Црна хроника
Приведени помошник-началникот на СВР Охрид и двајца полицајци за трговија со луѓе

Помошник-началникот на Секторот за внатрешни работи, двајца полицајци и уште едно лице во четвртокот се уапсени поради вмешаност во трговија со луѓе и криумчарење мигранти. Тројцата полицајци ја злоупотребиле службената положба и овозможиле влез на албански државјанки во Македонија која нелегално работеле во угостителски објект во Тетово.
Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, полицијата изврши претрес во четири објекти, еден во Тетово и три во Струга при што приведе четири лица, од кои тројца полициски службеници А.Б. (33), Н.Д. (30) и Б.Ч. (43) против кого се поднесени кривични пријави за „злоупотреба на службена должност“, „организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со малолетно лице и криумчарење на мигранти“ и „криумчарење мигранти“.
Овие активности се резултат на истрагата во случајот од декември минатата година во кој беа откриени 25 албански државјани кои нелегално работеле во угостителскиот објект „Бели 9“ во Тетово во сопственост на А.Г. Полицијата тогаш поднесе кривична пријава против петчлена група која незаконски ги вработувала странските државјанки.
Пријавените делото го сториле на тој начин што, од страна на претходно пријавениот А.Г., со цел регулирање на престојот на албанската државјанка која нелегално работела во неговиот угостителски објект на подрачјето на Тетово, преку полицискиот службеник А.Б. кој работел на ГП Ќафасан, било организирано ставање на влезен печат на пасошот на албанската државјанка, без нејзино присуство. За истото, од страна на А.Г. биле ангажирани две лица кои со возило оствариле излез преку ГП Ќафасан, а веднаш потоа оствариле и влез преку истиот граничен премин, при што на влез, покрај сопствените патни исправи, била приложена и патната исправа на албанската државјанка, на која од страна на полицискиот службеник Н.Д., бил ставен влезен печат, иако истата не била на лице место. Од страна на А.Г., исто така била побарана “услуга“ од пријавениот А.Б., да изврши проверки во системот за гранична контрола на остварен влез-излез од Македнија, за трето лице, со што А.Б. извршил кривично дело – „злоупотреба на службената положба и овластувања“, односно извршил пречекорување на границите на своето службено овластување.
Лицето Б.Ч., пак, согласно своите овластувања, а по барање на трето лице, извршил проверки во службените евиденции на МВР (Регистар) за лица за кои има распишано потерници, со што направил пречекорување на границите на своето службено овластување, а со тоа сторил кривично дело – „злоупотреба на службената положба и овластувања“.
Во текот на следните денови четворицата приведени ќе бидат предадени на надлежните Јавни Обвинителства.крај/мф/сд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Едно лице загина, а две се тешко повредени во сообраќајка кај Кратово

Во тешка сообраќајна несреќа што се случи вчера попладне на регионалниот пат кај местото викано Превалец, во атарот на селото Трновац, кратовско, едно лице го загуби животот, а две лица се тешко повредени.
Несреќата се случила околу 14:24 часот меѓу товарно возило фиат добло со скопски регистарски ознаки, управувано од Љ.Т.(54) од Скопје, и патничко возило дачиа сандеро со кавадаречки регистарски таблички, управувано од С.В.(33) од Скопје.
Во судирот на самото место починал сопатникот од товарното возило, А.А.(38) од Скопје, чија смрт била констатирана од лекар. Со тешки телесни повреди се здобиле двајцата возачи, кои биле пренесени во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
Увид на местото извршиле јавен обвинител и увидна екипа од СВР Куманово, а причините за несреќата се утврдуваат.
Црна хроника
Полицијата приведе маж, уништувал политички плакати

Жител на кавадаречкото село Ваташа бил приведен рано наутро поради уништување плакати на политичка партија на кавадаречко подрачје, соопштија попладнево од Секторот за внатрешни работи – Велес.
-Денеска во 2:45 часот, полициски службеници од ОВР – Кавадарци го приведоа 33-годишниот А.Ѓ. од село Ваташа, кавадаречко, затоа што, заедно со други лица, уништувал плакати на политичка партија во Кавадарци и кавадаречко. А.Ѓ. е задржан во полициска станица и по документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава, појаснија од СВР – Велес.
Топ
Возел со 3,32 алкохол во крвта и направил сообраќајка

Кавадарчанец бил лишен од слобода, со 3,32 промили алкохол во крвта управувал возило и учествувал во сообраќајка, информираа денеска од Секторот за внатрешни работи Велес.
„Синоќа во 19:20 часот во село Пепелиште, неготинско, полициски службеници од ОВР Неготино, го лишија од слобода С.Ф.(43) од Кавадарци. При преземање на мерки во врска со сообраќајна несреќа во која С.Ф. учествувал со патничко возило застава 101 со неготински регистарски ознаки, било утврдено дека С.Ф. го управувал возилото под дејство на алкохол, односно му биле измерени 3,32 промили алкохол во крвта“, појаснија од СВР Велес.
Оттаму додадоа дека тој бил задржан во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот, против него ќе била поднесена пријава по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“.