Македонија
(Видео) Царовска: Во 2019 уште посилно да работиме за Македонија да биде поубаво место за живеење
За време на празниците даруваме и споделуваме љубов, но исто така треба да се потсетиме дека секој ден од годината ни е важен. Во новата година влегуваме со нова енергија, продолжуваме да работиме посветено и неуморно, се со цел да изградиме поправедно и вистински хумано општество за нашите граѓани, порача министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.
„Особено сме горди што во 2018 година ја сработивме социјална реформа, која значи извлекување на околу 400 илјади граѓани над линијата на сиромаштија и еднакви шанси за секое дете. Имено, со овие реформи пристапот до детскиот и образовниот додаток се зголемува за 20 пати. Од идната година детскиот додаток место досегашните 3.200 деца ќе го користат 73.500 деца, а место образовниот наместо 3.800 деца, 64.316 деца. Социјалната помош се зголемува за 300%, но овозможуваме и полесна активација на невработените на пазарот на труд. Со воведување на социјалната пензија обезбедуваме достоинствен живот за оние кои го граделе нашето општество, а немаат извор на приход од кој можат да се издржуваат.
Процесот на деинституционализација тече одлично. Годината ја завршуваме со 60% извадени деца од големите институции, односно сместени во мали групни домови или згрижувачки семејства. Секој ден од 2019 година ќе работиме да обезбедиме топол дом за секое дете и да им подадеме рака на оние на кои сме им потребни.
Оваа година изградивме 24 нови градинки и обезбедивме 300% повисок Буџет за подобрување на квалитетот на предучилишното образование. Ова значи места за 7.000 нови дечиња во градинките, покалитетен кадар и целосна промена на начинот на кој државата се грижи за најмладите. Преку гаранцијата за млади помогнавме со вработувањето на 1.400 млади, а за следната година издвоивме рекордни 1,1 милијарда денари за оперативниот план за вработување.
МТСП ви ја честита Новата 2019 година, а новогодишните желби остануваат наша инспирација да направиме уште повеќе следната година. Да препознаеме дека секој од нас може да помогне. Да покажеме дека вистински се грижиме за нашите најблиски, но и општеството и средината во која живееме. Заедно да ја направиме Македонија подобро место за живеење“ истакна Царовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

