Македонија
Грчки професор смета дека Македонија е клучна држава за зачувување на регионалниот баланс на моќ
Во организација на Инфо-центарот за евро-атлантски интеграции и Факултетот за безбедност – Скопје, беше организиран настан на тема „Придобивките за Република Македонија од евро-атлантските интеграции“. Целта на настанот беше да се поттикне аргументирана дебата за придобивките од евро-атлантските интеграции и да се разгледаат позитивните аспекти од членството во ЕУ и НАТО.
На настанот говореа Никола Дујовски, декан – Факултет за безбедност, Николета Ѓукановиќ од Црна Гора и Сотирис Сербос, „Демократиус универзитет на Тракија“ – Грција.
Дујовски, кој ја отвори дебатата, потенцира дека се надева оти со оваа дебата во овие клучни периоди ќе се даде поддршка на овој значаен процес за државата имајќи предвид дека евро-атлантските интеграции се најважниот процес низ кој државата плови, а токму сега сме во фаза кога сето тоа треба да е заокружено. Сега е вистинско време процесот да се приближи до граѓаните и да се разбере колку многу државата може да добие од членството. Според него, важно е овој процес да се гледа низ призмата на безбедноста, стабилноста, економскиот развој и вкупната промена на општеството, кои се клучните постулати на кои во наредниот период треба да им посветиме внимание.
Професорот Сотирис Сербос од Грција, кој има работено како специјален советник во повеќе министерства во Грција, смета дека во моментот има одлична можност за цврсто приклучување на државата кон Западот. Според него, ние сме клучната држава за зачувување на регоналниот баланс на моќ, а тоа е така бидеjќи, доколку пропадне целиот овој напор, иако патот е долг и тежок, и доколку не успееме со овој процес, регионалниот баланс на моќ на среден, но и долг рок, е неодржлив. А според него, тоа ќе придонесе државите порано или подоцна да ги ревидираат своите стратегии за националните интеграции. Токму затоа, според Сотирис, е многу важен договорот од Преспа зошто тој ги отклучува евро-атланстките аспирации на државата.
Ѓукановиќ од Црна Гора ги истакна клучните придобивки и аспекти од пристапните процеси на Црна Гора во НАТО, но и на тоа како пристапувањето кон НАТО го потпомогнал и процесот на пристапување кон ЕУ. Ѓукановиќ ја истакна и важноста на јавните дабати со граѓаните за позитивните страни, но и обврските што произлегуваат од членството во НАТО. Особен акцент беше даден и на тоа која е разликата во Црна Гора откако е членка во поглед на клучните елементи на напредок на државата, зголемените инвестиции, како и подобрената безбедносна, политичка и економска кохезија.
На дебатата, покрај панелистите, учествуваа и други меѓународни и домашни експерти и практичари, претставници на меѓународната заедница, како и Канцеларијата за врски со НАТО.
Инфо-центарот за евро-атлантски интеграции беше отворен во понеделникот во Скопје и ќе се обиде да го пополни недостигот од информации за предностите и потенцијалните недостатоци од пристапувањето во НАТО и истовремено ќе нуди простор за аргументативна дебата за влез на државата во НАТО. Инфо-центарот има цел да придонесе кон зголемување на знаењето на граѓаните за евро-атлантските интеграции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши – Јиан: Билатералните односи со Кина во духот на меѓусебно разбирање, почитување и конструктивна соработка
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, оствари средба со Ли Јиан, генерален директор за европски прашања во Министерството за надворешни работи на Народна Република Кина.
Посакувајќи му добредојде во законодавниот дом од името на пратениците, претседателот Гаши истакна дека и покрај географската оддалеченост, билатералните односи остануваат срдечни и продолжуваат да се развиваат во духот на меѓусебно разбирање, почитување и конструктивна соработка.
Тој ја повтори посветеноста на државата на принципот на „Една Кина“, односно признавањето на Владата на Народна Република Кина како единствена легитимна влада на кинескиот народ и признавањето на Тајван како неотуѓив дел од кинеската територија.
Понатаму, претседателот Гаши информираше дека парламентарното мнозинство останува цврсто фокусирано на реализација на клучните стратешки цели кои се непроменети од нашето осамостојување, односно напредок кон отворање на преговори за полноправно членство во Европската Унија.
Двајцата соговорници се сложија дека иако соработката на билатерално ниво дава опипливи резултати во широк спектар на сектори – има простор за продлабочување на односите во областа на туризмот, културата и трговската размена. Беше нагласен и континуираниот придонес на Кинеската амбасада во Скопје за развојот и унапредувањето на односите меѓу двете држави.
Исто така, беше потенцирано дека Пратеничката група за соработка со Парламентот на Народна Република Кина, која се формира во Собранието во сите досегашни мандати, е форум за воспоставување, негување и продлабочување на потесни меѓупарламентарни врски и размена на мислења за сите аспекти на законодавната работа меѓу меѓу двете држави.
Генералниот директор за европски прашања му врачи на претстедателот Гаши честитка од неговиот хомолог, Џао Леџи, претседател на Постојаниот комитет на Секинескиот народен конгрес.
Македонија
Пуштена за сообраќај клучката на автопатот Охрид-Кичево, кај селото Подмољје
СВР Охрид ја известува јавноста дека од денеска, во редовен сообраќај е пуштен сообраќајниот крак-клучката на автопатската делница Охрид-Кичево, кај селото Подмољје, општина Дебрца.
Со тоа, воспоставен е нормален сообраќај во правецот Охрид-Кичево-Скопје, Охрид-Струга , Струга-Кичево-Скопје и Струга-Охрид и истата е во редовна функција без дополнителни сообраќајни ограничувања.
„Апелираме до возачите на патнички и други моторни возила, при користење на овој сообраќаен крак како и на целата автопатска траса, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи како и и другата поставена хоризонтална и вертикална сигнализација и со тоа, да придонесат за зачувување на сообраќајната безбедност“, велат од СВР Охрид.
Македонија
Делови од Карпош и Центар утре без вода
Делови од Карпош и Центар утре ќе останат без вода, извести ЈП Водовод и Канализација.
„Поради промена на вентил ф-2 на крстосницата ул.Октомвриска Револуција/ бул.Партизански Одреди , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од зграда 10,12 и 14 на ул.Октомвриска Револуција и дел од бул.Партизански Одреди (потегот од Никола Тесла до Октомвриска Револуција). Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот. Поради водоводен приклучок од ф 100мм на ул.Наум Наумовски Борче бр.63, со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од ул.Наум Наумовски Борче бр.63. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување.(Центар)“, се наведува во соопштението.

