Македонија
Амнестијата ќе донесе и помали затворски казни, дали ќе се менува обвинението?
Кој сè ќе може да побара амнестија од учесниците во настаните на 27 април, најверојатно, ќе биде познато в понеделник, кога во форма на предлог-закон за амнестија документот ќе биде доставен до Собранието. Иако најавите беа дека предлогот денеска ќе се разгледува од Интерпартиското тело за помирување, поради отсуство на поголем број пратеници состанокот ќе се одржи идната недела, а не се отфрла можноста тоа да се случи во понеделник пред почетокот на собраниската седница.
Во оваа насока се и тврдењата на премиерот Заев, кој рече дека Законот за амнестија, што веќе се дебатира, ќе се комплетира до крајот на оваа или почетокот на идната недела и со него јасно ќе се разграничи што значи учество во насилство, кревање рака, организација и осмислување упад во Собранието.
„Членовите во законот што ќе доведуваат до идно казнување нема да бидат тероризам со над 10 години казни, туку ќе бидат помали почетни казни. Но, казни ќе има. Со законот ќе се испрати пораката, казнувањето мора да постои, но и најважната порака е да нема мешање во правосудството“, ијави Заев.
Пратеничката Нола Исмајловска-Старова од независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ вели дека нацрт-законот сè уште се разгледува во пратенички групи и дека се прават консултации со правни експерти.
„Идеите што ги имаме веќе подолг период ги разменивме. Навистина е еден инклузивен процес, сега тоа што го правиме е консултација со правни експерти, секоја пратеничка група се консултира и кога ќе се закаже наредната средба на интерпарламентарната група за интеграција, реформи и помирување ќе ги размениме и тие заклучоци за крајното решение да го извлечеме најдоброто од сите дискусии што ги имавме досега“, рече Старова.
Според досегашните најави од работната група што го подготви, законот нема да ги опфати нарачателите, организаторите и насилниците од 27 април. Не беше прецизирано дали ќе се бара од обвинителството да прави преквалификација на делото „тероризам“ , но беше споменат членот од кривичниот законик што се однесува на здружување заради непријателска дејност, со кој се предвидуваат казни затвор од најмалку четири години.
Обвинителката Вилма Русковска вели дека воопшто не размислува за преквалификација на делото и дека не сака да лицитира додека не го види готово новото законско решение.
Според првичните сознанија, законот ќе опфати повеќе од 20 обвинети од 33-јца меѓу кои најверојатно ќе бидат и пратениците обвинети за крвавиот четврток.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тошковски во Брисел: Македонија ја потврдува посветеноста во борбата против криумчарењето мигранти
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска во Брисел учествуваше на Втората меѓународна конференција на Глобалната алијанса за борба против криумчарењето мигранти – значаен светски форум кој ги обединува партнерите во справувањето со еден од најсериозните транснационални безбедносни предизвици.
Во име на Македонија, министерот Тошковски ја поддржа Заедничката декларација на Алијансата, со што државата уште еднаш ја потврдува својата цврста посветеност на засилената превенција и поефикасен институционален одговор на криумчарењето мигранти. Ова претставува важна потврда за улогата на Македонија како активен и доверлив партнер во глобалните напори за борба против организираниот криминал.
Во рамки на конференцијата, министерот Тошковски оствари билатерална средба со Европскиот комесар за внатрешни работи и миграција, Магнус Брунер. Разговорите беа фокусирани на процесот на европска интеграција на Македонија, како и на важноста од координирани европски политики во делот на управувањето со границите.
На маргините на конференцијата министерот Тошковски се сретна и со Сузане Раб, новоизбраната генерален директор на Меѓународниот центар за развој на миграциска политика (ICMPD), со која разговараше за актуелните миграциски предизвици и можностите за продлабочување на идната соработка.
Министерот оствари и средба со министерот за внатрешни работи и контрола на наркотици на Пакистан, Мохсин Раза Накви. На средбата беше разговарано за зајакнување на билатералната безбедносна соработка, која во наредниот период треба да се формализира преку потпишување на Меморандум за разбирање помеѓу двете министерства.
Учеството на Македонија во работата на Глобалната алијанса за борба против криумчарењето мигранти уште еднаш ја нагласува улогата на државата како активен и кредибилен партнер кој придонесува кон европската и глобалната безбедност.
