Европа
Франција ќе истражува дали руски лажни вести влијаеле на протестите
Франција отвори истрага за можно руско влијание во демонстрациите познати како протести на „жолтите елеци“, кои последниве недели ја тресат земјата.
Сојузот за обезбедување на демократијата, меѓународна невладина организација, утврдил дека голем број профили на социјалните мрежи поврзани со Москва биле вклучени во кампањата поврзана со „жолтите елеци“. Според ваквите тврдења, повеќе од 600 профили на „Твитер“, однапред познати по промоција на лажни вести, поставиле објави со назнака за „жолтите елеци“ (#giletsjaunes).
Сојузот е меѓународна невладина организација основана минатата година за сузбивање на руски и други обиди за поткопување на демократските институции во САД и во Европа, а го водат поранешни претставници од американските разузнавачки служби и Министерството за правда.
Организацијата на својата веб-страница води преглед на руски и проруски профили кои се обидуваат да влијаат врз западната политика преку промовирање на ставовите на Кремљ.
Истражувањето на организацијата покажало дека руски медиуми како „Спутник“ и РТ објавувале лажни вести, како на пример дека полицајците во југозападниот дел на Франција ги извадиле шлемовите во знак на солидарност со демонстрантите и дека голем број припадници на француската полиција не го поддржуваат Макрон. Локалната полиција и новинари ги демантираа објавите на руските медиуми, тврдејќи дека полицајците само накратко ги симнале своите шлемови за да поразговараат со демонстрантите и потоа веднаш ги вратиле.
Француските безбедносните служби сега покренаа независна истрага за случајот, потврди францускиот министер за надворешни работи, Жан Ив ле Дриан.
Според некои француски политиколози, главна цел на ваквото руско медиумско влијание е да се поттикне недовербата кон владите во западните земји и да се прикаже дека либералната демократија пропаѓа.
Во меѓувреме, Кремљ реагираше на ваквите обвинувања, па Дмитриј Песков порача дека информациите за вмешаност на Русија во протестите на „жолтите елеци” не се ништо друго освен клевета.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Уапсени двајца тинејџери во Франција: планирале терористички напад
Двајца 16-годишници беа уапсени претходно оваа недела во северна Франција под сомнение за планирање напади врз трговски центар или концертна сала, соопшти канцеларијата на францускиот обвинител за антитероризам во петокот.
Апсењата спречија планиран напад, соопшти канцеларијата, пренесува Ројтерс.
Обвинителот за антитероризам рече дека еден од двајцата малолетници почнал да следи џихадистичка пропаганда. Имињата на уапсените не беа објавени.
Европа
Мерц реизбран за лидер на ЦДУ
Германската владејачка партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), денес го реизбра Фридрих Мерц за свој лидер.
Мерц беше поддржан од 878 од 963 членови на партијата на националната партиска конференција во југозападниот град Штутгарт.
Резултатот е негов втор најдобар досега.
Во 2022 година, тој беше избран со 94,6 проценти од гласовите на онлајн партиска конференција, а подоцна беше потврден со гласање по пошта со 95,3 проценти од гласовите. Во 2024 година, тој доби 89,8 проценти од гласовите.
Дводневниот партиски состанок доаѓа на почетокот на предизвикувачка година за ЦДУ, која се соочува со избори во пет федерални држави во март и септември.
Според анкетите, крајната десница ги надминува конзервативците во две источни држави.
Мерц на митингот изјави дека ЦДУ мора „да спречи враќање на крајнодесничарскиот радикализам на власт во федералните држави на Германија“.
Европа
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија денес, соопштија властите, во најновиот смртоносен инцидент оваа зима.
Две лица се пронајдени мртви по лавина во скијачкиот центар Санкт Антон ам Арлберг.
„Жртвите беа извлечени од снегот, но не беше можно да се спасат“, изјави портпаролот на полицијата. Уште три лица се повредени. Властите првично не дадоа никакви детали за идентитетот, возраста или националноста на жртвите.
Претходно, 42-годишен германски скијач загина во лавина во тиролскиот скијачки центар Наудерс. Мажот скијал надвор од стазата со својот 16-годишен син, кој преживеал со сериозни повреди, соопшти полицијата. Тие се обидувале да ја преминат северната падина кога се откинала плоча од снег широка околу 400 метри, носејќи ги околу 200 до 300 метри надолу.
До 40 сантиметри свеж снег паднале во делови од Тирол во последните денови. Властите предупредија дека ризикот од понатамошни лавини останува висок. Само во среда во Тирол беа регистрирани повеќе од 30 лавини.

