Контакт

Истражувања

Фондот за иновации прво одобрил грант од 200 илјади евра на сопругот, па ја вработил сопругата

Објавено пред

Фондот за иновации и технолошки развој на крајот на јули годинава одобрил грант на Александар Гаврилоски, сопственик на „Билд ДООЕЛ Скопје“, а пред две недели ја вработил сопругата на Гаврилоски, Неда Икономова- Гаврилоска. Таа и пред вработувањето работела во Фондот, но како надворешен соработник. Директорот на Фондот за иновации, Јован Деспотовски не гледа ништо спорно во апликацијата за грант на компанијата „Билд“.

dobivaj vesti na viber

„Во моментот кога компанијата аплицирала за грантот, Неда Икономова-Гавриловска не беше вработена во Фондот за иновации и технолошки развој. Неа, како и многумина други ги ангажираме повремено за одделни проекти. Комисијата каде учествувала Икономова е формирана за ‘Предизвик за млади истражувачи’ (основни и средни училишта), со други надворешни членови. Нема никаква врска со Комитетот за одобрување на инвестиции на Фондот (лица именувани од Влада), што работи на евалуација на проектите од компаниите под сосема други повици и процедури“, вели директорот Деспотовски.

На „Билд ДООЕЛ“ Фондот му одобрил грант од 12.648.160 денари или околу 205 илјади евра за проектот „Примена и реализација на иновативен концепт за изградба на заштитни конструкции за земјоделски насади во секторот земјоделство“. Директорот Деспотовски вели дека иако е одобрен грантот, договорот со оваа компанија не е потпишан. Не поради непотизам или конфликт на интереси туку поради недовршена правна процедура.

„‘Билд’ си алицирал во планот за економски раст. Одлучувањето е надворешно целосно, тоа го прави Комитетот за одобрување инвестиции во Фондот за инвестиции. Комитетот одлучил да се додели грантот, но бидејќи не е комплетирана правната процедура, со нив не е потпишан договорот и не се исплатени парите“, изјави за „Макфакс“ директорот Деспотовски.

Ова е само последниот од низата скандали кои го следеа грантирањето во Фондот за иновации по објавувањето на грантистите на крајот на јули годинава. По силниот притисок во јавноста, први од одобрените грантови се откажаа компаниите поврзани со вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, и пратеникот Хари Локвенец. Поради нив, Фондот побара од сите добитници на грантови да се изјаснат дали се поврзани со носители на јавни функции. Од вкупно 77 компании, поврзаност со функционери пријавија четири. Тоа се компаниите поврзани со советничката за култура на премиерот, Цветанка Ласкова, со актуелниот министер за култура, Асаф Адеми, со поранешниот амбасадор Јован Донев и со поранешниот министер без ресор Веле Самак.

На компанијата „Декодикс“ на снаата на Ласкова ѝ беше одобрен грант од 19.954.200 денари. Снаата, Христина Керкез, се иззема од сопственичката структура, но и покрај тоа компанијата не ги исполни условите да добие пари од државата бидејќи е оценета како компанија со среден, кон висок ризик од влијанието на Ласкова. Нешто помалку, односно 19.925.977 денари беа одобрени на „Микросам“ на поранешниот министер без ресор Веле Самак. И оваа компанија е оценета како средно ризична од влијанието на јавниот функционер, но нејзината оценка се ближи кон низок ризик. Оценка среден ризик од надворешниот оценувач „Транспаренси интернешнал – Македонија“ добија и „Контура“ на Елена Донева поврзана со поранешниот амбасадор Јован Донев со одобрени 3.638.655 денари и „Т – сенс“ поврзана со актуелниот министер за култура Асаф Адеми, на која ѝ се одобрени 4.113.041 денари.

Фондот со овие четири компании не ги потпиша договорите оти се очекува одлука од Комитетот за одобрување инвестиции во Фондот за инвестиции по нивните изјави дека се поврзани со носители на јавни функции.

Од Фондот најавија дека Комитетот ќе ги донесе конечните одлуки за четирите компании на следната седница, закажана за 24 јануари.

