Македонија
(Видео) Мицкоски: Име со копче не се брише, Заев со името тргува како на тезга на пазар

Име со дугме не се брише, име со хартија не се менува, тоа е она што сме и она што сме биле и ќе продолжиме да бидеме. Секој што тргнал против народот свој, народ ќе му се случи, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на протестот пред Собранието од импровизирана бина поставена на неколку метри од онаа на Јанко Бачев и неговите поддржувачи.
Тој порача дека сега е потребно масовно обединување. „Срцето се кине кога се витка кичмата на татковината. Главите горе, ова не е крајот, ова е почеток на нивното заминување“, рече Мицкоски.
Меѓу нас има несогласувања, додаде тој, но сите имаме иста цел и таа се вика Република Македонија.
За осумтемина независни пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата рече дека не треба да заборават дека му слугуваат на Заев и рече дека му е тешко кога ги гледа, но не може да им прости.
„Седнати во скутот на Заев, ќе вршите валкани работи, тие што се скрпија и се притиснати се фолираат и пенават, тешко ми е кога ги гледам, ама не ги оправдувам. Оние што одбраа да му слугуваат на Заев можам да ги разберам, тешко ми е кога ги гледам, но не можам да им простам. Само не заборавајте дека му слугувате на Зоран Заев. Но, единствен политички противник се Зоран Заев и СДСМ, а вие ќе останете обични слуги што ќе пишувате писма и статуси на ‘Фејсбук’“, рече Мицкоски алудирајќи на исклучените пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.
За барањата на Беса, тој рече дека се отвора Пандорината кутија со етнички барања на Албанците. Тој рече дека нема некој што не уценува затоа што знаат дека си имаат работа со најголемиот уценувач и блефер, а неговото име е Зоран Заев.
„На Заев му е јасно дека драматично губи кај македонскиот народ и другите етнички заедници, па се обидува преку игра не помагајќи им на Албанците, Ромите, Бошњаците, Турците, Власите и другите се обидува да протне барање со кое ќе им се додвори зашто избори надоаѓаат и ќе мора да тргува со нивните гласови“, рече тој.
Мицкоски го обвини Заев дека ги злоупотребува имињата на амбсадорите во контекст на притисок за уставните измени.
Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ ќе стори сè за договорот за името да не се реализира. „Тоа е моја заложба, ова прашање ќе го отварам во секоја пригода, при секоја средба, не знам дали ќе успеам, но ќе сторам сè заедно со вас да си го вратиме името назад“, рече Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Надлежните со препораки до граѓаните поради најавата за температури до 39 степени во периодот до 13 август

Министерството за здравство информира дека според најновата прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), од 8 до 13 август 2025 година се очекува значително зголемување на дневните температури, кои на некои места ќе достигнат и до 39 степени Целзиусови.
Поради тоа, Министерството апелира до граѓаните да ги почитуваат препораките за заштита од топлотен удар: престој во разладени простории, внесување на доволно течности, избегнување на алкохол и засладени пијалаци, носење лесна и светла облека, како и ограничување на физичката активност во најтоплите часови.
Особено внимание треба да се посвети на ризичните групи — деца, стари лица, лица со хронични заболувања и бремени жени.
Во случај на појава на симптоми како вртоглавица, главоболка, гадење или забрзан пулс, веднаш треба да се побара медицинска помош.
Министерството ја следи состојбата и ќе постапува според потребите.
Според најавата на УХМР, времето денес ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северероисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 30 до 37 степени.
Македонија
Четири различни цени за паркинг во Клинички, просторот ќе се прошири двојно

Министерот за здравство, Азир Алиу, информира дека во Клиничкиот центар ќе има четири различни влезови со различни ценовници за паркирање – бесплатен за онколошки пациенти, поевтин за пациенти со упат, поскап за вработените и најскап за граѓаните кои доаѓаат по други причини. Договорот за управување со паркингот ќе го потпише Министерството со ЈП Градски паркинг.
Се најавува и оптимизација на паркинг просторот, со дупло повеќе места и дополнителни влезови, вклучувајќи и еден кај Кардиологија. Ќе се воведе 24-часовен мониторинг со камери и нов систем за следење на плаќањето и активностите. Доколку оптимизацијата не биде доволна, ќе се размислува за изградба на катна гаража.
Македонија
Образец за пријавување прекршок во случај кога не е овозможен визуелен пристап до струјомерите

Врз основа на официјалниот одговор добиен од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Инжинери на Република Македонија (ИНРМ) изработи урнек за поднесување на претставка до Државниот инспекторат за енергетика, рударство и минерални суровини, кој може да го користи секој граѓанин што смета дека му е повредено правото на визуелен пристап до сопствениот струјомер.
Министерството потврди дека токму Државниот инспекторат за енергетика е надлежен за спроведување инспекциски надзор во случаите кога операторот на електродистрибутивниот систем (ЕВН Македонија АД) не овозможува пристап до мерниот уред, што претставува повреда на член 164 став (1) точка 19 од Законот за енергетика. Истовремено, овој прекршок е санкциониран со глоба од 1.000 до 3.000 евра во денарска противвредност согласно член 286 од истиот закон.
Со цел да се олесни поднесувањето на пријави од страна на граѓаните, ИНРМ изработи шаблон што секој засегнат корисник може слободно да го преземе, пополни и достави по електронски пат или редовно по пошта.
Претставката е достапна на следните линкови:
🔗 ИНРМ веб-страница (преземање на документи):
https://www.inzenerinarm.com/prevzemanje-dokumenti
🔗 Facebook група на ИНРМ каде е објавен документот:
https://www.facebook.com/share/p/16P8CmATVr/
Ги повикуваат сите граѓани на кои не им е овозможен директен увид во бројките на сопствениот мерен уред, да го искористат правото на пријавување, со цел да се заштитат како потрошувачи.