Македонија
Кацарска до Дукоски: Не обраќајте ми се со висок тон, не сме на улица
На самиот почеток од денешното рочиште за крвавиот четврток настана расправија помеѓу судијката Добрила Кацарска и адвокатот на обвинетиот Митко Чавков, Сашко Дукоски. Расправијата се случи кога судијката најави дека на денешното рочиште ќе се изведуваат декласифицираните докази од МВР за Митко Чавков, на што адвокатот жестоко реагира дека немал доволно време да ги разгледа бидејќи претходно не му биле доставени, односно дури денеска ги примил.
Судијката Кацарска рече дека во текот на вчерашниот ден судот го барал Дукоски повеќепати за да му ги достават доказите, но тој не се одѕвал на повиците. На ова Дукоски одговори дека не бил во можност да се јави бидејќи бил на интервенција за синусите.
– Вчера бев на медицинска интервенција за чистење синуси, не е професионално веднаш вината за доказите мене да ми ја префрлате. Првиот телефонски повик од судот е примен во 14.21 часот во момент кога бев на интервенција. Кога завршив, се јавив во канцеларијата, ме известија и ми доставија фиксен телефон од судот, на кој се јавував од 15.20 до 15.30 часот, но никој не ја крена слушалката. Не може да се очекува дека затоа што не сум кренал телефон, да биде моја вина зашто не сум ги примил доказите. Ова се докази предложени од наша страна, но ниту еднаш физички не сум ги видел, сега првпат ги гледам и како очекува судот да коментирам докази што првпат ги гледам. Барам судот да ми даде време да извршам увид на доказите, рече Дукоски.
На ова судијката Кацарска истакна дека судот го барал Дукоски и пред 14 часот.
– Не можете така да се однесувате во судница и на тој начин така да разговарате со судот. Не обраќајте ми се висок тон, не сме на улица. Не се јавувавте и пред 14 часот. Не покажавте потреба да се јавите за доказите и за кое образложение говорите кога треба само да ги прочитате доказите за да влезат на записник, рече судијката.
Судечкиот совет даде 1 час пауза за адвокатот Дукоски да ги разгледа доказите по што рочиштето ќе продолжи со нивно изведување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јанчев од Левица по сообраќајната несреќа: Веднаш пружив помош, но бев мета на политичка хајка
Пратеникот и лидер на Левица, Саше Јанчев, денеска се огласи по повод сообраќајната несреќа во која бил учесник, истакнувајќи дека во настанот се погодени најмалку три семејства и бројни блиски лица, поради што досега, како што вели, свесно молчел. Јанчев нагласува дека не сака да навлегува во детали од несреќата, но чувствувал потреба јавно да се произнесе поради, како што тврди, политичката злоупотреба на случајот.
Тој изрази жалење за сè што се случило таа вечер и посочи дека веднаш по несреќата пружил помош и повикал итни служби. Притоа, Јанчев укажа дека брзата помош, според неговите наводи, пристигнала по цели 50 минути.
Во изјавата потенцира дека бил единствениот легален учесник во сообраќајот во конкретната несреќа и отфрли тврдења дека управувал возило под дејство на алкохол или дрога, како и дека возел со непрописна брзина, оценувајќи ги ваквите информации како целосно неточни.
Јанчев реагира и на објавите во дел од медиумите дека управувал „бесен џип“, наведувајќи дека неговото возило е старо 20 години и дека станува збор за намерно креиран наратив. Според него, уште истиот ден по несреќата, владејачките партии започнале, како што рече, координирани политички напади против него.
Тој обвини дека бил јавно осуден преку партиски прес-конференции и медиумски настапи, без, како што посочи, да се постави прашањето за одговорноста на министерот за внатрешни работи и министерот за здравство. Јанчев наведе и дека од страна на власта му биле упатени закани поврзани со работата на Анкетната комисија за Кочани.
Во однос на прашањето за пратеничкиот имунитет, Јанчев истакна дека никогаш не се повикал на него и дека имунитетот, како што нагласи, не ја исклучува кривичната одговорност.
„Сето ова се прави без чувство дека во приказната не сум само јас, туку и луѓе кои се настрадани и длабоко потресени“, наведе Јанчев, повторувајќи дека искрено жали за сè што се случило и дека не знае зошто морало да дојде до таков трагичен настан.
Македонија
ТАВ Македонија: Меѓународниот Аеродром Скопје е отворен
Поради густата магла која ја зафати скопската котлина, а која предизвика намалена видливост, на Меѓународниот Аеродром Скопје, денеска од 00:00 часот до 18 часот, има 16 откажани и 11 пренасочени летови. Три авиони слетаа и три авиони полетаа после пладне, кога се подобрија временските услови. Слетаа авионите од Дортмунд, Истанбул и Париз, а полетаа за Истанбул, Осло и Баден-Баден, информираат од ТАВ Македонија.
Бидејќи временските услови се менуваат постојано, од ТАВ Македонија апелираат до сите патници да ги следат информациите и насоките за нивните летови кои ги добиваат од авиокомпанијата со која летаат
-Согласно временската прогноза која ни стигнува од Метео-службата на М-НАВ, намалена видливост се очекува и во текот на ноќта. За патниците и јавноста би сакале да појасниме дека Меѓународниот Аеродром Скопје не е затворен. Аеродромот е постојано отворен, без разлика на временските прилики, а нашиот персонал е подготвен да ги прифати, услужи и испрати и авионите и патниците, се вели во соопштението од ТАВ Македонија.
Сите промени во редовниот распоред на летање се ажурираат во реално време на веб-страницата на Меѓународниот Аеродром Скопје https://skp.airports.com.mk/, а патниците може да се информираат за статусот на нивните летови и на пултот за информации кој работи 24/7 со персонал кој е присутен на аеродромот и на телефонскиот број 02 3148 333.
Македонија
Сонце само над Водно – градот втор најзагаден во Европа
Скопје денеска осамна покриено со густа магла, која целосно го проголта градот и го сокри сонцето од погледот на скопјани. Додека во низините видливоста беше значително намалена, единственото место каде што сонцето се пробиваше низ облаците беше Водно, поточно околу Милениумскиот крст.
Од височините на Водно можеше јасно да се забележи контрастот меѓу сончевото небо и густата магла што се задржа над градот, создавајќи слика на Скопје „заробено“ под сив покрив.
Покрај неповолните временски услови, денес Скопје е рангирано како втор најзагаден град во Европа, што дополнително ја влошува состојбата со квалитетот на воздухот и претставува сериозен ризик за здравјето на граѓаните.
Граѓаните повторно апелираат за итни мерки и долгорочни решенија за справување со аерозагадувањето, кое со години останува еден од најголемите проблеми во главниот град.

