Македонија
Седумнаесет здруженија за заштита на животните бараат законски измени
Седумнаесет здруженија за заштита на животните бараат измени и дополнувања на Законот за заштита и благосостојба на животните кој е во собраниска процедура и пред сѐ законска забрана за еутаназија на бездомните животни.
Како што информира „Анима мунди“, со цел суштинско и квалитативно унапредување на Законот за заштита и благосостојба на животните тие поднеле коментари и предлог-амандмани врз нацрт-законот за измена и дополнување на законот, изработени од нивното здружение и поддржани од 16 македонски здруженија за заштита на животните.
„Нашите коментари и предлог-амандмани се достапни на порталот ЕНЕР. Предложените законски решенија се меѓусебно поврзани и прават една правна целина“, велат од „Анима мунди“.
Фокусот во предлог-законските измени кои ги доставуваат е ставен врз децидна забрана за еутаназија како механизам за справување со бездомната популација кучиња затоа што усмртувањето се применува со децении и не донело резултат. Понатаму, бараат дефинирање на дополнителни забранети постапки со цел да се унапреди заштитата и благосостојбата на животните, меѓу кои забрана за трчање или влечење на животни заврзани за моторно превозно средство кое е во движење, забрана за чување кучиња постојано врзани на синџир или во бокс, без да се овозможи слободно движење надвор од тој бокс, забрана за колење и усмртување на животни во ритуални обреди, надвор од кланици, забрана за одгледување кокошки во основен кафезен систем, забрана за чување, одгледување и користење копитари во урбана средина, како и забрана за е користење копитари за извлекување дрва.
Здруженијата бараат и воведување можност директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, во случаи на прекумерно зголемување на бројот на уличните животни, да може да нареди мандаторна стерилизација на домашните миленици на одредена територија, на сметка на општината, општините во град Скопје, односно градот Скопје.
Здруженијата се залагаат и за воведување нови законски одредби кои би овозможиле примената на законот да биде пофлексибилен, општините во недостиг на финансиски средства или инфраструктура, или по проценка на ефект да можат да спроведуваат програма за намалување на бројката бездомни животни во соработка со здруженија, ветеринарни станици, граѓаните (пример ваучер-систем или мобилни клиники кои би опслужувале повеќе општини и сл). Како последна точка, од „Анима мунди“ бараат законско овластување на здруженијата за заштита на животни за спроведување одредени одредби на законот, вршење надзор, проверка на одговорното сопствеништво, т.е. измени од кои би произлегла можноста за наменски овластена служба за заштита на животните формирана од претставници на здруженијата за заштита на животни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„СДСМ нема да трпи уцени, ќе пропаднат обидите да се подели партијата“, вели Филипче
Носителот на изборната листа четири на СДСМ и Коалицијата, Венко Филипче, денес беше во посета на Валандово каде оствари средби со граѓани. Филипче ги промовираше мерките за земјоделците и се осврна на актуелната политичка состојба и пораките од партиите.
„СДСМ нема да трпи уцени. Оние кои му мислат добро на СДСМ секогаш остануваат и се борат од внатре да ги менуваат работите на подобро. Вистинските социјалдемократи не бегаат и не се обидуваат да ја поделат СДСМ. Граѓаните и гласачите на СДСМ веќе ја препознаваат измамата која им е сервирана од страна на ЗНАМ. Паднаа маските, се открија скриените коалиции кои имале за цел ослабување на СДСМ. Но, за нивна несреќа тоа нема да се случи. Ја верувам дека има доволно време до 8 мај, оние кои сега ја видоа скриената агенда на ЗНАМ, да ја преиспитаат одлуката и да ја подржат СДСМ на изборите“, рече Филипче.
Македонија
„Врвен претставник на криминал и корупција во Македонија е Артан Груби, доаѓа време на одговорност“, рече Николоски од Струмица
„Очекувам историски најголема победа за ВМРО-ДПМНЕ, со најголема разлика, најмногу гласови за Гордана Силјановска Давкова, најмногу гласови за Христијан Мицкоски за стабилна Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ“, истакна Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборна единица 4 на митингот во Струмица.
„Пред нас престои сериозна работа во деновите кои што доаѓаат, да се сретнеме со секој кој што сака да ни отвори, да поразговараме со сите кои што сакаат да не слушнат и да ги поканиме сите да излезат на гласање. Потребна е голема референдумска излезност и потребен е концентриран глас за ВМРО-ДПМНЕ. Затоа што сите кои што се незадоволни од актуелната власт на заминување треба да знаат дека само глас за ВМРО-ДПМНЕ значи промена“, порача Николоски.
Николоски ги повика граѓаните масовно да излезат на гласање.
„Мојот противкандидат е човек кој што го уништи македонското здравство. Човек кој што ќе биде запишан на најцрните страници на македонската историја затоа што го уништи здравството и ја внесе корупцијата во него. Но, најголем дел од здравствените работници и докторите не се такви. Јас сакам вечерва да се заблагодарам и да го повикам и да го поздравите со нас вечерва е професор доктор Виктор Камнар, најдобриот македонски ортопед, човекот кој што ја направи првата трансплантација на коски во Македонија и во регионот. Камнар е човек кој што е претставник на чесните доктори и чесните лекари, на оние кои што сакаат да го градат македонското здравство и оние кои што не ги злоупотребуваат пациенти туку остануваат со нив секогаш кога им е потребно“, рече Николоски.