Истражувања

(Видео) Нафтениот тајкун и пратеник од ДУИ, Јахоски, му ја продал куќата на Таравари во Тафталиџе, комшии му се министри и бизнисмени

Објавено пред

Куќата во скопско Тафталиџе на Арбен Таравари, актуелен градоначалник на Гостивар и лидер на Алијансата за Албанците, по цена далеку пониска од пазарната му ја продал пратеникот од ДУИ, Исмаил Јахоски, кој пет мандати беше градоначалник на Пласница и чие семејство е сопственик на „Пуцко петрол“. „Макфакс“ дојде до официјалниот документ, кој покажува дека последниот сопственик на куќата во Тафталиџе пред Таравари да ја купи бил пратеникот Јахоски заедно со сопругата Љупка-Еда Јахоска.

dobivaj vesti na viber

Со купувањето на куќата, Таравари во соседството е опкружен со видни бизнисмени, но и политичари од партијата ДУИ. На неколку чекори од неговиот двор живее министерот за финансии, Фатмир Бесими. На истата улица кај Бесими куќа има и бизнисменот Фатмир Етеми, кој е поранешен пратеник од ПДПА, кој изгради деветкатница кај „Мајчин дом“ во Аеродром.

Иако му ја продаде куќата, семејството Јахоски останува прв сосед на Таравари оти Љупка-Еда Јахоска, според податоците од Катастарот, е сопственичка на соседната парцела.

Историјатот од Катастарот покажува дека Јахоска во 2013 станала сопственичка на куќата што денес ја поседува Таравари. Делела по една половина со Иса Јаоски. Во 2017 година делот од Иса Јаоски како дар го добил пратеникот Јахоски. По четири години, во 2021 година, врз основа на договор за купопродажба како сопственик е внесен Таравари.

Таравари во анкетниот лист истовремено ги пријавил куќата од 150 илјади евра и кредит од 100 илјади евра

Според анкетниот лист пријавен во Државната комисија за спречување корупција, Таравари за квадратен метар платил 576,5 евра, иако пазарната цена за квадрат надминува 1.500 евра и сега и во 2021 година кога била направена купопродажбата. Извештаите на Државниот завод за статистика (ДЗС) покажуваат дека и во 2019 година, две години пред Таравари да ја купи куќата, просечната цена на квадрат во Скопје била 1.000 евра, а од тогаш наваму цените се во постојан пораст.

Таравари смета дека цената од 150 илјади евра за 261 квадрат во Тафталиџе е реална и нагласува дека цените сега и пред две години се разликуваат

Таравари за „Макфакс“, сепак, тврди дека платил реална цена за куќата и не даде никаков коментар на обвинувањата за партиски пазар и сомнеж за корупција.

„Куќата е купена во јуни 2021 година со комплетно уредна документација. Пријавена е во анкетниот лист уште 2021 година, а според состојбата во која беше купена куќата во 2021 година, таа ѝ е реалната цена за тоа време. Инаку, цените на становите и куќите сега и пред две години се разликуваат“, рече Таравари.

Пратеникот Јахоски вели дека има обичен мобилен и не ги гледа пораките со прашања за купопродажбата

Пратеникот од ДУИ, Јахоски, не одговори на прашањата од „Макфакс“ зошто му направил попуст на Таравари и со тоа оставил простор за сомнеж за корупција и политички пазар, како што обвинува опозицијата.

„На седница сум“, рече пратеникот, кој самиот се јави во „Макфакс“ оти, како што рече, му стигнала празна порака, но спушти слушалка кога ги слушна прашањата што му беа испратени во пораката. Рече дека има обичен телефон и не гледа прашања, а не одговори ниту на прашањата испратени по имејл.

Таравари, истовремено, со купувањето на куќата за која навел дека вреди 150 илјади евра, во анкетниот лист пријавил и кредит од 100 илјади евра.

Државната комисија за спречување корупција ги истражува сите наводи во анкетниот лист на Таравари, вклучително и цената на куќата.

„Имаме предмет за Таравари, но сè уште се работи и во овој момент немаме исход што би можел да се соопшти“, вели Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК, за „Макфакс“.

Управата за финансиска полиција, пак, како најповикана институција за следење на патот на парите и откривање криминал во функционерските кругови, една недела не одговара на прашањата од „Макфакс“ за цената што Таравари ја платил за куќата по јавно искажаните сомнежи за корупција ниту, пак, извести дали на кој било начин оформиле предмет за овој случај. Новиот директор на Управата, Горан Иванов, не контактира со медиумите, освен во случаи кога Управата преку соопштение, еднострано, ѝ се обраќа на јавноста. За случајот на Таравари, досега од оваа институција немаше соопштение.

