Економија
(Видео) Анѓушев: Владата преку низа мерки ја поттикнува соработката меѓу домашните и странските компании
Постои волја и желба и кај домашните компании и кај странските инвеститори меѓусебната соработка да се интензивира, но за тоа е потребен соодветен квалитет на производите, брза испорака и соодветна цена. Владините мерки даваат можност за технолошка екстензија на компаниите и поттикнуваат повисоко ниво на конкурентност, но потребно е време домашните компании да го достигнат потребното ниво на продуктивност и да ги задоволат стандардите кои странските компании ги побаруваат. Ова се само дел од заклучоците изнесени на денешната панел-дебата на тема „ Домашните претпријатија – главни снабдувачи на мултинационалните компании: потенцијали и предизвици“, организирана од „Фајнанс тинк“, во соработка со Делегацијата на Европската Унија и Центарот за управување со промени.
Вицепремиерот Анѓушев истакна дека соработката помеѓу домашните и странските компании е особено важна компонента за економскиот развој на државата, пред сè за одржливоста на економијата.
„Идентификувавме три типа на странски компании кои работат во земјата, едните се оние кои се подизведувачи на други мултинационални компании, најголем дел од нив се во автомобилската индустрија, а тие компании за да остварат соработка со некоја домашна компанија мора да се консултираат со нивните крајни клиенти. Тоа ја ограничува можната соработка. Сепак, постои голем простор за соработка кај оние компании кои произведуваат готови производи, како што е на пример Ван Хол, кој постепено ја зголемува соработката со домашните, преку набавка на метални конструкции, стакло, плстика и други компоненти што се наоѓаат на македонскиот пазар“, потенцираше вицепремиерот.
Анѓушев дополни дека клучна улога за зголемување на соработката, кога станува збор за домашните компании, е зголемување на нивната конкурентност.
„Владата преку мерките од Законот за финансиска поддршка на инвестициите, за кои имаме потпишано договори со околу 100 компани, и преку мерките Среднорочната програма на Фондот за иновации и технолошки развој, каде што има околу 70 компании, а оваа бројка ќе се зголеми, овозможува сериозна поддршка за инвестиции во машини и технолошки развој. Ова е првпат во поновата историја, кога државата на домашните компании им помага директно на компаниите да ги реализираат своите инвестиции. Секако, прво компаниите треба да инвестираат, а потоа може да очекуваат поврат на вложените средства од 10% или 20%, зависно од природата на компанијата, како и до 30% за мали и средни претпријатија за технолошка екстензија преку мерките од ФИТР“, подвлече Анѓушев.
Вицепремиерот заклучи дека економскиот развој оди во правилна насока, индустриското производство бележи раст од околу 5%, растот на извозот е околу 14%, а тоа е многу значајно затоа што индустријата учествува во домашниот бруто-производ со околу 11-12% на годишно ниво, па самиот раст на индустриското произвдство позитивно влијае на растот на БДП.
Од страна на Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“, како благодарност за соработката за спроведената студија „Домашните мали и средни претпријатија во синџирот на снабдување на мултинационалните компании во земјата“, беа врачени плакети на вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, министерот Зоран Шапуриќ и директорот на ДТИРЗ, Александар Младеновски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
„Реплек“ пробива на строгиот британски пазар: Реконазол, прв лек на компанијата регистриран во Обединетото Кралство
Значаен успех на „Реплек“ во пробивањето на портфолиото на компанијата на строгите странски пазари. Со регистрацијата на Реконазол, производ за третман на дерматолошки состојби во Обединетото Кралство, „Реплек“ го направи својот прв важен чекор за пласман на британскиот пазар. Одобрението за Реконазол (ketoconazole) 2% шампон е издадено од британската Агенција за лекови и здравствени производи (MHRA), регулаторно тело на Обединетото Кралство кое се смета за еден од најригорозните системи во светот во делот на оценка на квалитетот, безбедноста и ефикасноста на лековите. Регистрацијата е потврда дека овој лек на „Реплек“, како и производствените процеси на компанијата, ги исполнуваат највисоките меѓународни регулаторни стандарди.
Оваа регистрација ќе важи пет години, а првиот извоз ќе се реализира преку локален партнер кон крајот на овој месец. Реконазол (ketoconazole) 2% шампон е наменет за превенција и третман на инфекции предизвикани од габата Mallassezia, вклучувајќи состојби како првут, себороичен дерматитис и tinea versicolor.
„Регистрацијата на Реконазол во Обединетото Кралство е важна пресвртница за компанијата и јасна потврда за квалитетот, стручноста и зрелоста на нашите производствени и контролни процеси. ‚Реплек’ има развоен, регулаторен и тим за контрола на квалитетот способни да подготват технички документации, клинички податоци, извештаи за усогласеност со добра производствена и добра лабораториска пракса, како и квалитетни системи споредливи со меѓународни стандарди. Фактот што овој наш производ успешно ја помина строгата евалуација на MHRA дополнително ја засилува довербата во компанијата, и од пациентите, и од нашите партнери. Регистрацијата на лекот е дел од нашата долгорочна стратегија за одржлив раст и континуирано зајакнување на присуството на развиените западни пазари“, изјави Душан Пецовски, генерален директор на „Реплек“.
