Македонија
МТСП: Негата за трето лице и понатаму ќе се исплаќа, а се воведуваат и нови услуги

Лицата со попреченост ќе продолжат да го остваруваат правото на надосместок за помош и нега од друго лице, заедно со второто право, односно правото за пореченост, соопшти Министерството за труд и социјална политика.
„Се воведуваат две нови услуги во Законот , односно услугата за Лична асистенција и услугата Домашна нега. Ови две услуги ќе може да се користат без разлика дали лицето користи некое од паричните права споменати погоре. Правото за попреченост кое досега го користеа само лицата со телесна попреченост, потполно слепите и потполно глувите лица, со новиот Закон ќе можат да го користат и лицата со интелектуална попреченост“ велат од министерството.
Како што се наведува, се зголемува висината на надоместокот на плата за скратено работно време поради нега на дете со попреченост. Истата се покачува на 50% од просечна нето плата во државата.
Оттаму објаснуваат дека висината на Гарантираната минимална помош се зголемува за 0,5 % за првиот член, ако е лице со попреченост, односно за 0,2% за секое следно лице со попреченост во семејството, но најмногу за три члена.
„Се проширува правото на траен надоместок за самохран родител кој се грижел за дете со попреченост. Со новиот Закон правото ќе важи за сите родители, не само за самохраните. Правото на траен надоместок го остварува родител кој се грижел за детето до неговата 26 годишна возраст, без истото да биде сместено во установа за социјална заштита, кој е невработен и не користи право на пензија, по наполнување на 62 години на живот за жена, односно 64 години на живот за маж.
Се воведува нова услуга за одмена на семејна грижа. Истата ќе обезбедува краткотрајно згрижување на зависни членови од семејството заради одмена, одмор и задоволување на лични и професионални потреби на членови на семејството кои се грижат за нив. Ќе се зајакнува услугата за самостојно живеење со поддршка. Се воведуваат нови форми на згрижување , како што се привременото згрижување и роднинското згрижување“ се додава во соопштението.
Од министерството порачуваат дека сите овие новини значително ќе ги зголемат правата на лицата со попречност, ќе се зголеми обемот на услуги до коишто истите ќе имаат пристап, ќе се преземат сериозни активности и ќе се вложат зголемени финансиски средства во индивидуалните услуги кои ќе овозможат независен и живот на лицата во нивното место на живеење и нивно поголемо социјално вклучување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Зајкова: Имаме искуство што гарантира успех – во недела да го заокружиме бројот 1 и да ставиме крај на поделбите

