Македонија
Скопјани се гневни откако градот се искачи на прво место по загаденост во светот

Социјалните мрежи се преполни со реакции, откако вчеравечер Скопје се искачи на првото место по загаденост во светот.
Мерните станици во некои делови од Скопје покажуваа концентрација од над 550 микрограми ПМ 10 честички на метар кубен, од дозволените 50 микрограми. Некаде пак, концентрацијата на ПМ 10 честички достигнуваше и до 800 микрограми.
Реакциите на социјалните мрежи не стивнуваа.
„Џабе урламе, протестираме, молиме за чист воздух и здрав живот. Чаре нема. Никој не сака да пофати барем од некаде! Крајно сум изреволтирана и страшно загрижена за сопствениот и животот на најмилите“, пишуваа граѓаните.
Загаденоста на воздухот е висока и во моментов. Во Центар, на пример, загаденоста на воздухот е 5 пати над дозволената граница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Кузмановски: Младите ќе бидат во фокусот во Демир Хисар

Кандидатот за градоначалник на Демир Хисар од СДСМ, Златко Кузмановски, на граѓанска трибина порача дека е време за промени и чесно, отчетно раководење.
Кузмановски најави мерки за младите, меѓу кои младински центар, поддршка за претприемништво, субвенции и практикантски можности, но и финансиска поддршка за учениците и ослободување од партиципација за деца од социјално ранливи семејства.
Тој истакна дека Демир Хисар мора да стане општина која е отворена и транспарентна, посветена на културата и историјата, со уредување на спомен-паркот на Даме Груев во Смилево и локалните патишта до него.
„Ветувам работа, напредок и иднина. Изборите не се само за градоначалник, туку за тоа каков Демир Хисар сакаме,“ рече Кузмановски.
Македонија
Обилни дождови, студ и снег на планините – од среда промена на времето

Утре времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималните температури ќе се движат од 5 до 14, а максималните од 17 до 24 степени.
Во Скопје ќе преовладува слично време – променливо облачно со сончеви периоди и слаб северен ветер. Утринската температура ќе се спушти до 12, а дневната ќе достигне до 22 степени.
Од среда попладне до петок се очекува нов влажен бран со врнежи од дожд, локално пообилни над 30 литри на метар квадратен. Во четврток и петок, со продор на постудена воздушна маса и засилен северен ветер, на повисоките планини ќе има услови за повремен снег. Температурите значително ќе опаднат.
За време на викендот се очекува стабилизирање на времето и постепен пораст на дневните температури.
Македонија
Судот оваа недела ја завршува оценката на обвинението за „Пулс“

Скопскиот Кривичен суд најави дека до петок ќе ја донесе одлуката дали обвинението за пожарот во кочанската дискотека ќе биде прифатено. Судиите треба да утврдат дали актот е јасен, правно издржан и поткрепен со доволно докази.
Постапката се одолговлекуваше поради тоа што дел од адвокатите на обвинетите не биле достапни за прием на документацијата, но сега, според судот, сите рокови истекуваат на 3 октомври.
Премиерот Христијан Мицкоски изрази незадоволство од начинот на кој обвинителството ја води постапката и порача дека сите поврзани со случајот мора да одговараат. Од опозициската СДСМ, пак, обвинија дека власта ги штити своите функционери кои биле чести гости во дискотеката.
Во пожарот загинаа 62 млади луѓе. Паралелно се води и истрага за 29 полициски службеници, за кои сè уште се анализираат доказите.