Македонија
Пазарот на недвижности расте – Аеродром со најмногу склучени купопродажби во првата половина од годината
Пазарот на недвижности во земјава во првите шест месеци од оваа година бележи зголемена динамика, а гледано на територијата низ целата држава, најголемиот дел од активностите се концентрирани во неколку скопски општини.
Според податоците од Агенцијата за катастар на недвижности, Аеродром е општината со најмногу купопродажби – 562 трансакции, веднаш зад неа е Гази Баба со 555, а Карпош со 527 трансакции го заокружува водечкиот трио. Значително помал обем на продажби е регистриран во Бутел (176). Центар ја бележи највисоката вкупна остварена цена од реализирани купопродажби во првото полугодие: 65,8 милиони евра. Следуваат Карпош со 56,7 милиони евра и Аеродром со 47,9 милиони евра, додека најниска вредност има во Штип – 10 милиони евра.
Анализата на пазарот на станови покажува дека најмногу продадени станови во првото полугодие има во Аеродром (189), Чаир (182), Центар (181) и Карпош (179), што уште еднаш ги потврдува скопските општини како најактивни во овој сегмент од пазарот. Најниска регистрирана продажна цена по метар квадратен е во Тетово – 19.524 денари, додека највисоката е 277.027 денари во општина Центар.
Катастарот во анализата дополнително појаснува дека при утврдување на просечната цена на становите на државно ниво, не се земаат предвид атипични трансакции со екстремно ниски или високи вредности по метар квадратен. Во извештајот се наведуваат неколку такви случаи: продажба на стан од 58 м² во Свети Николе по цена од 862 денари за метар квадратен, продажба на стан од 13 м² во Центар по 804.231 денар за м², продажба на стан од 51 м² во Центар по 542.647 денари за м².
Податоците откриваат и интересни трендови во споредба со истиот период минатата година. Центар има најголем раст на обемот на купопродажби – 32 отсто, додека Гази Баба и Штип растат за 28.
Кај остварената цена на пазарот на недвижности најголем пораст во однос на лани бележи Кисела Вода со дури 59 проценти, следена од Центар со 54 отсто. Висок раст се регистрира и во Чаир (44%), Тетово и Охрид (по 37%), Струга (38%) и Карпош (34%), додека Струмица бележи поскромно зголемување од 17 проценти.
Овие бројки доаѓаат во контекст на општ раст на пазарот. Катастарот регистрира вкупно 15.779 трансакции во првото полугодие, што претставува зголемување во однос на 2024 година. Најактивен месец е мај, со 2.918 продажби и закупи, додека најтивок е јуни со 2.173 трансакции. Во структурата на продажбите доминира земјоделското земјиште (33%), веднаш потоа следуваат становите (32%), градежното земјиште (19%) и куќите (12%), а деловните простори и гаражите учествуваат со 4, односно 3 проценти.
Пазарот на недвижности во целина бележи раст од 15 проценти во споредба со истиот период лани, а умерениот пораст на цените во речиси сите категории укажува на стабилна побарувачка и зголемена активност кај купувачите и инвеститорите. Дополнително, податоците укажуваат на пораст на вкупната финансиска вредност кај речиси сите типови недвижности.
Македонија
Минчев: Рационална, професионална и европска администрација, со поддршка на СИГМА се усогласуваат клучните реформски приоритети
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари работна средба со Баграт Тунјан, раководител на тимот за стратешко планирање и државен менаџер за Република Македонија во рамки на СИГМА – заедничката иницијатива на ОЕЦД и Европската унија.
Фокусот на средбата беше насочен кон рационализирање, координирање и унапредување на јавната администрација која ќе може да одговори на потребите на граѓаните и бизнис секторот, со посебен акцент на носењето на Законот за висока раководна служба, кој ќе воспостави јасни, транспарентни и мерливи критериуми за избор и управување со раководните кадри – модел што ќе ја спречи партизацијата и ќе го гарантира принципот „најдобрите на најодговорните позиции“.
Дополнително, се разгледуваа и измените на Законот за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ), реформата на системот за плати и подобрувањето на регулативата која треба да ја направи администрацијата попрегледна, покохерентна и пофункционална, со јасни надлежности и подобра меѓуинституционална координација.
Преку овие реформи, заложбата на Министерството за јавна администрација е создавање административна машинерија која ќе работи поефикасно и поодговорно како темел на модерна и европска државна служба кон која се стремиме.

