Свет
(Видео) Засилени безбедносни мерки во светските престолнини за новогодишната ноќ
Во светот крајот на годината изминува во знакот на безбедноста и засилени полициски мерки во престолнините во пресрет на пречекот на Новата година.
Висок ризик од теротистички напади и најавени протести на „жолтите елеци“ е причина Франција во новогодишната ноќ низ земјата да распореди над 147 илјади полицајци. Силно обезбедување ќе биде распоредено особено околу Шанзелизе, каде традиционално се организира спектакуларен огномет.
На њујоркшкиот Тајм сквер, вечерва се очекува до два милиони луѓе. Таму веќе се испробани ефектите на гигантската топка, која ќе биде пуштена точно на полноќ. Самиот дизајн, наречен „подарок на хармонијата“, испраќа порака за мир во новогодишната ноќ. Присутните ќе ги забавуваат Снуп Дог, Стинг, Кристина Агилера, „New Kids on the Block” и други.
Безбедноста во Велика Британија ќе биде исто така подигната на високо ниво. Како што е најавено, за првпат на новогодишниот собир ќе надлетуваат дронови.
Невообичаен почеток на прославата за Нова година е подготвен во студениот руски регион Казањ. Нуркачи на локалниот клуб однеле украсена елка на дното на езерото, на шест метри длабочина.
Денеска, поради различни временски зони, први во Новата година влегуваат жителите на Самоа и Карибати во Тихиот океан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Штрајк го запре јавниот превоз низ цела Германија
Автобусите, трамваите и возовите низ цела Германија престанаа да сообраќаат утрово откако локалните транспортни работници одговорија на повикот на синдикатот за јавниот сектор Верди за организирање дводневен штрајк.
Синдикатот се надева дека ќе добие влијание во преговорите поврзани со условите за работа, особено работното време и работата во смени, бонусите за ноќна и викенд работа и платите. Специфичните барања варираат од држава до држава.
Разговорите за колективниот договор за платите влијаат на околу 150 автобуски, трамвајски и локални железнички компании со околу 100.000 вработени во државите низ цела Германија, вклучувајќи ги градовите Берлин и Хамбург. Некои локални транспортни оператори веќе објавија дека ќе воведат вонредни возни редови.
Штрајкот е втората национална акција во тековната рунда на колективно договарање. За време на претходниот штрајк на 2 февруари, локалниот јавен превоз во големи делови од Германија речиси беше запрен.
Европа
Полска сака да ги забрани социјалните мрежи за деца под 15 години
Полска планира да воведе закон со кој ќе им се забрани на децата под 15 години да користат социјални медиуми и ќе ги направи платформите одговорни за проверка на возраста на корисниците, изјави министерката за образование Барбара Новацка во интервју објавено денеска, објави Ројтерс.
Владејачката Граѓанска коалиција ќе презентира нацрт-предлог со кој ќе се изрекуваат казни за платформите што остануваат достапни за помладите корисници. Новацка додаде дека законот би можел да стапи во сила на почетокот на 2027 година. „Гледаме последици за менталното здравје на децата и младите, како и пад на нивните интелектуални способности“, рече Новацка, истакнувајќи дека нивото на казните за компаниите сè уште се дискутира.
Неколку европски влади, вклучувајќи ги Данска, Грција, Франција, Шпанија и Велика Британија, разгледаа слични ограничувања поради тврдењата дека социјалните медиуми се штетни или предизвикуваат зависност кај малолетниците. Владата на Велика Британија објави во јануари дека разгледува ограничувања за заштита на децата на интернет, откако Австралија спроведе слични закони во декември.
Иницијативата би можела да ја доведе Варшава во конфликт со американските технолошки компании како „Мета“ или „Икс“ на Елон Маск. Некои од тие компании се спротивставија на ограничувањата откако Австралија воведе забрана минатата година.
Свет
Пакистанскиот премиер: Нема да има компромис во одбраната на нашата сакана татковина
Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф изјави дека вооружените сили на земјата „се целосно способни да ја скршат секоја агресивна намера“.
„Нема да има компромис во одбраната на нашата сакана татковина и ние ќе одговориме на секоја агресија со соодветен одговор. Целата нација стои со пакистанските вооружени сили“, рече тој.
Тој ја пофали армијата, за која рече дека „ги извршува своите должности во духот на национализмот“.
„Граѓаните и вооружените сили на Пакистан секогаш се подготвени да ја заштитат безбедноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на земјата. Пакистанските вооружени сили се решени да не дозволат мирот и безбедноста на земјата да бидат загрозени под никакви околности“, нагласи тој.

