Македонија
Автобусот кој се преврте кај Лесковац е на струшка компанија, а синоќа тргнал од Битола

Македонскиот автобус што синоќа се преврте кај Лесковац, тргнал од Битола, пренесуваат српските медиуми, а според последните информации тој бил во сопственост на струшката компанија „Еуробус“.
Автобусот вчера во 19 часот тргнал од Битола и сообраќал на редовната линија за Виена.
Во тешката несреќа загинаа три лица, најверојатно две жени и еден маж, а повредени се вкупно 32 патници. Од нив, четири патници се со тешки повреди и префрлени се во Клиничкиот центар во Ниш додека останатите се задржани во болницата во Лесковац.
Како што пренесува српската агенција „Бета“ во автобусот имало патници од Битола и други места во Македонија, а еден од повредените за агенцијата изјавил дека не се сеќава на несреќата, бидејќи речиси сите патници спиеле.
„Кога се разбудив, слушнав врескање. Видов луѓе со крвави глави и раце и слушнав дека некој рече оти има загинати. Не знам кој повика брза помош и полиција, но наскоро пристигнаа неколку амбулантни возила, а лекарите влегоа во автобусот и веднаш ни помогнаа. Пристигнаа пожарникари, мислам дека од Лесковац и сите заедно не изнесоа надвор од автобусот“, изјавил патникот од Битола за „Бета“.
Како што информираат српските медиуми, во Лесковац вчера врнело дожд, а од полноќ непрекинато почнал да паѓа сенг, па се претпоставува дека можна причина за несреќата е лизгавиот коловоз. Некои српски медиуми пренесоа дека можно е и возачот на автобусот да заспал зад воланот.
Возачот и совозачот не се повредени, но им било кажано дека не можат да даваат изјави за медиумите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВЛЕН: Паднаа во вода тврдењата на ДУИ за наводен атентан врз Зеќирија Шаини

Коалицијата ВЛЕН реагира за случајот во кој беше повреден активистот и носител на листата на НАИ во Липково, Зеќирија Шаини.
Од таму велат дека особено загрижува фактот што политичките опоненти, предводени од ДУИ, се обидоа да ѝ дадат политичка димензија на оваа трагедија, грубо манипулирајќи со семеен конфликт во сред изборна кампања.
„Но случајот се покажа како семеен проблем и нема никаква врска со политиката. ДУИ доживеа тежок пораз, бидејќи не ѝ успеа обидот да ја искористи ситуацијата за сопствена политичка корист. Тие беа демантирани и од самиот нивен активист, Зеќирија Шаини, кој јавно изјави дека нема политичко непријателство со никого, со што паднаа во вода сите тврдења за наводен „политички атентат“.ДУИ сакаше да се претстави како херој во туѓи сметки – но тоа не помина. Наместо да придонесе за смирување на ситуацијата, партијата повторно приредува политички театар, обидувајќи се, како и секогаш, да создаде перцепција дека „некој работи против нив“. Помогната од неколку платени новинари, кои дење и ноќе шират лаги против власта, ДУИ ги злоупотребува дури и проблемите на сопствените партиски членови. Ова е стар модел на јавна манипулација и политичка виктимизација, кој има цел да го прикрие падот на довербата и губењето на електоратот“, велат од ВЛЕН.
Македонија
Сончево со мала локална облачност, максималната температура до 21 степен

Сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10, а максималната ќе достигне од 14 до 21 степен.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 20 степени.
Времето во наредните денови
До почетокот на следната седмица ќе преовладува стабилно, сончево и релативно топло време со локална појава на облачност во текот на денот. Ќе дува слаб до умерен, а во сабота долж Повардарието повремено засилен северен ветер.
Македонија
Делови од Гази Баба и Ѓорче Петров денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08:30 до 13:30 часот, корисниците од улица Благоја, улица Маџари, Пекара КИС МИ Стефковски и улица Ордан Поп Јорданов (општина Гази Баба)
– во периодот од 09:00 до 10:00 часот, локалите во трговскиот центар до пазарот (општина Ѓорче Петров)