Македонија
Камчев и Панделески одат во домашен притвор
Орце Камчев и неговиот соработник Цветан Панделески, директор на ЗК Пелагонија, одат во домашен притвор, одлучи Апелациониот суд. Се очекува тие во текот на денешниот ден или најдоцна утре да бидат пуштени од Истражниот затвор во Шуто Оризари.
За останатите осомничени за случајот „Империја“, соработникот на Камчев Ненад Јосифовиќ, директорот на „Ексико“ – Тодор Мирчевски и за Зорица Арсовска – сметководител во фирмите на Камчев Апелациониот суд се уште нема донесено одлука.
За Сашо Мијалков, исто така осомничен за „Империја“, се очекува дека СЈО исто така ќе побара поблага мерка односно куќен притвор и за тоа треба да одлучува Кривичниот суд.
Камчев, Панделески, Јосифовиќ, Арсовска и Мирчевски беа во притвор од 10 ноември. За случајот осомничени се 13 лица за оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари.
Орце Камчев за да излезе од притвор понуди гаранција од 14,5 милиони евра и докази дека нема да бега, да уништува докази или да влијае врз сведоци. Мијалков, пак, понуди гаранција од 1 милион евра.
СЈО досега не излезе со детали за што се однесува случајот, за што конкретно се товарат осомничените и кои фирми се опфатени во истрагата. „Макфакс“ имаше неколку обиди да побара објаснување за случајот „Империја“ од СЈО и од обвинителката Лиле Стефанова која го води случајот, но не добивме одговор.
Ова не беше случај со останатите истраги кои прецизно, со сите детали беа објавувани на веб-страницата на обвинителството. За овој случај, од СЈО добивме краток одговор по телефон дека истрагата ќе се проширува и повеќе детали ќе има во наредната година.
Она што засега е познато е дека во случајот „Империја“ испрани биле речиси 11 милиони евра, а буџетот бил оштетен за 6.2 милиони евра.
Под истрага, освен шестмината во притвор се и Ратка Куноска Камчева – мајка на Камчев и неизвршен член на Одбор на директори на „Орка ходинг“, Кристина Камчева Стојческа – сестра на Камчев и неизвршен член на Одбор на директори на „Жито Полог Тетово“, Лилјана Гајдоска – правник во фирмите на Камчев, неизвршен член на Одбор на директори на ЗК „Пелагонија“, Владислав Стајковиќ – сопственик на НВСП, доскорешен директор на „Мобико“ и поранешен директор на „Финзи“, Ванче Мијалчев – извршен директор на „Бетон Штип“, Јованче Тасковски – брокер и овластено лице во ДИС- Архивирај ДОО Скопје и Дејан Јанев од О.Т.Е „Инвест“.
Во рамките на истрагата, судот донесе решенија за определување привремена мерка одземање на дел од имотот заради обезбедување на правните лица „Орка холдинг“ АД и „Ексико“ ДООЕЛ Скопје и решенија за привремено да се запре одливот на парични средства од банкарските сметки на „Ексико“ и „Тимох увоз-извоз“ ДОО Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Продолжува периодот на претежно сончево време, температурата денес до 15 степени
Времето денес ќе биде сончево и релативно топло со мала до умерена облачност. Во претпладневните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла која во текот на денот ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 3, а максималната ќе достигне од 9 до 15 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево и претежно тивко со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до -2, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Продолжува периодот на претежно сончево и тивко време со дневна температура над просекот за овој период од годината. Во ноќните и претпладневните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла и зголемена облачност.
Македонија
Церемонија на свечено менување на државното знаме во кабинетот на Сиљановска-Давкова
Во претседателскиот Кабинет, денеска, 270 деца од скопските основни училишта „Вера Јоциќ“, „Лазо Ангеловски“ и „Димитар Македонски“, како и од градинките „Буба Мара“ и „Лилипут дворче“, присуствуваа на церемонијата на свечено менување на државното знаме.
Учениците ја пееја химната, интонирана од македонскиот воен оркестар, придружуван од воениот оркестар на Вооружените сили на Романија, којшто престојува во земјава по повод заедничкиот предновогодишен концерт.
Во придружба на своите наставници, образовни асистенти и едукатори, децата ја проследија церемонијата на свечено менување на државното знаме изведена од Баталјонот за почести при македонската армија.
По свечниот чин, децата го разгледаа импозантниот диптих „Македонија-светла земја“ и „Македонија-земјата памети“ на академик Глигор Чемерски, како и работната просторија на претседателката.
Во разговорот со Сиљановска-Давкова, децата зборуваа за нивните активности, за подготовките на приредбите во пресрет на новогодишните празници и ги испеаја нивните омилени песничките.
Следеа низа прашања: за претседателската функција и работните обврски, но и за нејзиното детство, основното образование, домашните миленици, омилените книги и музиката.
Претседателката ги посоветува да учат, да спортуваат, да цртаат, да ја чуваат природата и животната средина, да се дружат и да не се навредуваат.
Македонија
Ѓорѓиевски: Скопје конечно добива Луна Парк
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денес ја најави долгоочекуваната реализација на проектот за новиот Луна Парк, значајна инвестиција што по децении неизвесност конечно ќе го донесе модерниот семеен парк за забава што го заслужува Скопје, информираат од Град Скопје.
Со започнувањето на јавната набавка за проектирање и монтажа, градот, додаваат од таму, влегува во нова фаза на урбана трансформација која ќе понуди современи атракции, целосна пристапност и нови содржини за сите генерации.
„По долги години оддолговлекувања и лажни ветувања, денес започнува јавната набавка за проектирање и монтажа на новиот Луна парк.
По децении изминати во кои генерации деца беа лишени од местото што им припаѓа, место за игра, радост и незаборавни моменти, конечно започнуваме со реализација на проект што ќе ја означи новата ера на семејна забава во нашиот град.
Пред нас е изградба на ултра модерен Луна парк, еден од најдобрите во регионот, изграден според највисоки европски стандарди.
Ќе создадеме простор исполнет со ролеркостери, водени атракции, интерактивни игри, зони со виртуелна реалност и целосно ново ниво на урбана забава. Посебно внимание посветуваме на пристапноста.
Луна паркот ќе биде комплетно прилагоден и за лицата со попреченост, со најсовремени системи за безбедност, видео надзор и прва помош“.
Ккако што најавува скопскиот градоначалник на просторот од 84.000 квадратни метри ќе никне место каде семејствата ќе поминуваат квалитетно време заедно, каде ќе има зони за одмор, улична уметност, локации за културни настани и театар со затворена сцена.
„Панорамско тркало, пиратски брод, подморница, среќна лулашка и уште многу други реквизити ќе создадат уникатна атмосфера која ќе го збогати туристичкиот имиџ на Скопје.
Почитувани скопјани, како што ветив – најдоброто доаѓа!
Скопјани конечно добиваат Луна парк што ќе биде симбол на нов почеток, на едно модерно, гордо и достоинствено Скопје“.

