Македонија
СМС-пораки во „Титаник“: Црквите од дијаспората му помагале на ВМРО-ДПМНЕ за изборите во 2011
Од СМС-пораките што денеска се репродуцираат во судот на рочиштето за предметот „Титаник“, кој се однесува на изборни нерегуларности, може да се забележи како високи функционери од ВМРО-ДПМНЕ ги ставаат во служба на партијата црквите на МПЦ од дијаспората и амбасадите за изборите од 2011 година.
„Ова го тераме. Бројката за пријавени за гласање во дијаспората е катастрофа. Времето е кратко, сè што треба да направиме е да ги земеме адресите од иселениците од амбасадата или црквата“, стои во СМС-кореспонденција направена на 27 април 2011 во 18.55 часот меѓу поранешниот министер Миле Јанакиески и Мартин Протоѓер.
„Веќе го организирам ова, вклучив повеќе луѓе, барам паралелни списоци од МНР, МВР и од црквите“, стои во продолжение на разговорот.
Според СМС-пораките што ги презентира специјалното јавно обвинителство, за гласачите од дијаспората лично се погрижил и тогашниот министер за надворешни работи, Антонио Милошоски, кој од Њу Џерси, САД, директно го известува Јанакиески за преземените мерки.
„Бев со иселениците во ‘Св. Кирил и Методиј’ во Њу Џерси, поделивме околу 800 барања за гласачи. Конзулатот ќе работи и викендов, се очекува да има повеќе пријави“, му пишува Милошоски на Јанакиески.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
На Клиниката за неврологија отворен ден за граѓаните за подигнување на свесноста и превенција од мозочен удар
По повод Светскиот ден на мозочниот удар – 29 октомври, Универзитетската клиниката за неврологија, утре организира отворен ден за граѓаните за подигнување на свесноста за превенција, препознавање на симптомите рана дијагностика и навремено лекување на мозочниот удар, под мотото „Мозочниот удар се лекува“.
Во рамките на настанот, на 28 октомври 2025 година (вторник), ќе се врши бесплатен доплер на каротидни артерии за сите заинтересирани граѓани, без потреба од упат, во периодот од 10:00 до 12:00 часот, во просториите на Клиниката за неврологија.
Со овој настан, Клиниката велат од таму, испраќа порака за важноста на редовните прегледи и контролата на ризик факторите кои можат да доведат до мозочен удар, како што се покачен крвен притисок, шеќер во крвта, зголемени масти, пушење и седечки начин на живот.
Македонија
Уапсени двајца полицaјци осомничени за разбојништвото на златарницата во Гостивар, се трага и по други лица
Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство Гостивар поднесе кривична пријава против две лица поради сомнение дека како соизвршители учествувале во извршување на кривично дело „разбојништво“ по член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Осомничените се лишени од слобода во текот на вчерашниот ден, соопшти полицијата.
Тие на 10.10.2025, заедно со други засега непознати лица, влегле во златарница во Гостивар и со сила и закана со огнено оружје одзеле 18 килограми злато.
Двајцата осомничени се полициски службеници од ОВР Кичево, кои се договориле и направиле план за грабежот заедно со другите лица за кои интензивно се преземаат дејствија за пронаоѓање. Осомничените учествувале во подготовките со извиди на локацијата и на работата на златарницата два дена пред грабежот. На самиот ден, тие со службено возило на МВР го обезбедувале патот на двете возила искористени за грабежот во Гостивар, од кои едното потоа е пронајдено запалено на магистралниот пат Гостивар-Дебар, додека другото е пронајдено напуштено во Кичево, во близина на сточниот пазар.
„МВР во координација со ОЈО Гостивар презема мерки и активности за целосно расчистување на случајот“.
Македонија
Општина Центар: Отстранети двете паднати дрвја
Општина Центар известува дека екипите на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ и ЈП „Паркови и зеленило“ навремено интервенираа и ги отстранија двете дрвја кои паднаа во близина на ООУ „Киро Глигоров“.
Благодарение на нивната брза реакција, улицата е целосно расчистена и повторно ставена во функција, додаваат од општината.

