Македонија
Првите луѓе на МПМ, Керим и Станисављева, се недостапни за СЈО
Некогашните први луѓе во „Медија принт Македонија“, Срѓан Керим и Јана Станисављева, два месеца се недостапни за специјалното јавно обвинителство, потврдија од таму за „Макфакс“. Неофицијално, дознаваме дека на двајцата трагата им се губи од почетокот на октомври, односно набргу по нивниот распит во просториите на обвинителството. Според истите извори, Керим и Станисављева ја напуштиле Македонија на почетокот на октомври годинава, односно набргу по нивниот првичен распит во специјалното јавно обвинителство. Оттаму засега не побарале мерки со кои би го обезбедиле нивното присуство.
Според нашите сознанија, групата што ја истражува СЈО во предметот „Империја“ е проширена токму за предметот со стечајот на МПМ. „Макфакс“ дознава дека Срѓан Керим преку скопскиот аеродром заминал кон Виена, а неколку дена подоцна со авион заминал за Дизелдорф. Во Виена беше канцеларијата на Керим во времето кога тој директоруваше со групацијата ВАЦ за Југоисточна Европа. Тоа беше и местото каде што неофицијално требаше да биде испорачано шишето со 750 илјади евра, со кое беше фатен неговиот личен возач.
Керим, освен македонски, има хрватски пасош и поседува куќа во Опатија. На неговиот профил на „Фејсбук“ пишува дека тој живее таму, но нашите сознанија велат дека тој не е во Хрватска. Го контактиравме Керим на неговиот личен профил на „Фејсбук“, но досега тој не одговори на пораката.
И Јана Станисављева, која беше на распит во СЈО, а на јавноста ѝ стана позната по тоа што од МПМ примала месечна плата од 1,4 милион денари според менаџерскиот договор, според нашите сознанија, е надвор од државата. Според нашите извори, таа во два дена двапати ја напуштила државата. По второто излегување, повеќе не се вратила. На почетокот на октомври, Станисављева, придружувана од две машки лица, преку граничниот премин Богородица заминала за Грција. Таа со уште едно машко лице преку граничниот премин Деве Баир ја напуштила земјава. Лицето пеш се вратило во Македонија, а Станисављева со автомобилот го продолжила патувањето во непозната насока. Неофицијално, била остварена и телефонска комуникација помеѓу Станисављева и притворениот Сашо Мијалков токму за случајот „Империја“.
Нашите информации говорат дека домашна компанија од ексгаздите на МПМ побарува неколку стотици илјади евра. Фирмата, која се занимава со јавно огласување, веќе поднела и кривична пријава. Адвокатката Анита Бегова за „Макфакс“ ниту потврди ниту демантира дека во име на нејзин клиент е поднесена кривична пријава за ексгаздите на МПМ. Рече дека и кога тоа би било така, предистражната постапка е тајна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДОМ: Дислокација на цементарницата Усје преку јавно-приватно партнерство
Зелената партија ДОМ предлага воведување на моделот „Зелен урбан трансфер“ како стратешко решение за дислокација на цементарницата, без никакви трошоци за државниот буџет, се наведува во соопштението на партијата.
Според ДОМ, досегашните тврдења дека дислокацијата на цементарницата е „невозможна мисија“ се резултат на застарени економски пристапи. Партијата посочува дека во светот веќе со години се применуваат модели со кои тешките индустриски зони се трансформираат во нови, еколошки урбани четврти, без директно оптоварување на државните финансии.
Клучот на предложениот модел е принципот „вредност на земјиштето наместо државен буџет“. Наместо државата да ја финансира дислокацијата, се предлага пренамена на земјиштето на Усје од индустриска зона (Г) во станбено-деловна зона (А и Б). Со ваквата одлука, вредноста на парцелата значително се зголемува, а инвеститорот, односно сопственикот, добива можност да развие модерен „Smart City“ комплекс. Приходите од продажбата на недвижностите, според ДОМ, би се користеле за изградба на нова, целосно еколошка фабрика на соодветна, подалечна локација.
Бидејќи процесот на дислокација може да трае од пет до седум години, од ДОМ бараат Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање веднаш да воведат преоден режим во А-интегрираната дозвола, со најстроги еколошки стандарди. Меѓу барањата се итна инсталација на филтри од последна генерација за целосна елиминација на цврстите честички PM10 и PM2.5, како и системи за десулфуризација и денитрификација за намалување на емисиите на сулфур диоксид и азотни оксиди.