Британскиот пазар е многу значаен глобален пазар, кој има јасни регулаторни барања и висока куповна моќ. Регистрацијата на медицински производ во Обединетото Кралство значи дека тој успешно ја поминал оваа ревизија, што ќе отвори врата и за настап на други развиени пазари во Западна Европа. Ова е уште еден доказ дека „Реплек“ располага со високоразвиени системи за контрола на квалитетот, способни да одговорат на барањата и на најпребирливите пазари. Регистрацијата на лек во Обединетото Кралство е силна референца која ја зголемува довербата и кај идните потенцијални партнери и дистрибутери, како и основа за натамошно ширење на портфолиото на меѓународните пазари. Со ова одобрение „Реплек“ уште посилно ја зацврстува својата позиција како сигурен и кредибилен фармацевтски производител, способен да одговори на највисоките регулаторни барања.
Неодамна „Реплек“ по петти пат го доби сертификатот EU GMP, потврдувајќи ја својата усогласеност со највисоките европски стандарди за добра производствена пракса, квалитет и безбедност. Континуираното унапредување на високите стандарди за квалитет и усогласеноста со европските регулативи се неразделен дел од корпоративната стратегија на „Реплек“. Квалитетот на производството се рефлектира и во финансиските резултати на компанијата за 2025 година, при што е постигнато значајно унапредување на профитабилноста, односно раст за 39% во однос на 2024 година.
(ПР)
Економија
Дурмиши: Повремените и сезонски работници добиваат законска заштита
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денес истакна дека Законот за работно ангажирање на лица, кој започна да се применува од 1 јануари 2026 година, претставува значаен исчекор во уредувањето на пазарот на трудот и формализацијата на сивата економија.
„Тековниот период беше наменет за техничка и институционална адаптација, со цел имплементацијата на законот да биде ефикасна, усогласена и функционална во пракса. Формализацијата на сивата економија е стратешка определба на Владата и клучен сегмент од реформската агенда, бидејќи директно влијае на економскиот раст, стабилноста на јавните финансии и заштитата на работниците“, нагласи министерот.
Министерството за економија и труд, како што појаснуваат од таму, досега спроведуваше активни политики преку Оперативниот план за вработување, но анализите покажуваат дека дел од лицата остануваат надвор од формалните текови. Токму затоа, како што велат, е донесен овој закон, кој претставува суштинска реформа во повременото и сезонското ангажирање на работна сила.
Законот воведува пофлексибилен и поедноставен модел за легално ангажирање со јасна правна рамка и електронски процедури за пријавување, одјавување и уплата на придонеси. Новите правила овозможуваат ангажирање на вработени, невработени, студенти, ученици и пензионери без губење на веќе стекнати права, вклучително и социјални и детски права, паричен надоместок, пензии и права од образовниот систем.
Во првата фаза, законот ги опфаќа секторите каде сивата економија е најизразена – земјоделство, шумарство, рибарство, сместување, сервисни дејности за храна и активности во домаќинствата. Очекувањата се за формализација на до 12.000 сезонски работници во земјоделството и околу 5.400 непријавени работници во туризмот, угостителството и услугите, што вкупно опфаќа околу 17.400 лица.
„Оваа реформа носи конкретни придобивки и за работниците и за работодавачите. Работодавачите добиваат флексибилност и поедноставни административни постапки, а работниците добиваат исплата по час, придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, дополнителен придонес за задолжително здравствено осигурување во случај на повреда или професионално заболување, како и јасна правна заштита на нивните права“, рече министерот.
Министерот Дурмиши упати посебна благодарност до Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) за експертската и техничка поддршка, како и до Агенцијата за вработување, Министерството за финансии, Управата за јавни приходи и сите други институции кои придонесоа во воспоставувањето на функционален и ефикасен систем.
Економија
Почна исплатата на „Мој ДДВ“, повик до граѓаните со погрешна сметка да ги ажурираат податоците
Управата за Јавни Приходи – УЈП ја почна исплатата на средства за скенираните фискални сметки за четвртото тримесечје од 2025 година.
За К4 – 2025 година ќе бидат исплатени вкупно 924,5 милиони денари кон 526.123 корисници на апликацијата МојДДВ.
До денес, реализирани се 184,5 милиони денари, кон 104.000 корисници на апликацијата МојДДВ. Исплатата на средствата продолжува, како се обработуваат налозите така се исплаќаат средствата на сметките на корисниците на МојДДВ.
Напомeна: во овој момент 5.292 корисници кои скенирале фискални сметки имаат внесено погрешна трансакциска сметка, поради што УЈП не е во можност да ја реализира исплатата.
„Апелираме Доколку немате добиено средства, проверете ги и ажурирајте ги податоците за трансакциската сметка директно во апликацијата МојДДВ. На тој начин УЈП ќе има точни податоци за корисникот и ќе може да изврши исплата на поврат по основ на МојДДВ“, велат од УЈП.