Прикажи повеќе...

Истражувања

Разрешена директорка зела плата и го возела службениот автомобил

Објавено пред

Ексдиректорката на Државниот комунален инспекторат, Елизабета Јованчева, и разрешена зела плата, го возела службениот автомобил и потпишувала документи, а нејзините колеги сведочат и дека заминала на обука во Италија за која си зела и дневници. Инспекторатот сега судски бара ексдиректорката да врати 26.832 денари, што ѝ биле префрлени како плата по разрешувањето, а откако ќе ја добие пресудата за платата, ќе поведе постапка и за сите останати трошоци што ги направила во периодот по одлуката на Владата.

dobivaj vesti na viber

„Владата ја разреши Јованчева на 15 мај 2018 година, без образложение, со назнака дека одлуката стапува на сила веднаш, но таа си остана на функцијата до јуни. Место само за 15 дена од мај, таа си потпиша плата за цел месец. Одвреме-навреме доаѓаше и на работа. Кога ја прашавме зошто доаѓа и по одлуката на Владата, таа кажуваше дека чека официјално известување“, велат вработени во Инспекторатот кои сакаа да останат анонимни.

Инспекторатот бил без директор до август 2018 година кога Владата го назначила Зоран Маџовски за в.д. директор, но по само две недели го разрешила и него и за в.д. директор е назначен Сали Ајдини, кој сè уште е на функцијата. Со негов потпис, Државниот комунален инспекторат во октомври лани побарал од Јованчева да ги врати парите што ги добила како вишок средства со платата. Со истиот допис ја известиле ексдиректорката дека ако не ги врати парите, ќе почнат судска постапка.

Јованчева им одговорила дека барањето им е неосновано, па Инспекторатот побарал милење од Државното правобранителство. Правобранителството го прифатило барањето и го известило Инспекторатот дека случајот е испратен за постапување до Државното правобранителство во Штип, надлежно да постапува доколку е потребно да биде поведена судска постапка.

„Правобранителството нè извести дека подготвително рочиште за предметот е закажано за во март годинава. Нашиот став е дека поранешната директорка треба да ги врати парите за половина месец оти одлуката на Влада за нејзино разрешување стапи на сила веднаш и таа беше одјавена од социјално осигурување“, изјави директорот Ајдини за „Макфакс“.

Државниот комунален инспекторат во октомври лани побарал од Јованчева да ги врати парите што ги добила како вишок средства со платата

„Макфакс“ ја контактираше ексдиректорката Јованчева, но таа не сакаше да зборува за случајот.

Владата, која ја назначи и ја разреши Јованчева, не одговори на прашањата кое е образложението за нејзиното разрешување и зошто постојано дозволуваат Инспекторатот да е без директор.

„Во однос на кадровските прашања во Владата на Република Македонија, има комисија за кадровски прашања, која за секое лице поединечно ги проверува содржините на поднесената документација за да се провери дали ги исполнуваат условите за именување и соодветно на фактите, со потврдата за исполнување на условите за именување, Владата ги именува истите“, е коментарот на Владата како одговор на прашањата за смената на Јованчева.

Владата ја назначи за директорка Јованчева на 26 јануари 2018 година откако Инспекторатот беше три месеци без директор, оти дотогашниот стана градоначалник, а вработените беа без плата. Една од првите обврски на Јованчева беше потпишувањето на платата.

 

Прикажи повеќе...

Истражувања

(Видео) „Лимак“ и Градот ги изиграа скопјани, се гради хотел место прво да се изгради подземната сообраќајница

Објавено пред

Место прво да ја изгради подземната сообраќајница па потоа да ги гради содржините над земја, турската компанија „Лимак“ кај Стара железничка прво гради хотел. Зад „Рамстор“ веќе се гледа објект од приземје и четири ката, а во исто време на трасата на подземната сообраќајница видливи се само подготовки за градење. Овој проект е уште еден во низата проекти што имаат поддршка и од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ. Во време на ВМРО-ДПМНЕ во 2012 година беше продадено државното земјиште, но се молчеше иако со години не се градеше, а властите од СДСМ, пак, лани наплатија комуналии за сите предвидени објекти и издадоа одобренија за градење и покрај мораториумот за градење во Центар.