Со пораки за обединување на центарот и успех на претстојните локални избори во недела, финишираше завршниот митинг на коалицијата „Искуство за успех“.
Пред полната сала за последен пат пред почетокот на изборниот молк се обратија лидерите на партиите кои ја сочинуваат коалицијата, ЛДП, ГРОМ, Интегра и ПЦЕР со поздравни говори, во кои го повикаа своето членство на мобилизација и ги споделија своите очекувања за изборите во недела.
„Се воздржував цела кампања да не влезам во дебатата која се трудат да ја наметнат лидерите на двете бивши најголеми партии. Наместо да се бават со локалните проблеми на граѓаните, упорно се занимаваат со теми кои се однесуваат на национални прашања. Престанете со изговори, на народот му требаат резултати. Затоа оваа Коалиција на овие избори се занимаваше со идентификување на клучните проблеми и понуда на решенија. Народот се гуши во смрдеа, умира од карциноми, заглавен е во сообраќаен метеж. ЛДП заедно со оваа коалиција ја презема опозиционата палка на оние во државата кои што се водат од разум и идеја да се направи нешто, а не само да се критикува, плука и навредува. Доста е“, порача во својата изјава претседателката на ЛДП и пратеничка во македонското Собрание, Моника Зајкова, додавајќи дека „големите партии“ 20 дена се рекламираат со народни пари, без да понудат ништо конкретно.
Во својот говор Зајкова вели дека не е точно дека гласот за малите партии е изгубен. Напротив, секој глас е силен и вреден и тоа совршено добро го знаат, затоа и се противат на воведување една изборна единица и отворени листи. Тие, ‘големите партии’, зад себе имаат цели машниерии, имаат милиони народни пари, имаат платени од вас граѓаните аналитички центри, имаат платеници во разни општествени слоеви.
Но, ние имаме искуство, имаме дела, имаме храброст, имаме визија, имаме сон за подобро утре и на крајот и најважно ве имаме вас, драги сограѓани. И вашето присуство вечерва тука е доказ дека сме успеале, сме успеале да создадеме здраво ткиво спремно на борба за промени, спремно за работа, за подобра иднина“, посочува претседателката Зајкова и побара поддршка за бројот 1 да биде нов почеток на граѓанско-политички центар во државата.
„И додека останатите се надвикуваат меѓусебно објаснувајќи кој е повеќе виновен за денешната катастрофа, а всушност сите они се највиновни, ние сме тивки и вредни. Додека останатите ветуваат автопати и авении, ние скромно, со системски решенија чекориме по нашиот пат. Но, убедена сум и како жена и како млада личност, дека веќе во понеделник ќе станеме сериозно гласни, дека нашиот пат, на 19 октомври ќе нѐ одведе на светлата страна на успехот. Затоа што ова општество мора да се помрдне од статус-квото што го живееме повеќе од три децении“, изјави Зајкова, завршувајќи го своето обраќање со повик до граѓаните да стават крај на поделбите и во недела да го заокружат бројот 1.
На митингот се обрати и Стевчо Јакимовски, лидерот на ГРОМ, ги поздрави присутните граѓани и ги претстави проектите за наредните 4 години во Општина Карпош. Со поздравни говори се обратија и носителот на советничката листа за Советот на Град Скопје од коалицијата „Искуство за успех“, Ристо Пенов, кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Александар Трајановски, и лидерите на Интегра и ПЦЕР, Љупчо Ристовски и Самка Ибраимовски.
Македонија
Меџити: Милиони евра се инвестираат за развојот на Чаир

Чаир, како историско и академско средиште на Скопје, доживува значајна фаза на развој благодарение на поддршката од Владата.
Кандидатот на коалицијата „Влен“ за градоначалник на општина Чаир, Изет Меџити, во дебатната емисија на МРТ соопшти дека во последните 15 месеци се инвестирани околу 100 милиони евра, што претставува само почеток на трансформацијата.
Меѓу главните проекти, Меџити ги спомена:
- Универзитетот „Мајка Тереза“ – инвестиција од 40 милиони евра за изградба на најголемиот и најмодерниот универзитетски кампус во земјата, со што Чаир станува академско средиште со околу 20.000 студенти вклучени во четири универзитети.
- Стар Чаир – инвестиција од 25 милиони евра за реновирање на најстарата чаршија на Балканот, која не била обновувана од османлискиот период.
- Плоштадот „Скендербег“ – проект кој ќе создаде паркинг простор за 800 возила, модернизирајќи ја и функционализирајќи ја централната зона.
Меџити истакна дека Чаир за првпат се трансформира не само со зборови, туку со конкретни проекти и реални инвестиции, кои ќе го донесат овој дел на Скопје во ерата на развојот и ќе ја зајакнат неговата улога како академско, културно и историско средиште.
Македонија
Шукова: Отпадот е ресурс, време е Скопје да добие чист и одржлив систем за управување со отпад

Кандидатката за градоначалничка на Град Скопје, Каја Шукова, во гостување на телевизијата Алсат М, зборуваше за проблемите со отпадот, нечистотијата и дивите депонии во градот, нагласувајќи дека потребни се два паралелни процеси итно чистење на градот и долгорочна поставеност на систем по европски стандарди.
„Мора веднаш да се почне со расчистување на отпадот пред секоја куќа, пред секоја зграда, по целиот град, како и со дивите депонии, каде што ќе воспоставиме контрола за да не настануваат повторно”, истакна Шукова.
Според неа, проблемот со Вардариште е еден од најакутните во Скопје.
„Таму мора да имаме 24-часовна заштита, да го преземеме просторот и да започнеме со постепено расчистување. Вардариште, според сите стратешки документи, треба да биде претоварна станица – затоа што мора да имаме претовар на отпадот пред неговото носење во Дрисла“, објасни Шукова.
Таа подвлече дека градот мора итно да воспостави одржлив систем за управување со отпад, кој ќе ја намали количината што завршува на депонии и ќе ја зголеми повторната употреба и рециклирањето.