Европа
ОБСЕ не го потврди влегувањето на руска воена колона во Украина
Набљудувачите на мисијата на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во Украина, не можеле да ги потврдат информациите за наводното влегување на колона руски воени оклопни возила на украинската територија, се наведува во дневниот извештај на организацијата издаден во саботата навечер.
Претседателот на Украина Петро Порошенко во петокот изјави дека „значителен дел“ од воената техника, којашто според тврдењата на украинските власти ја минала руско-украинската граница во текот на претходната ноќ, била уништена. Претходно западните медиуми објавија дека конвој од 23 борбени оклопни возила, цистерни со гориво и автомобили со придружба со руски ознаки наводно ја минала границата со Украина во близина на граничниот премин „Изварино“. Пограничната служба на Федералната служба за безбедност на Руската Федерација соопшти дека информациите за премин на војници или воена опрема на територијата на Украина од руска територија не се вистинити, и дека моторизирани патроли по должината на границата постојат, но исклучиво на руската страна.„Никаков руски воен конвој, кој наводно ја минал руско-украинската граница, ниту ноќе ниту дење – не постои. И ќе биде најдобро доколку украинската армија уништила дух, а не бегалци или свои војници“, изјави во петокот портпаролот на руското министерство за одбрана, генерал-мајорот Игор Конашенков околу информациите коишто предизвикаа бура од остри реакции на Европската унија и на НАТО на адреса на Москва.САД, исто така, во петокот не можеа да потврдат дека руски воен конвој навлегол во територијата на Украина, како и ниту дека тој бил уништен./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Норвешка ја призна палестинската држава
Владата на Норвешка денеска соопшти дека нордиската земја признава независна палестинска држава.
Норвешкиот премиер Јонас Гар Стор денеска изјави дека скандинавската земја донела одлука официјално да ја признае Палестина како држава.
Одлуката стапува на сила на 28 мај, објави АП.
„Не може да има мир на Блискиот Исток доколку не дојде до признавање“, рече норвешкиот премиер, додавајќи дека „Палестина има основно право на независна држава“.
Неколку земји од Европската унија во последните недели дадоа индикации дека планираат да ја признаат Палестина, бидејќи сметаат дека решението со две држави е клучно за траен мир во тој регион.
Норвешка, која не е членка на Европската унија, но најмногу ги следи одлуките на Брисел, долго време го поддржува решението со две држави, Израел и Палестина.
Европа
ЕУ: Веќе нема ризик од кршење на владеењето на правото во Полска
Европската комисија денеска објави дека планира да ја затвори постапката против Полска до крајот на мај, бидејќи веќе не постои ризик од сериозно кршење на владеењето на правото.
Потпретседателката на Комисијата за вредности и транспарентност, Вера Јоурова, изјави дека полските власти покажале решителност да ги исправат неправилностите во областа на правдата, дека признале дека има проблем во таа област, дека се подготвени да го елиминираат, дека европското законодавство има приоритет пред националното законодавство и дека се обврзале дека ќе ги спроведуваат одлуките на Судот на правдата на Европската унија и Европскиот суд за човекови права поврзани со владеењето на правото, вклучително и независноста на судството.
„Мислам дека во случајот со Полска веќе нема очигледен ризик од сериозно кршење на владеењето на правото“, рече Јоурова и најави дека по дискусијата на состанокот на министрите за европски прашања во вторник овој месец, ќе предложи до Комисијата да ја затвори постапката.
Таа додаде дека приговор на ваквата оценка има само унгарскиот министер за правда Јанош Бока, кој обвинува дека Комисијата во овој случај се води од политички причини, а не од реални промени во полското правосудство.
Во текот на осумте години на власт, претходната полска влада предводена од националистичката партија Право и Правда спроведе низа реформи во судството, со што се доведе во прашање поделбата на власта и независноста на судството, како и слободата на медиумите. Поради ова, Полска беше блокирана од милијарди евра кои и беа наменети во европскиот буџет.
Новата полска влада предводена од премиерот Доналд Туск, која ја презеде функцијата во декември минатата година, најави дека ќе обезбеди повторно воспоставување на независноста на судството и ќе го поништи она што претходната влада го направи во таа област.
Слична постапка се води и против Унгарија, чија влада со години е во конфликт со европските институции и другите членки на ЕУ за почитување на владеењето на правото во таа земја.
Европа
Илјадници бегаат од руската офанзива во регионот Харков
Во борбите за вториот по големина град во Украина досега се раселени околу 14.000 луѓе, покажуваат податоците на Светската здравствена организација (СЗО), пренесува Би-би-си.
Руските сили неодамна започнаа летна офанзива, заземајќи неколку села на североисточната граница на Украина во близина на градот Харков додека се обидуваат да ја пробијат ослабената линија на фронтот на Украина.
Регионалниот лидер на Харков изјави дека седум лица се повредени во ноќните напади на руски беспилотни летала врз градот. Во меѓувреме, најмалку едно лице загина во напад на украинско беспилотно летало над границата со Белгород, јавуваат руските медиуми.
Говорејќи на брифинг со новинарите, Јарно Хабихт од СЗО рече дека 14.000 луѓе избегале од борбите во областа, но 189.000 луѓе кои останале во близина на границата со Русија се соочиле со „значителни ризици поради борбите“.
Украина сè уште контролира околу 60 отсто од Вовчанск, пограничниот град во центарот на неодамнешните борби, изјави заменик-гувернерот Роман Семенука за националната телевизија во понеделникот.
Друг украински воен функционер изјави за АФП дека борбите во Харков „остануваат тешки и динамично се менуваат“.