Македонија
Заев се договори со Касами

Премиерот Зоран Заев постигна договор со Беса на Билал Касами, потврди портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов. Тој не откри за што се договориле Заев и Касами и најави дека ќе следува заедничко соопштение.
Неофицијално, барањата на Беса ќе се регулираат со друг закон, а извори од собраниските клупи за „Макфакс“ велат дека Беса очекува денеска да биде ставен потпис на нивните барања пред гласањето за уставните измени.
Портпаролот на СДСМ истовремено демантира дека се врши притисок врз пратениците да гласаат за уставните измени додавајќи дека никој не им се заканува.
Портпаролот на СДСМ не знаеше да одговори кога ќе почне седницата која неколкупати во текот на денот се одложува.
Неофицијално, треба да почне во 16 часот. Според други неофицијални информации, пак, седницата ќе почне кога ќе замине германската канцеларка Ангела Меркел од Атина.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, вели: „Кога ќе почне, ќе почне“.
Во меѓувреме, најавена е средба на независните пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата со Заев.
Предлог-амандманот на Беса на Касами е „За граѓаните од албанската етничка припадност, во прописите и другите акти на државните органи државјанството на македонски јазик ќе гласи ‘македонско/граѓани на Република Северна Македонија’, на албански јазик ќе гласи eMaqedonisë/qytetar i Republikës së Maqedonisë Veriore и на англиски macedonian/citizen of Republic od North Macedonia.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Нема да дозволам да се прави политика и да се злоупотребува трагедијата во Кочани, кажа Мицкоски

За Кочани не се помага со прес конференции, туку со дела, а историјата на СДСМ на груба злоупотреба на трагични случаи станува препознатливо портфолио на политичкото делување на оваа партија, што само покажува во каква очајна состојба е оваа партија, во отсуство на реални проекти и политики со кои би го привлекле вниманието на јавноста, порача премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на Конференцијата на Унијата на млади сили на партијата што денеска се одржува во Велес.
„Сакам да предупредам за скриената се поголема манипулација и свесно фрлање на прашина во очите на целата јавност која се прави со темата Кочани. Таму гледаме полека како едно граѓанско движење за поддршка на Кочани полека преминува во политичко движење, каде од поддршка на ужасните жртви од ужасниот хорор во Кочани, говорат за катни гаражи, водоводи, канализации, исполнети неисполнети ветувања и се така по ред во духот на локалните избори. Паралелно со ова што тие го говорат тече и прекинот суд на прес-конференции на СДСМ“, рече премиерот Мицкоски.
Што се однесува до владината поддршка за Кочани, таа ќе продолжи, кажа Мицкоски и објави дека интензивно работи на проект кој ќе биде од историско значење за градот, и ќе помогне директно за животот на секој еден жител на Кочани.
„Ова го работам заедно со канцеларијата на Европската Унија. Со тоа што историски, епски, драматично ќе го видоизмениме изгледот на подобро, на градот Кочани. Деталите за овој проект на кој интензивно работам очекувам многу скоро од денеска да бидат соопштени на македонската јавност, нормално откако ќе бидат финализирани сите детали“, истакна премиерот.
Преку соопштение, реагираа од СДСМ.
„Во својата забеганост Мицкоски денес од Велес, врескаше и ги обвинуваше родителите дека од граѓанско движење полека се претварале во „политичка партија“. Овој наратив на Мицкоски сериозно загрижува, особено поради фактот што на овој начин се повикува на јавен линч на родителите на загинатите и повредените и нивните семејства. Забеганоста на ваквиот наратив е и во фактот што Мицкоски ја покажа својата лутина и гнев кон родителите, недостасуваше уште да ги обвини за трагедијата и за неговиот рејтинг“, стои меѓудругото во реакцијата на опозициската СДСМ.
Македонија
(Фото) Сиљановска-Давкова во Ница оствари средба со Макрон

Претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, од денеска престојува во работна посета на Ница, Франција, каде ќе учествува на третата Конференција на Обединетите Нации за океанот.
„Задоволство беше, во присуство на францускиот претседател Емануел Макрон да бидам дел од церемонијата за отворање на Декадата за криосферските науки кои ги проучуваат глечерите и сите површини каде водата е во тврда состојба, како и да присуствувам на презентацијата на препораките од специјалните настани на третата Конференција на ОН за океанот.
Целта е да се нагласи важноста на меѓународната научна соработка, како и да се поттикнат напорите за одржлив развој како одговор на алармантното влијание на климатските промени врз глечерите, ледените плочи и вечниот мраз, односно негативните ефекти кои со тоа се предизвикуваат.
Драго ми е што можев кратко да поразговарам со претседателот Макрон, кој е домаќин на конференцијата“, објави на Фејсбук претседателката Сиљановска-Давкова.
Претседателката ќе се обрати во рамките на третата Конференција на Обединетите Нации за океанот (UNOC3), за поддршка на спроведувањето на целта 14 за: Зачувување и одржливо користење на океаните, морињата и морските ресурси за одржлив развој.
На посебна церемонија, Сиљановска-Давкова ќе го потпише Договорот во рамки на Конвенцијата на ОН за правото на морето за зачувување и одржливо користење на морската биолошка разновидност на области надвор од националната јурисдикција (BBNJ), усвоен во Њујорк на 19 јуни 2023 година.
Македонија
(Фото) Успешна спасувачка акција во близина на Ливадичко Езеро

Директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамет Али, заедно со раководителката на Подрачното одделение на ЦУК – Тетово, Арлинда Муареми, од лице место ја следеше спасувачката акција за извлекување на повредено лице кое паднало во бездна во близина на Ливадичко Езеро, општина Теарце.
„Информацијата за инцидентот првично беше добиена преку Секторот за итни повици – 112 и Секторот за операции и координација при ЦУК. По извршената проценка беше утврдено дека извлекувањето без специјализирана техничка и логистичка поддршка не е изводливо, по што ЦУК веднаш стапи во контакт со Министерството за одбрана и со началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, г. Сашко Лафчински.
Од страна на Армијата беше испратена хеликоптерска единица, која го извлече повреденото лице и обезбеди понатамошен медицински транспорт и нега.
Бидејќи лицето се наоѓаше во провалина на територијата на Република Косово – под Ливадичко Езеро, директорот Али веднаш воспостави директна комуникација со Амбасадата на Косово, како и со директорот на Агенцијата за управување со вонредни ситуации на Косово, г. Генц Метaj. Косовските служби исто така испратија специјализиран спасувачки тим за дополнителна поддршка.
Овој случај уште еднаш ја потврдува клучната важност на ефикасната меѓуинституционална и регионална соработка при справување со итни и комплексни ситуации“, информираат од ЦУК.