Македонија
(Видео) Пратениците ќе носат закон, а Кацарска и Рускоска ќе амнестираат

„Нема да бидат амнестирани лица што биле организатори на настаните од 27 април. Тука спаѓаат лицата што носеле оруже и фантомки, кои извршиле насилство и службени лица што ги прекршиле овластувањата“, рече пратеничката на СДСМ, Фросина Ременски-Ташевска, по завршувањето на состанокот на интерпартиското тело за помируваање.
Таа рече дека членовите на ова тело ги усогласиле ставовите за нацрт-законот кој до вечер ќе влезе во собраниска процедура. Ременски додаде дека законот не се фокусира на тоа кој ќе биде амнестиран, туку на делата што нема да влезат.
„Делата поврзани со терористичко загрозување и здружување заради непријателска дејност не влегува во оваа законско решение“, рече Ременски.
Таа додаде дека телото нема право да дава квалификации кој треба да добие амнестија, за тоа ќе одлучува судот врз основа на мислење од ОЈО, кое ќе се темели на доказите што ги поседува.
„Ние не одлучуваме. Законот е јасен, по неговото донесување, секој има право во рок од 5 дена да поднесе барање за амнестија. Не навлегуваме во тоа како ќе одлучи понатаму надлежниот орган“, вели Ременски. Таа додаде дека ако некој не се чувствува виновен, не мора да поднесува барање, може да ја докажува својата невиност до крајот на постапката.
Во врска со обвинувањата дека законот е селективен и не е фер и дека на овој начин се прави селективна амнестија, таа рече дека тие биле пратеници, а не судии и обвинители.
„Законот наскоро ќе го има на веб-сајтот на Собранието, консултирајте правници, експерти нека го толкуваат“, додаде таа.
Ременски не сакаше да даде одговор на новинарско прашање како таа гледа на законот.
„Не можам овде да изнесувам личен став, викнете ме во студио, или ќе ви дадам изјава па ќе изнесувам ставови. Овде зборувам од позиција на пратеник и како копреседавач на оваа тело. Има законско решение, наша обврска беше да го направиме тоа“, рече Ременски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сијарто: ЕУ применува двојни стандарди кон Македонија и Србија, а Украина се турка на сила

Министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, изјави дека Европската унија очигледно применува двојни стандарди кога станува збор за процесот на проширување.
„Европската комисија пред многу години предложи отворање на следниот кластер поглавја со Србија за да продолжат пристапните преговори. А што се случи? Некои земји членки не се согласија и одлуката не беше усвоена. Дали некој тогаш ги обвини дека го нарушуваат европското единство? Се разбира дека не. Грција со години ги блокираше пристапните преговори со Северна Македонија. Дали некој ги обвини Грците? Не. Сега Бугарите имаат предуслови. Дали некој ги критикува? Не, се разбира,“ рече Сијарто за РТС.
Тој додаде дека секогаш како виновна се посочува Унгарија, бидејќи има влада која не е „по вкус на Брисел“.
„Да бидеме искрени, дали било кој што размислува со здрав разум верува дека Украина е во подобра состојба од Србија како кандидат? Дали некој сериозно мисли дека Украина е поспремна за влез во ЕУ од Србија? Дали некој верува дека Украина може да донесе повеќе корист за Унијата од Србија? Србија е многу поспремна, во подобра состојба и би донела повеќе корист ако стане членка. А што се случува? Србија се турка на страна, а Украина се турка напред. Тоа е вистински скандал,“ нагласи Сијарто.
Македонија
Меџити најави нов модерен булевар во Чаир

Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир од коалицијата ВЛЕН, Изет Меџити, денеска го претстави еден од приоритетните проекти од неговата програма – трансформација на улицата „Мид’хат Фрашери“ (поранешна „Македонско-Косовска Бригада“) во модерен булевар.
Според најавата, проектот ќе започне во првата година од мандатот и предвидува изградба на булевар со должина од 1.850 метри и профил од 25 метри, во соработка со Град Скопје. Булеварот ќе има четири коловозни ленти, велосипедски и пешачки патеки и зелени површини.
Меџити посочи дека новата сообраќајница ќе биде клучна артерија што ќе го поврзе Чаир со улицата „Џон Кенеди“, олеснувајќи им го пристапот на студентите до универзитетите и зајакнувајќи ја врската меѓу Центар, Чаир и Шуто Оризари.
Во следната фаза, е предвидена целосна трансформација и на улицата „Џон Кенеди“, со што ќе се изгради нов современ урбан прстен.
„Овој проект не е само асфалт и бетон. Тоа е нашата визија за еден поразвиен, побезбеден Чаир, поблиску до европските стандарди,“ изјави Меџити.
Од коалицијата ВЛЕН нагласуваат дека остануваат посветени на реализација на капитални инфраструктурни проекти кои директно ќе го подобрат квалитетот на живот на граѓаните.
Македонија
Поради пад на температурите, грејната сезона почнува две недели порано

АД ЕСМ информира дека од утре, 2 октомври, започнува грејната сезона за потрошувачите приклучени на системот за централно греење во Скопје.
Иако грејната сезона официјално почнува на 15 октомври, регулативата предвидува почеток и порано доколку прогнозата за средна дневна температура е еднаква или пониска од 12˚C. Според Управата за хидрометеоролошки работи, за 2 октомври е најавена средна температура од 10˚C, со што се исполнети условите за производство и испорака на топлинска енергија.
До 15 октомври, на веб-страницата на ЕСМ Снабдување секојдневно ќе се објавува дали има услови за испорака на топлинска енергија за наредниот ден.
Од компанијата апелираат до корисниците да ги завршат потребните поправки на внатрешните грејни инсталации, а заедниците на сопственици да обезбедат пристап до потстаниците, редовно електрично напојување и платени сметки за струја. Завршените интервенции треба да се пријават во Центарот за грижа на потрошувачи.
Сите потрошувачи можат да проверат дали нивниот објект е на списокот на затворени објекти без услови за испорака на топлина на линкот „Затворени објекти – ЕСМ Снабдување“.