Македонија
(Видео) Мицевски: Законот за јазиците државата и граѓаните ќе ги чини време, место, човечки ресурси и пари
Законот за двојазичност, кој беше неуставно и незаконски потпишан од страна на Талат Џафери и објавен во „Службен весник“, е на штета на Република Македонија и кохезијата во општеството, истакна Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
„Членовите од 1 до 14, како и членовите 16, 17, 22, 23 и 24, се во спротивност со амандманот 5 од Уставот на Република Македонија, а членовите 8, 9, 51, 52, 54 и 108 се во спротивност на амандманот 8 од Уставот на Република Македонија, тоа беше нотирано од страна на претседателот на државата, но и од други еминентни правници.
Целата процедура низ која власта го туркаше законот за двојазичност е нелегитимна. Власта го злоупотреби европското знаменце и под превезот на реформски закон од значење за нашиот влез во Унијата донесе неуставен закон, кој во општеството ќе креира правен хаос и конфузија“, вели Мицевски.
Според него, законот за двојазичност е донесен без поширок политички и општествен дијалог. Спротивно на препораките на правната фела и општата јавност, вели Мицевски, власта го истурка законот за двојазичност, кој ќе креира целосен паралелизам во сите државни институции, како на централно така и на локално ниво.
„Овој закон ќе ги блокира институциите, кои наместо да си ја работат работата, ќе треба да преведуваат и одржуваат двојни архиви, што државата и граѓаните ќе ги чини време, место, човечки ресурси и пари. ВМРО-ДПМНЕ ги повикува сите институции на централно и локално ниво да го игнорираат и бојкотираат операционализирањето на овој неуставен и штетен закон. Доколку одговорните во институциите се соочат со какви било проблеми или закани, ВМРО-ДПМНЕ и правната комисија им стојат на располагање за правна или каква било друга помош“, рече Мицевски.
Потребни се итни и неодложни вонредни парламентарни избори заедно со претседателските во април. Време е, господа од СДСМ, да се охрабрите и да излезете очи во очи со народот, порача Мицевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК: До 16 часот гласале повеќе од половина од пријавените болни и немоќни лица
Државната изборна комисија (ДИК) соопшти дека до 16:00 часот на вториот круг од локалните избори гласале 2.762 од вкупно 4.826 лица пријавени како болни или немоќни. Во 14 казнено-поправни установи, каде што право на глас имаат 1.256 лица кои издржуваат казна затвор или се во притвор, до 16:00 часот гласале 380 гласачи. Од 214 лица сместени во установи за вонсемејна грижа, своето право го искористиле 78 гласачи, прецизираат од ДИК.
Според информациите од Комисијата, гласањето започнало точно во 7 часот утринава и се одвива без прекини и инциденти во сите општини и во Градот Скопје.
Претседателот на Комисијата, Борис Кондарко, изјави дека нема никакви проблеми ниту со изборниот материјал, ниту со изборните органи. Досега не се пристигнати забелешки, приговори или поплаки.
Во вториот круг од локалните избори, кој ќе се одржи утре, ќе се гласа за градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје, како и на три избирачки места во Шуто Оризари за советници. Право на глас имаат 1.013.375 граѓани.
Македонија
Матичарка и службеници ѝ „подариле“ втор идентитет на кумановка, завршија со пријава
Полицијата во Куманово поднесе кривична пријава против четири лица — В.Б. (56), Н.З. (41), Х.Е. (53) и В.П. (67) — под сомнение дека со несовесно постапување во службата овозможиле едно лице да користи два различни идентитета.
Според информациите од СВР Куманово, првопријавената, матичар во подрачната канцеларија на Управата за водење на матични книги во село Лојане, општина Липково, направила незаконит упис во матичната книга на родени, внесувајќи податок дека едно женско лице склучило брак со машко лице и го зело неговото презиме.
Вториот пријавен, исто така матичар, на 26 март годинава издал извод од матична книга на родени со тие податоци, а третиот пријавен, службеник во Одделението за управни работи во Куманово, го примил барањето за издавање пасош.
Четвртиот осомничен, кој работел како виш советник за патни исправи во истото одделение, проценил дека се исполнети условите и го одобрил издавањето на патната исправа.
Со нивното постапување, како што наведува полицијата, на лицето му било овозможено незаконски да користи два идентитета. Против сите четворица е поднесена кривична пријава за делото „несовесно работење во службата“.
Македонија
Непречено се одвива гласањето на болните и затворениците
Гласањето на болните и немоќните лица, лицата кои се во притвор или затвор, како и на граѓаните сместени во установи за вонсемејна грижа, денеска се одвива без потешкотии во сите општини каде што утре ќе се одржи вториот круг од локалните избори, соопшти Државната изборна комисија (ДИК).
Од Комисијата информираат дека гласањето започнало во 7 часот изутрина и се спроведува непречено на целата територија, вклучувајќи го и Градот Скопје.
Според податоците на ДИК, денес право на глас остваруваат 4.826 болни и немоќни лица, 1.256 лица сместени во 14 казнено-поправни установи и 214 граѓани во 13 центри за вонсемејна грижа.
Вториот изборен круг од локалните избори 2025 ќе се одржи утре, кога ќе се гласа за градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје, како и на три избирачки места во Шуто Оризари за избор на советници.
Според избирачкиот список, право на глас имаат вкупно 1.013.375 граѓани.