dobivaj vesti na viber

Сега властите молчат за редоследот на градење. Обврската прво да ја изградат подземната сообраќајница на Турците им ја наметна поранешниот градоначалник на Скопје Коце Трајановски, веднаш по продажбата на земјиштето во 2012 година. Трајановски ги уверуваше скопјани дека Град Скопје склучил договор со Турците кој нема да дозволи тие да си ги изградат комерцијалните содржини над земја и да ја баталат подземната сообраќајница бидејќи се обврзале прво да ја изградат сообраќајницата, а дури потоа да почнат да ги градат другите содржини. Изградбата се одолговлекуваше со години, а кога веќе почнаа да градат минатата година, Турците покажаа дека приоритетен им е хотелот, спротивно на уверувањата на поранешниот градоначалник.

Иако објектот зад „Рамстор“ секојдневно расте, и од Град Скопје и од „Лимак“ велат дека не е прекршен договорот за изградба на подземната сообраќајница.

Од Градот тврдат дека е на сила договорот што го потпишал поранешниот градоначалник, но го сокрија кога „Макфакс“ со барање за пристап до информации од јавен карактер побара копија. Не одговорија на барањето и по истекот на законскиот рок од еден месец.

„Градот Скопје го нема променето договорот склучен помеѓу Град Скопје и ‘Лимак’ од 12.03.2012 година“, кусо одговорија од Градот на прашањето кога го смениле договорот што го обврзува „Лимак“ прво да ја изгради подземната сообраќајница, а потоа да ги гради останатите содржини со оглед на сегашната состојба на градилиштето зад „Рамстор“.

Од „Лимак“ избегнаа да одговорат директно на прашањето зошто не ја изградија подземната сообраќајница пред да почнат да ги градат другите содржини. Велат дека и покрај одолговлекувањето, ќе ги исполнат обврските од договорот потпишан во 2012 година.

„Според распоредот за изградба на ‘Лимак’, подземната сообраќајница ќе биде прва точка од проектот на ‘Лимак’, кој ќе се гради на парцелата 1.1. ‘Лимак’ прво ќе ја гради подземната сообраќајница на секвенци на парцелата 1.1 и ќе работи нагоре за да ги комплетира паркинзите, а дури потоа ќе почне со активности за изградба на станбените објекти и трговскиот центар кои е предвидено да се наоѓаат на ова место. Според инженерите, ова е сосема изводлив проект. Планирано и буџетирано е дека ‘Лимак’ ќе инвестира до 250 милиони евра за да го заврши овој проект“, изјавија од „Лимак“ за „Макфакс“.

Од компанијата се правдаат дека почнале да го градат хотелот зад „Рамстор“ оти заедно со локацијата го презеле и одобрението за градење што претходниот инвеститор го добил во 2008 година. Морале да почнат да градат оти биле обврзани во рок од десет години од издавањето на одобрението градбата да заврши. Поради истечениот рок за завршување на градбата „Лимак“ плаќа казна од два милиона денари месечно.

Официјално изградбата на комплексот кај Јужен булевар Турците ја почнаа лани во септември и најавија дека подземната сообраќајница ќе биде готова за 20 месеци, односно до средната на 2020 година. Ќе се гради прво потпорен ѕид од 17.000 квадратни метри околу сите парцели опфатени со проектот.

„Лимак“ на просторот кај Стара железничка станица покрај подземната сообраќајница најави изградба на мултифункционален комплекс со четири дваесеткатници, трговски центар, простор за рекреација, угостителски објекти и паркинг. Земјиштето со вкупна површина од 41.824 квадратни метри во 2012 година го купи за 3,7 милиони евра. Лани за комуналии на Град Скопје се обврза да му исплати 6,5 милиони евра на рати, а за 20 отсто помала сума треба да исплати на име комуналии и во Општина Центар.

Прикажи повеќе...

Најново

Свет26 минути

Украина може да го порази Путин со беспилотни подводни дронови, тврди пензиониран американски генерал

Русија може да биде протерана од Украина доколку се употребат експлозивни подводни дронови, тврди еден од водечките пензионирани американски генерали,...

Македонија54 минути

Поради пад на температурите, грејната сезона почнува две недели порано

АД ЕСМ информира дека од утре, 2 октомври, започнува грејната сезона за потрошувачите приклучени на системот за централно греење во...

Македонија2 часа

„Политико“: Бугарија би можела да му се придружи на Орбан во блокадата на Украина, за да го зачува ветото кон Македонија

Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, би можел да најде поддршка од повеќе земји во обидот да ја задржи блокадата за...

