Македонија
Собранието попладне ќе расправа за имунитетот на Груевски
Собранискиот спикер Талат Џафери закажа пленарна седница попладево во 17 часот на која ќе се расправа за имунитетот на пратеникот во бегство Никола Груевски. Седницата следува по едногласниот заклучок на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања да се одземе имунитетот на Груевски по барањата на кривичниот суд за одобрување притвор за шесте случаи на СЈО. За одземање на имунитетот се потребни 61 глас „за“.
Пратеникот и претседател на Комисијата, Павле Богоевски, изрази разочарување што, како што кажа, системот не го обезбеди Груевски за издржување на двегодишната казна за случајот „Тенк“.
„И Комисијата и Собранието денеска постапуваат во една многу контрадикторна ситуација. Пред нас е поставена задача ние да одлучуваме за имунитетот на пратеник кој веќе е осудено лице кое е во бегство и кое е недостапно за органите на прогонот. Поради тоа, лично како пратеник, но и како човек морам да изразам разочарување што нашиот систем не успеа да го обезбеди присуството на осуденото лице Никола Груевски за издржување на неговата казна затвор. Врз основа на тоа сакам да потенцирам дека мора да се доврши и темелно да се спроведе истрагата за утврдување на одговорноста за тоа точно кој дел од системот потфрлил при обезбедувањето на присуството на Никола Груевски за издржување на неговата казна затвор. Исто така, морам да посочам дека ова искуство мора да послужи како лекција за да ги идентификуваме многу брзо, да ги коригираме системските недостатоци кои доведоа до оваа ситуација и оваа контрадикторност“, рече Богоевски.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не беа присутни на седницата на Комисијата. За седницата за имунитетот бил известен и самиот Груевски преку е-пошта, преку пратеничката група на ВМРО-ПДМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре сончево време, утрински температури до -10 степени
Времето утре ќе биде сончево и студено со мала до умерена локална облачност. Ќе дува засилен до силен северен ветер и наместа ќе има услови за провејување на снег. Минималната температура ќе биде во интервал од -10 до -4, а максималната ќе достигне од -3 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, претежно сончево и студено со умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 3 степени.
Во четврток и во петок ќе се задржи студено време со минимални температури кои насекаде ќе бидат негативни, а локално ќе се спуштат и под минус 10 степени.
Од петок и во деновите потоа ќе преовладува променливо облачно време со повремени локални врнежи, претежно од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец, а температурите ќе биде во пораст.
Македонија
УЈП најави привремен прекин на електронските услуги од 16 часот
Управата за јавни приходи ја известува јавноста дека денеска, 30.12.2025 година, со почеток од 16:00 часот, ќе има привремен прекин во функционирањето на електронските услуги кои Управата (УЈП) ги нуди кон даночните обврзници.
Се очекува прекинот да трае до доцните попладневни часови, по што услугите повторно ќе бидат достапни.
Управата за јавни приходи ги замолува даночните обврзници за разбирање.
Македонија
Владата го усвои предлог Законот за јавно обвинителство
Владата на денешната редовна 140 седница го усвои Законот за јавно обвинителство, како еден од клучните чекори во спроведувањето на реформската агенда од Областа 5 – Фундаментални вредности, со посебен фокус на владеењето на правото.
„Донесувањето на овој закон претставува значаен исчекор во зајакнувањето на независноста, ефикасноста и отчетноста на јавното обвинителство, како столб на правниот систем и гарант за заштита на јавниот интерес. Законот е резултат на сеопфатен процес на анализа, консултации и усогласување со европските стандарди и најдобрите меѓународни практики“, се наведува во соопштението од Владата.
Од таму појаснуваат дека со новото законско решение се воведуваат измени во постапката за избор на Јавен обвинител на Република Северна Македонија, со јасно дефинирани критериуми и механизми кои обезбедуваат транспарентен, инклузивен и мерит-системски пристап при изборот на најквалитетните кандидати. Во законот се вградени релевантните препораки, со цел процесот да биде ослободен од политички влијанија и заснован исклучиво на стручност, интегритет и професионален кредибилитет.
Дополнително, законот предвидува прецизни и обврзувачки рокови за постапките за избор, унапредување и се воведува принцип на категоризација на дисциплинска одговорност на јавните обвинители, што придонесува за поголема правна сигурност, предвидливост и функционалност на системот, а воедно и поголема одговорност на самите јавни обвинители. На овој начин се зајакнува довербата на граѓаните во институциите и се воспоставува појасна одговорност во работењето на обвинителството.
„Владата останува цврсто посветена на реформите во правосудството како приоритет од највисок јавен интерес и како неопходен предуслов за напредокот на државата на европскиот пат. Усвојувањето на Законот за јавно обвинителство е конкретен доказ за определбата да се градат силни, независни и професионални институции, во служба на граѓаните и владеењето на правото“, се наведува во соопштението.

