучено договори за јавни набавки со државни органи и јавни установи или претпријатија спротивно на Законот за политички партии, Законот за финансирање на политички партии и Законот за облигациони односи.
„За реализирање на оваа цел обвинетите ја искористиле состојбата на зависност во која се наоѓало правното лице ДГ Бетон АД Скопје во однос на политичката партија, со оглед дека над 75% од приходите кои ги остварило правното лице во 2011 и 2012 година биле од државни органи, единици на локална самоуправа или јавни претпријатија раководени од функционери на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ“, се вели во соопштението.
И покрај тоа што за правното лице ДГ Бетон АД Скопје важеле ограничувањата од Законот за финансирање на политички партии, сепак обвинетите договориле несразмерна корист за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ во однос на обврските кои ги имало правното лице ДГ Бетон АД Скопје, овозможувајќи му да го изгради седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ кое имало инвестициска вредност од речиси 7 милиони евра, како и да уплати на жиро сметката на партијата над 2 милиони евра, иако вложувањата на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ изнесувале само 815.323 евра.
„На ваков начин, а спротивно на законските прописи, обвинетите прибавиле значителна имотна корист за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ во износ од 8.246.576 евра“, се вели во соопштението на СЈО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Карпош и Бутел денеска без вода
Од ЈП водовод и Канализација известуваат дека поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на улицата Демир Трајко 51, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демир Трајко и Партизанска крак 1,3,5,7,9 и 11, општина Карпош. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Од ЈП водовод и Канализација исто така известуваат дека поради дефект на огрлица ф-300 мм на улицата Хо Ши Мин 292, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица, општина Бутел. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст
Сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 12 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Времето во наредниот период
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст. До средината на следната седмица ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, а по одредени котлини ќе има појава на магла.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.