Македонија2 часа

Јаневска на првиот академски час на УКИМ: Студирањето во својата земја е најдобар избор

Министерката за образование и наука Весна Јаневска на првиот академски час ја поздрави новата генерација студенти на Универзитетот „Св. Кирил...

Македонија3 часа

Судењето за „Онкологија“ одложено, одбраната бара Коцевски да ја преземе постапката

Судењето против поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Никола Васев, и уште двајца онколози обвинети за несовесно лекување пациенти, е...

Македонија4 часа

Шукова од Аеродром им го вети на скопјани она што премиерот Мицкоски го најави минатата недела: бесплатни филтри на оџаците се добра и сериозна мерка

Кандидатката за градоначалничка на Скопје од СДСМ, Каја Шукова, денес, од Аеродром, на скопјани им вети бесплатни филтри за оџаците...

Македонија5 часа

Систем за влез/излез од ЕУ: за што сè треба да се подготват патниците

Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека почнувајќи од 12 октомври 2025 година, Европската Унија ќе почне со постепено воведување...

Европа7 часа

Експлозии и пукање во Минхен: едно лице загина, друго повредено

Голема полициска и противпожарна операција е во тек од раните утрински часови во северен Минхен откако се слушнале експлозии и...

Европа7 часа

(Видео) Гори една од најголемите рафинерии во Русија

Украински извори на социјалните медиуми објавија снимки од пожар во една од најголемите руски рафинерии во Јарослав. Изворите тврдат дека...

Свет8 часа

(Видео) Снимен момент кога силниот земјотрес ги погоди Филипините

Најмалку 60 лица загинаа, а повеќе од 140 се повредени во силен земјотрес со јачина од 6,9 степени по Рихтер...

Европа8 часа

Орбан: Европа е посилна од Русија, не знам зошто глумиме дека сме слаби

Унгарскиот премиер Виктор Орбан порача дека Унгарија би соборила руски беспилотни летала доколку влезат во нејзиниот воздушен простор. Еден новинар...

Свет8 часа

Трамп: Блиску сме до договор со „Харвард“, ќе платат 500 милиони долари

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека неговата администрација е блиску до договор со Универзитетот Харвард и рече дека таа...

Свет9 часа

(Видео) Силен земјотрес ги погоди Филипините: најмалку 60 мртви

Најмалку 60 лица загинаа, а повеќе од 140 се повредени во силен земјотрес со јачина од 6,9 степени по Рихтер...

Македонија19 часа

Додека светот ги забранува, ароматичните електронски цигари се помасовни кај нас: деветгодишни „вејпаат“ и бројат хитови

Повикот на Светската здравствена организација (СЗО) од мај годинава итно да се забранат ароматичните цигари за да се заштитат младите...

Македонија19 часа

Мицкоски: СДС и ДУИ бараат спас во корумпираното судство, тоа им е последно танго за избегнување одговорност

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот митинг во Струга, посочи дека една од картите на кои игра опозицијата, СДС...

Македонија20 часа

Коцевски: Објавените пораки за пожарот во Кочани се дел од доказите

Обвинителството води предистражна постапка за вработени во УЈП и други институции за повеќе кривични дела поврзани со пожарот во дискотеката...

Македонија21 час

Рекет во Скопје: Изнудувале пари со закани за убиство, организаторот од Дубаи

Обвинителството отвори истрага против тројца турски државјани за кои постојат сомненија за изнуда. Тројцата осомничени во група, со сериозна закана...

Регион21 час

Детали за пукањето во Белград: Напаѓачите дошле со комбе до кафулето и почнале да пукаат кон гостите

Репортерка на „Н1 Белград“ од Вишњичка бања, каде денеска околу 14:30 часот се случи пукање во кое пет лица беа...

Регион21 час

„Се пукаше од повеќе страни, луѓето се разбегаа“: Во пукање во Белград петмина ранети

Пет лица се повредени во пукање што се случи околу 14:25 часот во белградската населба Вишњичка бања. Според официјалните информации, повредени...

Македонија22 часа

Извештај на Стејт департментот: Македонија отворена за инвестиции, корупцијата кочница за бизнисот

Водењето бизнис во Македонија е генерално лесно, а законската рамка е во голема мера усогласена со меѓународните стандарди, иако корупцијата...