Македонија
Иста фирма трета година по ред го доби тендерот за зимско одржување на патиштата
Тетовската фирма „НБ-ТРАНС СОМПАНУ ДОО“ трета година по ред го доби тендерот на Јавното претпријатие „Македонијапат“ за да ги одржува патиштата во зимски услови на сите магистрални и регионални патишта во Македонија за сезоната 2018/2019 година.
На Бирото за јавни набавки објавени се договорите на ЈП „Македонијапат“ со фирмата „НБ-ТРАНС СОМПАНУ ДОО“ во вредност од 60.228.065 денари или приближно 980 илјади евра. На е-аукцијата победила тетовската фирма затоа што понудила најниска цена.
Станува збор за чистење 45 делници меѓу кои Маврово – Дебар, Куманово – Скопје, Гостивар – Скопје, Страцин – Скопје, автопатот Петровец – Скопје… Договорите на 3 декември 2018 година ги потпишале директорот на ЈП „Македонијапат“, Гајур Кадриу од ДУИ, и Нуриман Ибиши, економскиот директор на тетовската фирма.
Друштво за транспорт, трговија и услуги „НБ-ТРАНС СОМПАНУ ДОО“ од 2016 година континуирано ги добива тендерите на Јавното претпријатие „Македонијапат“ за зимско одржување на патиштата во државата.

Во тендерот фирмата е обврзана, меѓу другото, да обезбеди механизација за чистење на снегот: багери-гасеничари, камиони, булдожери, натоварувачи, снегочистачи…
Управител на фирмата „НБ-ТРАНС СОМПАНУ ДОО“ е 54 годишниот Нуриман Ибиши, а сопственици на фирмата се Насер и Бурим Ибиши. Фирмата во 2017 имала приходи од 71 милиони денари, и нето-добивка истата година од 25 милиони денари. Тендери на оваа фирма ѝ доделила и Општина Тетово во 2015 и 2016 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ја удирал по главата и телото, ја давел за вратот и скршил ребро: скопјанец осомничен за физички напад и загрозување на сигурноста на жена
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 51-годишен скопјанец за кого постои основано сомнение дека сторил кривично дело – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, како и Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
На 14 јануари, во видно алкохолизирана состојба, осомничениот ја нападнал својата партнерка во домот во Гази Баба во кој таа привремено престојувала.
Ја удирал по главата и телото, ја давел за вратот, а и се заканил и со нож со кој замавнал кон неа. Жената успеале да ја спасат двајца други потстанари во истата куќа, кои ја извлекле и повикале полиција.
Кај жртвата биле констатирани повеќе повреди, меѓу кои пукнатина на ребро и на градна коска.
Македонија
Инфлуенсерите, влогерите, креаторите на содржина и јутјуберите да се регистрираат во АВМУ, соопштија од агенцијата
Со измените на медиумската легислатива во јули 2023 година, за првпат официјално беше препознаено постоењето и влијанието на инфлуенсерите, влогерите, креаторите на содржини, јутјуберите, односно физичките лица кои се даватели на аудиовизуелни медиумски услуги по барање.
Овие субјекти сега подлежат на регулација и имаат обврска да се регистрираат во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, соопштија од таму.
„Обврската важи за оние инфлуенсери, влогери, креатори на содржини, јутјубери и слични даватели на аудиовизуелни медиумски услуги на барање кои ги исполнуваат следниве критериуми:
● аудиовизуелните медиумски услуги ги обезбедуваат преку платформи за споделување видеа (на пример YouTube, Instagram, TikTok и слично);
· имаат повеќе од 10.000 следбеници или претплатници;
· остваруваат економски интерес од медиумската услуга;
· во последните 12 месеци објавиле најмалку 24 аудиовизуелни содржини; и
· целта е да информираат, образуваат, забавуваат и за содржините имаат уредничка одговорност.
Критериумите подетално се објаснети во Правилникот на Агенцијата со кој се уредува формата и содржината на пријавата за евидентирање во Регистарот на даватели на аудиовизуелни услуги по барање.
Со оглед на тоа што станува збор за законска обврска, Агенцијата ги повикува сите инфлуенсери, влогери, креатори на содржини и јутјубери кои ги исполнуваат посочените критериуми, во најскоро можно време до Агенцијата да достават пријава за евидентирање во Регистарот.
Сите релевантни документи поврзани со работењето и обврските на овие субјекти се достапни на веб страницата www.avmu.mk, во посебниот банер „Инфлуенсери/Влогери“.
За дополнителни информации и појаснувања, заинтересираните субјекти можат да се обратат до Агенцијата на е-адресата [email protected]“.
Македонија
Божиновска со студентите инженери од проектот „Македонска Формула“: Македонија има талент за европската инженерска сцена
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини оствари работна средба со студентите инженери од проектот „Македонска Формула“. Тимот MES Racing – првиот и единствен македонски Formula Student тим, кој успешно ја претставува државата на меѓународната инженерска и технолошка сцена.
На средбата, студентите го презентираа својот проект, визијата и досегашните активности, преку кои младите инженери стекнуваат практични знаења и работат по принципи на реална инженерска компанија, развивајќи иновативни решенија и современи технологии. На проектот работат четириесетина студенти од различни факултети и секој во рамки на својата област дава придонес за развој на овој проект.
Министерката ја нагласи важноста од континуирана институционална поддршка за младите инженери, потенцирајќи дека инвестицијата во нивното знаење, креативност и иновации е директна инвестиција во иднината на државата. Таа истакна дека ваквите студентски иницијативи се од исклучително значење за развојот на техничките науки, јакнењето на домашниот инженерски кадар и задржувањето на младите таленти во земјата.
„Наш приоритет е да создадеме средина во која младите инженери ќе бидат охрабрени, поддржани и мотивирани да ги развиваат своите идеи и иновации. Проекти како ‘Македонска Формула’ покажуваат дека Македонија има знаење, визија и потенцијал да биде дел од европската и светската инженерска заедница,“ истакна министерката.
Од тимот MES Racing нагласија дека поддршката и соработката со институциите претставуваат значаен поттик за понатамошен развој на студентското инженерство, како и за унапредување на практичната едукација и технолошките капацитети во земјата.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на поддршка на младите, науката, иновациите и инженерските решенија, како клучен сегмент во градењето на одржлива и конкурентна економија, додаваат од министерството.