Партијата предлага и задолжително воведување на системи за вбризгување активен јаглен и вреќасти филтри, со цел целосна неутрализација на диоксините и фураните, нагласувајќи дека на тој начин ќе се спречи испуштање канцерогени материи во воздухот за време на транзицискиот период. Дополнително, ДОМ бара 24-часовен јавен дигитален мониторинг, при што податоците од оџаците би се емитувале во живо на веб-страницата на Министерството и на јавни екрани во општина Кисела Вода.
Во соопштението се осврнуваат и на решавањето на еколошкиот товар од ОХИС и Пеленица, при што се предлага чистењето на линданот да се финансира преку меѓународни развојни грантови и концесиски модели. Според ДОМ, приватен партнер би можел да добие право на стопанисување со исчистениот простор, во замена за целосна ремедијација на почвата.
Од партијата порачуваат дека Скопје заслужува чист воздух, а индустријата треба да се развива надвор од градското јадро. Со моделот „Зелен урбан трансфер“, како што наведуваат, сопственикот на „Усје“ добива нов капитал, а граѓаните – подобри услови за живот. Истовремено, преку новиот Генерален урбанистички план, градот би го насочил своето стратешко ширење кон нова, еколошки уредена четврт, додека би се намалил притисокот од прекумерна урбанизација и бетонизација во веќе преоптоварените централни и западни делови на Скопје.
Македонија
Тошковски денеска на Пониква ги посетил децата и семејствата на загинатите бранители
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски денеска ги посетил децата и семејствата на загинатите бранители кои традиционално во овој период престојуваат во зимското одморалиште на МВР на Пониква.
-Имав чест на заеднички ручек да поминеме време заедно, во искрена и топла атмосфера, да поразговараме на повеќе теми. Жртвата што ја дале нивните најблиски е најголемата можна жртва, затоа што тие ги загубиле своите татковци, сопрузи, синови во одбрана на татковината, посочува Тошковски во објавата на својот Фејсбук профил.

Министерот нагласува дека жртвата на загинатите бранители не смее и нема да биде заборавена.
-Таа за нас претставува аманет и трајна обврска, секогаш да бидеме покрај нив, да им даваме поддршка, да ги почитуваме и да одговараме на нивните потреби во рамките на надлежностите што ги имаме, вели Тошковски.
Македонија
Минималната плата не го покрива ни основното преживување, велат од СДСМ
Од СДСМ порачаа дека платите на работниците мора да се зголемат веднаш, а не по најави и проекции за две или четири години, оценувајќи дека актуелната економска политика не одговара на реалните животни трошоци и секојдневните потреби на граѓаните.
„На работниците не им требаат изговори ниту најави за 2028 година. Платите треба да се покачат сега, затоа што парите не им стигаат од први до први“, наведуваат од СДСМ, додавајќи дека животниот стандард е сериозно загрозен, а минималната плата не обезбедува основна егзистенција.
Од партијата реагираат и на изјавите и настапите на премиерот Христијан Мицкоски, прашувајќи дали тој чекал две години кога купувал часовници во вредност од 65.000 евра, додека работниците се принудени да преживуваат со примања што не ги покриваат ниту основните трошоци.
Според последните податоци, минималните месечни трошоци на едно четиричлено семејство во јануари 2026 година изнесувале 66.413 денари, што, како што посочуваат од СДСМ, значи дека ниту две минимални плати не се доволни за покривање на основните потреби. Со сегашното ниво од околу 400 евра, минималната плата, според опозицијата, не обезбедува заштита на животниот стандард и не ја следи реалната структура на трошоците во едно просечно домаќинство.
„Работниците буквално се борат за парче леб и не можат да чекаат до 2028 година“, велат од СДСМ, оценувајќи дека Македонија денес има најниска минимална плата не само во регионот, туку и во Европа.
Во реакцијата се споредуваат и состојбите во соседството. Во Косово, минималната плата се зголемува од 350 на 500 евра во две фази, во Албанија од 1 јануари 2026 година минималната плата ќе изнесува 500 евра, во Србија со владина одлука е зголемена на 500 евра, додека во Црна Гора се движи од 600 до 800 евра.
СДСМ предупредува дека последиците од ниските плати веќе се видливи, со масовно заминување на квалификувани работници и млади луѓе во странство, додека во земјата се увезува работна сила. Според партијата, ваквите политики водат кон дополнително намалување на вредноста на трудот, доколку тоа, како што наведуваат, не е и свесна цел на актуелната власт.

