Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: За неколку дена избија два коруптивни скандали со функционери на власта

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагира по соопштението на СДСМ од каде претходно обвинија дека опозицијата, самата заглавена во корупциски скандали, го запира изборот на нови членови на Државната комисија за спречување корупција во Собранието.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека остануваат на својот став за формирање на ефективна антикорупциска комисија која ќе се бори против криминалните тенденции на оваа власт и која нема да биде само марионета на аболицираниот криминалец Зоран Заев и екипата околу него.
„Само во овие неколку дена од новата 2019 година избија два коруптивни скандали кои директно се поврзуваат со функционери на власта. Во едниот е вмешана министерката Мила Царовска, чиј невенчан сопруг добил 1,5 милиони денари народни пари, а во другиот е заменик-министерот Јани Макрадули, кај што фирмата на неговата сопруга добила 5,4 милиони денари пари на граѓаните.
Патем, се распишуваат огласи за над 300 работни места во администрацијата непосредно пред избори, што е класична изборна корупција, за каква се сомничи и самиот Заев кој непосредно пред референдумот бараше фирми да плаќаат екстра пари за работниците да излезат на гласање. Со ваквите огласи само се овозможува партиски послушници на СДСМ да ја наполнат администрацијата, како што е случајот со мајката на Костадин Костадинов, синот на Фрчковски, ќерките на Џафери и Бејта, или синовите на Грчев или Бучковски. Народот преку повисоките даноци ќе ги плаќа коруптивните и непотистичките хирови на оваа власт.
Тоа е причината зошто оваа власт бега од донесување европски закон за борба против корупцијата“, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Утре посебен режим на сообраќај во Скопје поради одржување улична трка

СВР Скопје ги известува граѓаните дека на в недела со почеток во 08.30 до 10.30 часот поради одржување на улична трка на 10 км, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот при што сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници.
Трката ќе започне со стартна позиција на бул.„Илинден“–локација Фонтана, а натпреварувачите ќе се движат по бул.„Илинден“ до крстосница со ул.„Никола Парапунов“, потоа до крстосница со бул.„Партизански Одреди“, десно (во десниот коловоз кон н.Ѓорче Петров) до мост Влајко каде што вртат полукружно и назад по истиот коловоз до крстосницата со ул.„Љубљанска“ каде што вртат полукружно и по истиот коловоз се враќаат назад на ул.„Никола Парапунов“ и по бул.„Илинден“ до целта на локација-Фонтана на бул.„Илинден“.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива настанот.
Македонија
Времето во наредните денови: променливо облачно и посвежо со повремен локален дожд

Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Попладне наместа ќе биде нестабилно со краткотраен пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и југозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 10, а максималната ќе достигне од 17 до 25 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен југозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 25 степени.
Времето во наредните денови
Во следните денови времето ќе биде променливо облачно и посвежо со повремен локален дожд. Утре и во понеделник наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Македонија
Истрага против турски државјанин за обид за убиство во Скопје: со метален капак од шахта повеќе пати го удирал оштетениот во глава

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 35-годишен турски државјанин за кого постои сомнение дека сторил кривично дело – Убиство од член 123 став 1 во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик.
Ноќеска по полноќ на улицата „Метрополит Теодосиј Гологанов” во Скопје, во близина на Клубот на пратеници, со умисла се обидел да лиши од живот друг турски државјанин. По претходна вербална расправија, тие почнале физички да се пресметуваат и си разменувале удари од кои оштетениот паднал повреден на земја.
Во тој момент осомничениот зел метален капак од шахта со кој повеќе пати го удирал оштетениот во главата. Додека оштетениот лежел на земјата во бесознание, осомничениот продолжил да го удира со нозе по главата и телото. Дури и кога на местото пристигнале полициски службеници, тој одбивал да престане со ударите додека не го совладале, со што на оштетениот нанел тешки телесни повреди поради кои во животозагрозувачка состојба тој бил хоспитализиран на Клиниката за неврохирургија.
Бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство на осомничениот кој немал пријавено престојувалиште во земјава, можност да влијае на сведоци во постапката или да го повтори кривичното дело, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.