Топ
Двајца загинати во сообраќајка на автопатот Скопје-Велес
Две лица загинаа во сообраќајна несреќа што се случила вчера на автопатот Скопје-Велес, кај селото Сопот.
Според информациите на МВР, несреќата се случила во 14 и 10 часот кога автомобил „рено меган“ со кочански регистерски таблици, управувано од Г.Б.(35) од Кочани, излетал од патот. На местото на несреќата починале возачот и сопатникот Д.М.(36) од Кочани.
Извршен е увид од страна на јавен обвинител и увидна екипа од СВР-Скопје. По наредба на јавен обвинител, телата биле предадени во Институтот за судска медицина за обдукција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Заледен автопат, неспособноста на ДПМНЕ е закана за безбедноста на граѓаните
Неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ со справување со последиците од снежните врнежи прераснува во закана за безбедноста на граѓаните, велат од СДСМ.
„Снегот предизвика вистински хаос во сообраќајот, не само во населените места, туку и на регионалните патишта и на автопатите. Автопатот „Пријателство“, кај селото Миравци е заледен. Автопатот кон Грција е заледен, и покрај тоа што оваа зима, само досега, државните институции потрошиле 219 милиони денари (3.569.106 евра) за сол и ризла. Најголеми се тендерите на Јавното претпријатие за одржување на патишта „Македонија пат“, кое засега има склучено три двегодишни договори во вредност од по 1,3 милиони евра годишно за сол и ризла. Но, поради неспособноста на надлежните, сообраќајот се одвива отежнато и се зголемува опасноста од незгоди. Пред само неколку дена бројни граѓани со часови беа заглавени во километарски колони во Маврово. Хаос се случи и на патот Тетово – Попова Шапка, каде што патиштата останаа целосно неисчистени. Дополнително, патот до Галичник беше непрооден повеќе од еден месец, оставајќи ги жителите на ова населено место во целосна изолација. Владата на ДПМНЕ и Мицкоски потфрли и со снегот, доведувајќи ги граѓаните во сериозен ризик“, пишува во соопштението на опозициската СДСМ.
Македонија
Студен бран ја зафати Македонија, денеска обилен снег и силен ветер
Времето денеска ќе биде облачно и студено насекаде со врнежи од снег, а на места, особено во западните делови ќе бидат обилни, информира УХМР.
На повеќе места ќе се формира снежна покривка, а на планините значително ќе се зголеми (локално и над 50 см).
Позначителна снежна покривка (над 20 см) ќе се формира и во југозападните делови.
Поради ниските температури и засилениот северен ветер ќе има појава на голомразица и снежни наноси.
Минималните температури ќе се движат од -6 до 3, а максималните од -4 до 4 степени целзиусови.
Во Скопје ќе биде облачно и студено со врнежи од снег, повремено пообилни. Снежната покривка ќе се зголемува. Ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер.
Македонија
Јавното обвинителство ниту еднаш не дало позитивно мислење и не се согласило со условен отпуст на Сашо Мијалков
Поради интересот на јавноста во врска со условниот отпуст на осуденото лице Сашо Мијалков и неговото право да ја напушти државата, Јавното обвинителство појаснува дека ниту еднаш не дало позитивно мислење и не се согласило со условен отпуст на осудениот, информираат од ЈОРМ.
„Надлежниот јавен обвинител при првостепеното одлучување за условен отпуст на осуденото лице Сашо Мијалков даде негативно мислење. По донесената одлука со која му беше одобрен отпустот, обвинителот вложи и жалба, меѓутоа таа беше отфрлена како недозволена, бидејќи во меѓувреме, со измени на Законот за извршување на санкциите објавени во Службен весник на 2 април 2024 година, од членот 254 е избришана одредбата која предвидуваше обврска решението за условен отпуст да се доставува до јавниот обвинител, а со членот 256 практично целосно беше одземена можноста на јавниот обвинител да се жали на одлуката за условен отпуст. Тоа значи дека од тие измени, јавниот обвинител ниту е известен ниту има можност да се жали на условниот отпуст. Со оглед на тоа, во мај 2024 година, кога Сашо Мијалков добил конечна одлука за условен отпуст, јавниот обвинител воопшто не можел да има никакво влијание врз таквата одлука ниту врз заштитениот надзор врз условно отпуштениот. Тој надзор го одредува исклучиво Судот и согласно закон (член 255) може да се состои во посебни мерки на помош, грижа, надзор или заштита кои ги спроведува надлежен орган согласно со закон.
Кога станува збор за предметот “Трезор”, надлежниот јавен обвинител и таму ниту еднаш нема дадено позитивно мислење за враќање на патната исправа. Напротив, на 31.05.2024 година обвинителот даде негативно мислење за враќање на пасошот на обвинетиот, а потоа на 19.06.2024 година вложи и жалба на решението на Кривичниот совет со кое беше укината таа мерка на претпазливост. Позитивно мислење во во тој предмет е дадено само во однос на укинување на гаранцијата и тоа по донесена правосилна ослободителна пресуда од Апелацискиот суд.
Позитивно мислење на јавниот обвинител за определените гаранции во сосема друга кривична постапка која завршила правосилно со ослободителна пресуда на Апелацискиот суд не може да однесува на мерките потребни за надзор над условниот отпуст за правосилно осудено лице“, стои во соопштението на Јавното обвинителство.