Македонија
(Видео) Дебата: Секоја амнестија и насока за менување на обвинението е упад во правосудството
Секоја амнестија или аболиција претставува упад, односно мешање во судската власт бидејќи законите се обврзувачки за Обвинителството и за судствто, согласни се адвокатот Константин Кратовалиев и поранешниот обвинител Александар Наков во дебатата на „Макфакс“. Тие оценуваат дека со предложениот закон за амнестија на дел од обвинетите за настаните од 27 април во суштина станува збор за аболиција, која е во план да се спроведе додека трае судскиот процес. Според Кратовалиев, амнестијата е институт што постои повеќе од две илјади години и во основа значи мешање на политиката во правосудството, но во законска форма.
„Секое законско решение што ќе го понудат е обврзувачко за Обвинителството и за судството што ќе постапува и ќе мора да го почитуваат. Се разбира дека законските решенија ќе имаат соодветни квалификации во однос на делото. Секое менување одредба на членот во која било фаза од постапката значи преквалификација де факто“, вели Кратовалиев и додава дека со аболицијата што се промовира не постои правна пречка да биде применета во која било фаза.

Според Наков, се работи за класичен пример на мешање на законодавната во судската власт.
„Ние ќе дојдеме во ситуација обвинителот да има врзани раце да мора да постапува по новиот закон, дали ќе го крстиме преквалификација или не, јас би рекол правецот ќе го даде новиот закон. Затоа, аболицијата се однесува на кривичното дело, меѓутоа за неодреден број учесници во настанот за разлика од помилувањето кога точно се знае лицето. Можеби самата амнестија е политички акт, политиката наоѓа време и место да реагира, но мора да се внимава при донесување на законот“, смета Наков.

Посебен феномен, според Кратовалиев, кој досега не е познат во правниот и политичкиот систем, е што жртвите во случајот се тие што промовираат и одлучуваат за амнестијата за, како што вели, повисоки цели. Наков, пак, е скептичен дека селективната амнестија ќе доведе до посакуваното помирување бидејќи може да направи дополнителни поделби и да внесе незадоволство кај дел од граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени возачи од Скопје и Куманово, возеле без возачка, одземени им се возилата
Полицијата уапси двајца возачи од Скопје и Куманово, возеле без положен возачки испит, одземени им се возилата.
Попладнево во 12:40 часот на патот Куманово-с. Липково, полициски службеници го лишија од слобода Ш.А.(31) од Куманово. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со кумановски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Ш.А. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
На 03.02.2026 во 13:00 часот на улица „Јустинијан први“ во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода И.Џ.(20) од Скопје. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. И.Џ. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
По документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од КЗ.
Македонија
Партиите со осуда за нападот врз новинарот Видиновски
Политичките партии го осудија нападот врз новинарот Александар Видиновски.
„Ги осудуваме нападите врз новинарот Александар Видиновски, кои се последица на бугарскиот национализам и шовинизам. Нападот врз новинарот Видиновски е напад врз слободата на говор и врз медиумите, од страна на структури кои разгоруваат омраза, а се мотивирани од бугарскиот национализам. Сите напади како овој врз новинарот Видиновски го разјадуваат општеството и ја подгреваат омразата, и мора веднаш да престанат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Осуда стигна и од ЛДП.
„Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро го осудува однесувањето на онлајн насилниците со коментари исполнети со говор на омраза кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски. Ваквиот начин на изразување и на воспоставување дијалог не е воопшто соодветен за било кое демократско општество. Ја изразуваме нашата поддршка за Видиновски, бараме независното новинарство да остане независно од секакви влијанија и бараме брза реакција на институциите за расчистување на случајот“, велат од ЛДП.
Македонија
Македонија и ОАЕ потпишаа Меморандум за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Дубаи оствари билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, во чии рамки беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата.

„Со Меморандумот се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување“, соопштија од МНР.
Од таму додаваат дека потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги.
На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати. Воедно бил направен сеопфатен преглед на билатералните односи, при што биле разгледани можностите за нивно натамошно продлабочување. Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на политичката соработка, јакнењето на економските врски и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји.
Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи кои ќе придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и продлабочена соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.