Тој посочи дека овие избори се избори во кои што ќе се стави крај на криминалот и корупцијата. Избори во кои што ВМРО-ДПМНЕ ја бара поддршката од граѓаните покрај СДСМ и ДУИ да се испрати во длабока опозиција.
„Ние сме многу сериозни во ова што го ветуваме, ние стоиме позади нашиот збор. И доколку ја добиеме вашата поддршка во огромен број како што ја очекуваме, ДУИ ќе оди во опозиција и ќе одговараат за криминалот и корупцијата кои што ги прават во Македонија“, укажа Николоски.
Николоски додаде дека врвен претставник на криминал и корупција во Македонија е Артан Груби.
„Сакам да го поздравам од овде од Струмица, и да му кажам дека ќе му ја испитаме цела работа од точка до запирка, се што правел ќе биде испитано. Ама исто така и сите наводи за криминалот што го прави и за притисоците кои што ги прави. Ќе испитаме и што прави другар му Перпарим во Лотарија на Македонија, и што правеа со притисоците за Законот за игри на среќа, и која е неговата улога во казината во Македонија, каква е неговата поврзаност со бројни градежни фирми во Македонија, каква е неговата поврзаност со спортските клубови кои што се се освен спортски клубови. И да му кажам од овде дека нема да му дозволиме нему блиска фирма да копа во Беласица, да отворат тука рудник за нивните камиони и багери да вртат. ДУИ нема да работи во Струмица и струмичко“, порача тој.
Тој нагласи дека одговорноста е битна работа и тоа е најпотребно во Македонија. Одговорност ќе има со помош на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Видео) Ковачевски: Со иднината на државата нема тргување
Во вечерашното обраќање на митингот во Драчево, општина Кисела Вода, претседателот на Социјалдемократскиот Сојуз, Димитар Коваечвски, посочи дека СДСМ е најголемата и единствена автентична социјал-демократска партија во Маекедонија.
„За разлика од субјектите како ЗНАМ, кои се човек – партија, СДСМ е државничка партија со длабоки и силни корени. Нас нѐ водат социјал-демократските вредности, борбата за граѓаните и европската иднина на Македонија. Не се откажуваме од тоа, СДСМ е цврста и силна партија. Ќе продолжиме да се бориме за овие вредности“, порача претседателот на Социјалдемократскиот Сојуз, Димитар Ковачевски.
Ковачевски во обраќањето додава дека СДСМ не прифаќа условувања и со никого нема да прави политички дилови, затоа што ова е прашање на иднината на државата и со неа нема тргување.
„Да одговорам на она писание кое го има напишано субјектот ЗНАМ до јавноста. Прво, раководството на СДСМ го бираат членовите на СДСМ, кои се наследници и на НОБ и на АСНОМ и на Киро Глигоров, а не вазали кои се предале и отишле да шуруваат со наследниците на Ванчо Михајлов. Второ, носителите на пратеничките листи и сите кандидати на пратеничките листи на СДСМ и на коалицијата се излезени на избори за да ја претстават програмата на СДСМ и на политичките партии кои ја сочинуваат коалицијата и со таа програма, со тие луѓе, со тие претставници на социјалдемократската идеја ние го бараме гласот на граѓаните“, изјави претседателот Ковачевски.
Ковачевски вели дека не се излезени на избори за да враќаат стари долгови и да му помагаат на ВМРО-ДПМНЕ и на Гордана Силјановска.
„Но, една работа ќе им порачам, на крајот на денот предавникот не го сакаат дома, меѓутоа уште помалку го сакаат надвор од дома. Затоа ве уверувам дека на крајот на денот, ќе ги гледате стуткани во некој ќош, во една клупа,таму во Собранието на Македонија, како седат во последна клупа со наведнати глави, изгубени од својата идеологија и застанати заедно со наследниците на Ванчо Михајлов“, порача Ковачевски.
Ковачевски вели дека се фокусирани да го постигнатнајдобриот резултат на претстојните избори на 8-ми мај иги повика на мобилизација сите демократски и прогресивни сили за да се спречи враќањето на режимот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ние не се откажуваме од Македонија во ЕУ! Верувајте, тоа не е цел сама за себе! Нашиот план за европска Македонија е преточен во конкретна и остварлива програма“, им посочи на присутните граѓани претседателот на СДСМ.
„Ги повикувам сите граѓани, ги повикувам сите наши симпатизери, сите наши гласачи, сите оние кои што гласаа за нас во првиот круг и сите оние кои што беа разочарани во првиот круг: гласајте за СДСМ! Немојте да ве залажува некој кој што со лажна реторика себе си се претставува како наследник на Христијан Тодоровски – Карпош, а од друга страна прави пакт со наследниците на Ванчо Михајлов да ве излаже. Едно такво лажење Македонија виде во 2006 година и видовте каде завршвиме“, посочи Ковачевски на вечерашниот митинг и додаде дека на 8-ми мај сите заедно одлучуваме каква иднина ќе градиме за нашите деца и внуци.