Македонија
(Видео) Невакцинираните деца ги враќаат од државните, но не и од приватните градинки
Наместо во градинка, дел од родителите денеска брзаа во амбулантите да ги вакцинираат децата кои не ја примиле МРП-вакцината. Некои од нив велат дека го одложувале вакцинирањето поради тоа што децата многу често биле болни. Загрижени за здравјето на своите деца, вината за ширењето на епидемијата на морбили ја лоцираат во здравствените власти кои дозволиле да се шират антивакциналните кампањи.
Во градинките денеска значително намален е бројот на деца. Дел од директорите велат дека утринава имало родители кои биле принудени да ги вратат зашто нивните деца не биле вакцинирани. Оттаму велат дека немаат точна бројка за колку такви случаи станува збор, ниту, пак, имаат прецизни податоци колку од децата не се појавиле поради забраната за носење на невакцинираните деца во градинка.
Според информации на „Макфакс“, дел од приватните градинки денеска ги примале и невакцинираните деца, но на родителите им укажале дека од утре тоа нема да го прават. Од Министерството за труд и социјала велат дека забраната се однесува за сите градинки во Скопје, и приватни и државни, и додаваат дека им наложиле да спроведат санитарно-хигиенски и противепидимиски мерк , а потсетуваат и на казните од 350 до 650 евра за невакцинирање.
Од Министерството за здравство велат дека вакциналните пунктови во поликлиниките „Јане Сандански“ , „Букурешт“ и „Бит-пазар“ ќе работат и втора смена и тврдат дека МРП-вакцината е висококвалитетна. Според податоците на Министерството, само до 15 часот денеска биле вакцинирани 371 дете.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Трипуновски: Работиме на стабилен откуп и цена на суровото млеко
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски оствари средба со претставниците на поголемите млекарници во државата, на која се разговараше за стабилен откуп и цена на суровото млеко, покрај тоа што европскиот пазар и регионот се соочуваат со вишок на млеко.
На средбата се договори дека откупната цена на суровото млекото ќе биде стабилна, како и дека нема да има неоткупено млеко од страна на млекарниците.
Ќе се засилат контролите на пазарот со фокус на безбедноста и квалитетот на млекото и млечните производи, како и на добиточната храна.
Министерството останува посветено на унапредување на млекопроизводниот сектор и обезбедување на одржливи услови за фармерите и млекарниците, велат од таму.
Македонија
ЗНАМ до СДСМ: Димитриевски нема „златни визи“, не е вмешан во скандали и не оди на журки во Дубаи
Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија обвини дека СДСМ со нападите врз Максим Димитриевски и партијата се обидува да ја дефокусира јавноста од сопствената политичка и економска катастрофа. Во соопштението, ЗНАМ ги нарекува обвинувањата на СДСМ „политичка манипулација и замајување“, оценувајќи ги како „неосновани, тенденциозни и без докази“.
Од партијата велат дека Димитриевски има лична и професионална кариера надвор од политиката и дека не бил поврзан со корупциски скандали.
„За разлика од двоецот Заев-Филипче кој ги троши народните пари по луксузни јахти низ светот, тој не поседува ‘златни визи’ и не оди на журки во Дубаи“, се наведува во соопштението.
Според ЗНАМ, сите јавни набавки и финансиски постапки се спроведуваат законски и под надзор, а партијата останува доследна на принципите на отчетност и јавна одговорност. „Политиката за нас не е приватен бизнис, туку јавна одговорност во интерес на граѓаните“, велат од движењето.
Македонија
Хоџа: И во 2026 обезбедивме средства за Националните паркови кои се клучен столб во заштитата на природното наследство
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, на работен состанок со директорите на националните паркови Пелистер, Маврово, Галичица и Шар Планина, ја потврди силната и континуирана поддршка на Министерството за нивниот развој, заштита на прирдоните вредности и одржливо управување.
„Со особено задоволство можам да истакнам дека и во 2026 година, Министерството во својот Буџет обезбеди наменски средства за понатамошен активности за заштита и промоција на националните паркови, што претставува јасен сигнал за долгорочната посветеност на државата кон заштитата на природата и одржливиот развој“, истакна министерот Хоџа.
На средбата беше нагласено дека националните паркови се клучен столб во заштитата на природното наследство, но и важен двигател на одржливиот туризам и локалниот економски развој.
Министерот Хоџа истакна дека Министерството ќе продолжи со поддршка на активностите на националните паркови преку подобрување на законската регулатива, обезбедување стабилна финансиска поддршка од државниот буџет, како и преку координација и мобилизација на средства од ПОНТ, ЕУ ЛИФЕ програмата и други меѓународни партнери. Со тоа ќе се зајакне управувањето, ќе се унапреди заштитата на биолошката разновидност и ќе се развива зелена инфраструктура во националните паркови.
Националните паркови, како што беше нагласено на средбата, денес претставуваат не само заштитени подрачја, туку и значајни двигатели на одржливиот развој, атрактивни еко-туристички дестинации и позитивен пример за одговорно управување со природните ресурси.

