Македонија
(Видео) Заев ги образложи амандманите, седницата продолжува утре
Да се издигнеме над делбите и да гледаме како се вее нашето знаме пред Брисел, порача премиерот Зоран Заев на продолжението на денешната собраниска седница за уставните амандмани и ги повтори аргументите дека со уставните измени се гарантирани јазикот и идентитетот.
„Вашиот глас ‘за’ е за полноправно членство, а секој глас ‘против’ е за изолација, неизвесност. Светот гледа и очекува државничка одговорност на страна од партиската припадност. Имавме инклузивен процес во сите фази на уставните амандмани. Да се заблагодарам на СДСМ и коалицијата, ДУИ, ДПА, Беса и осумтемина независни пратеници од ВМРО-ДПМНЕ“, изјави Заев и додаде дека тие се конструктивна опозиција за разлика од остатокот, а посебно му се заблагодари на Панчо Минов за придонес во предлозите вградени во амандманите, како и на Беса на Касами и „Алијансата за Албанците“.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, како и пратениците од Беса на Касами, не присуствуваа на продолжението на денешната собраниска седница.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, претходно, денеска, на прес-конференција пред Собранието порача дека нема да дадат летимититет за промена на Уставот и дека ќе го искористи своето право на демократски протест по што со неговите сопартијци се приклучи на протестот на „Македонија блокира“.
Седницата за уставните амандмани продолжува утре.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Илинден, Карпош, Кисела Вода и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:20 – 14:20 часот, корисниците од дел од с. Марино, општина Илинден;
· од 09:00 – 15:00 часот, корисниците на ул. Козле, крак 2, општина Карпош;
· од 10:00 – 13:00 часот, корисниците од улиците: 1511 и 1512, (позади Автосервисот – Мечкаров), општина Кисела Вода;
· од 11:00 – 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Коце Металец, општина Гази Баба.
Македонија
Претпладне магла, во текот на денот сончево со мала облачност
Сончево со мала до умерена локална облачност. Во утринските и претпладневните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -2, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала облачност и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на седмицата времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла.
Македонија
Делови од Центар и Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на булеварот Св.Климент Охридски (спроти Соборен Храм), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на потегот од крстосницата со Партизански Одреди до паркинг ЈАТ, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Исто така денеска поради реконструкција на водоводна цевка Ф 300мм. на улица Бањалучка 10 со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од улицата Бањалучка, Осло, Будимпештанска, Урош Ѓурович, Љубица Георгиева дел од улица Женевска и Васил Чакаларов. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на работните активности.

