Топ
Загина возач, со ,,хонда” излетал од патот кај Катланово
Возач загина откако со ,,хонда” излетал од патот кај Катланово. Според полицијата, несреќата се случила вчера во 17 часот на локалниот пат село Петровец, Катланово, на самиот влез во село Катланово.
Г.М.(72) од Скопје, кој возел ,,хонда”, изгубил контрола над возилото и излетал од патот. Од здобиените повреди на местото на настанот Г.М. починал. Извршен е увид на местото на настанот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дурмиши сака минималната плата да биде 600 евра, но ќе преговара за 450 на почетокот на декември
Во буџетот има пари за зголемување на минималната плата и во декември, како што бара Синдикатот, покрај законското зголемување од 2.000 денари во март следната година. Министерот за економија Бесар Дурмиши вели дека сака минималната плата да се зголеми на 600 евра, но треба договор и законски измени и за барањето на Синдикатот минималната плата да биде 450 евра.
„Ако во рамките на Економско-социјалниот совет договориме да се зголеми минималната плата, претходно треба да се смени Законот за минималната плата. Кога ќе се направат измените, може да се зголеми минималната плата на 450 евра. Има политичка волја. Што се однесува до мене, јас сакам минималната плата да биде 600 евра“, рече министерот Дурмиши денес одговарајќи на новинарски прашања на конференцијата „Управување со недостигот на работна сила во одредени занимања во Северна Македонија“.
Дали минималната плата може да се покачи на 450 евра Економско-социјалниот совет ќе одлучува на седница во декември. Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, вели дека аргументите се на нивна страна.
„Дијалогот во однос на минималната плата е отворен. Аргументите се на наша страна. Ако знаете дека во Црна Гора минималната плата е веќе 800 евра, ако знаете дека минималната плата во Босна од 1 јануари ќе биде 600 евра, ако знаете дека во Србија е 454 евра, мислам дека синдикалната минимална кошничка, која изнесува 62.000 денари, покажува дека платите мора да се зголемат. Разговараме во однос на ова прашање поврзано и со мерките на Владата за ограничување на маржите на производите и мислам дека на наредната седница на Економско-социјалниот совет ќе ги презентираме нашите аргументи со кои располагаме за да ги убедиме бидејќи мораме да се убедуваме за потребата од растот на сите плати, вклучително и растот на минималната плата“, рече претседателот на ССМ, Трендафилов.
Тој потсети дека што побргу мора да се направи исчекор за раст на платите и очекува Владата на ист начин како што ги покачи платите во образованието и здравството, ќе успее до крајот на годината да ја исправи неправдата за сите работници што не добија усогласување на платите оваа година поради изборите.
Македонија
Tаравари колабирал и бил пренесен во болница
Министерот за здравство Арбен Таравари објави дека колабирал и завршил во болница откога вчера се споделуваше информација дека доживеал срцев удар.
Таравари утрово раскажа дека му се случил ненадеен колапс и итно бил пренесен во болница.
„Сè уште сум под опсервација бидејќи моите колеги сè уште немаат донесено никакви заклучоци. Сепак, добро сум, со семејството, ќе ги чекаме одговорите на лекарите“, рече Таравари.
Се заблагодари за грижата и добрината на граѓаните.
Македонија
Една година од убиството на Вања
Денес, се навршува една година од убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје.
Во тек е судскиот процес, кој треба да даде одговори на клучното прашање зошто девојчето беше убиено, и кој сè стои зад злосторството што ја вознемири јавноста.
Првообвинет за убиство и грабнувањето е Љупчо Палевски-Палчо, а на обвинителската клупа седат и Влатко Кешишев, Велибор Манев и Боре Видоевски, како и Александар Ѓорчевски, таткото на Вања.
Според обвинението, Вања беше киднапирана на 27 ноември 2023 година од влезот на зградата во која живее, а потоа беше убиена.
Во обвинението се наведува дека на 27.11.2023, обвинетите, помогнати од обвинет родител, извршиле грабнување на девојчето во влезот од зграда на улицата Наум Наумовски-Борче во Скопје. Ја врзале и ја однеле во близина на местото наречено Дупки, во атарот на селото Бразда, па таму на свиреп начин со умисла го лишиле од живот малолетното лице.
Обдукцијата покажала дека Вања во десната хемисфера од мозокот имала рана и огнострелен канал од 34 сантиметри, кој минувал низ вратот до четвртиот прешлен.
Обвинителите пред два дена соопштија дека имаат материјални докази оти Љупчо Палевски-Палчо е сторител на убиството на Вања и на велешанецот Панче Жежовски.
На рочиштето завчера обвинетиот Влатко Кешишев го повлече својот писмен исказ доставен минатата недела. Според неговите тврдења, тој бил принуден од првообвинетиот Љупчо Палевски да ја напише изјавата.
„Тоа не беше моја изјава. Ми беше даден текст од Палевски, кој побара да го напишам со свој ракопис. Тоа го сторив бидејќи се плашев од него“, рече Кешишев пред судот.
Во претходната изјава, сега повлечена, беше наведено дека Љупчо Палевски не бил присутен во времето кога се случило убиството на Вања.