Македонија
Осомничената за перење пари во „Талир“, Eлизабета Чингаровска, остана без пасош
Осомничената Елизабета Чингаровска остана без пасош. Кривичниот суд го прифатил барањето на специјалното јавно обвинителство и ѝ определил мерки за претпазливост, потврдија оттаму за „Макфакс“. Освен одземениот пасош, Чингаровска треба еднаш неделно да се пријавува во судот.
Чингаровска заедно со Илија Димовски и Леко Ристоски се осомничени дека сториле кривично дело „Перење пари и други приноси од казниво дело“. Според образложението на СЈО, во периодот од 2011 до 2015 година осомничените Миле Јанакиевски и Елизабета Чингароска, организирале средствата да бидат уплатени на жиро-сметката на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ преку готовински уплати на уплатници ПП10 во кои биле внесени невистинити податоци дека уплатата ја вршат лицата наведени во уплатниците.
Потоа парите биле внесени на жиро-сметката на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, а осомничените Илија Димовски, Елизабета Чингароска, Леко Ристоски и Миле Јанакиески, како овластени потписници на сметката на политичката партија, иако знаеле дека парите потекнуваат од кривично дело, истите ги пуштиле во натамошен оптек со потпишување на налози за плаќање на обврските и купување на недвижен имот за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Елизабета Чингаровска беше претседателка на Комисијата за хратии од вредност и директорка Државниот пазарен инспекторат.
СЈО поднесе две обвиненија за случајот „Талир“ за нелегално финансирање на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Едното обвинение е за нелегално финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, во кое е осомничена Чингаровска, а другото за незаконската изградба на седиштето на партијата.
Во првото обвинение се опфатени поранешниот лидер на партијата, Никола Груевски, ексгенералниот секретар на партијата, Кирил Божиновски, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, пратеникот Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска. Тие се обвинети дека незаконски добиле најмалку 4,6 милиони евра во кеш за партијата, а потоа организирале тие пари да бидат уплатени на жиро сметката на партијата преку уплатници на име на различни луѓе.
За изградбата на новото партиско седиште, пак, се обвинети Никола Груевски и Кирил Божиновски. Тие склучиле договор за изградба на објектот со градежната компанија „Бетон“ од Штип, иако не смееле тоа да го направат затоа што оваа фирма имала склучено договори за јавни набавки со други државни институции. Со договорот со „Бетон“ тие договориле „несразмерна корист“ за ВМРО-ДПМНЕ и на тој начин се стекнале со имотна корист од над 8 милиони евра за партијата.
Предметот „Талир“ е во кривичниот суд во фаза на оценка на обвинителниот акт.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Церемонија на свечено менување на државното знаме во кабинетот на Сиљановска-Давкова
Во претседателскиот Кабинет, денеска, 270 деца од скопските основни училишта „Вера Јоциќ“, „Лазо Ангеловски“ и „Димитар Македонски“, како и од градинките „Буба Мара“ и „Лилипут дворче“, присуствуваа на церемонијата на свечено менување на државното знаме.
Учениците ја пееја химната, интонирана од македонскиот воен оркестар, придружуван од воениот оркестар на Вооружените сили на Романија, којшто престојува во земјава по повод заедничкиот предновогодишен концерт.
Во придружба на своите наставници, образовни асистенти и едукатори, децата ја проследија церемонијата на свечено менување на државното знаме изведена од Баталјонот за почести при македонската армија.
По свечниот чин, децата го разгледаа импозантниот диптих „Македонија-светла земја“ и „Македонија-земјата памети“ на академик Глигор Чемерски, како и работната просторија на претседателката.
Во разговорот со Сиљановска-Давкова, децата зборуваа за нивните активности, за подготовките на приредбите во пресрет на новогодишните празници и ги испеаја нивните омилени песничките.
Следеа низа прашања: за претседателската функција и работните обврски, но и за нејзиното детство, основното образование, домашните миленици, омилените книги и музиката.
Претседателката ги посоветува да учат, да спортуваат, да цртаат, да ја чуваат природата и животната средина, да се дружат и да не се навредуваат.
Македонија
Ѓорѓиевски: Скопје конечно добива Луна Парк
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денес ја најави долгоочекуваната реализација на проектот за новиот Луна Парк, значајна инвестиција што по децении неизвесност конечно ќе го донесе модерниот семеен парк за забава што го заслужува Скопје, информираат од Град Скопје.
Со започнувањето на јавната набавка за проектирање и монтажа, градот, додаваат од таму, влегува во нова фаза на урбана трансформација која ќе понуди современи атракции, целосна пристапност и нови содржини за сите генерации.
„По долги години оддолговлекувања и лажни ветувања, денес започнува јавната набавка за проектирање и монтажа на новиот Луна парк.
По децении изминати во кои генерации деца беа лишени од местото што им припаѓа, место за игра, радост и незаборавни моменти, конечно започнуваме со реализација на проект што ќе ја означи новата ера на семејна забава во нашиот град.
Пред нас е изградба на ултра модерен Луна парк, еден од најдобрите во регионот, изграден според највисоки европски стандарди.
Ќе создадеме простор исполнет со ролеркостери, водени атракции, интерактивни игри, зони со виртуелна реалност и целосно ново ниво на урбана забава. Посебно внимание посветуваме на пристапноста.
Луна паркот ќе биде комплетно прилагоден и за лицата со попреченост, со најсовремени системи за безбедност, видео надзор и прва помош“.
Ккако што најавува скопскиот градоначалник на просторот од 84.000 квадратни метри ќе никне место каде семејствата ќе поминуваат квалитетно време заедно, каде ќе има зони за одмор, улична уметност, локации за културни настани и театар со затворена сцена.
„Панорамско тркало, пиратски брод, подморница, среќна лулашка и уште многу други реквизити ќе создадат уникатна атмосфера која ќе го збогати туристичкиот имиџ на Скопје.
Почитувани скопјани, како што ветив – најдоброто доаѓа!
Скопјани конечно добиваат Луна парк што ќе биде симбол на нов почеток, на едно модерно, гордо и достоинствено Скопје“.
Македонија
Законот за правична и соодветна застапеност доби позитивна оценка од Венецијанската комисија, соопшти Фетаи
Законот за правична и соодветна застапеност доби позитивна оценка од Венецијанската комисија, со што се потврдува дека е во целосна согласност со европските стандарди и демократските вредности, информираат од кабинетот на заменик-претседателот на Владата за добро владеење, Арбен Фетаи, во врска со Законот за соодветна и правична застапеност.
Со овој закон, додаваат во соопштението, ќе се обезбеди квалитетна рамнотежа меѓу системот на заслуги и почитувањето на професионалните стандарди, од една страна, и принципот на правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници, од друга страна.
„Законот овозможува правична вклученост во вработувањето во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа, без да се наруши квалитетот и професионализмот.
Изјаснувањето на етничката припадност е целосно доброволно и не предизвикува никакви негативни последици врз остварувањето на правата на граѓаните, во согласност со меѓународните стандарди за човекови права и недискриминација. Паралелно со доброволното изјаснување за етничката припадност, законот предвидува и материјални докази од личните карти и други официјални јавни документи, со цел да се спречат можните злоупотреби на само идентификацијата“.
Со ова законско решение, како што појаснуваат од кабинетото на Фетаи се зајакнува институционалниот интегритет, инклузивноста и довербата на граѓаните во системот, преку планирано и деполитизирано управување и примена на европските стандарди за добро владеење.
Делегацијата беше предводена од заменик-претседателот на Владата задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, придружуван од професорите по уставно право Тања Каракамишева Јовановска и Јетон Шасивари.

