Македонија
Директорот на Шутка: Постои можност Ченто да го внел мобилниот телефон преку чуварите
Директорот на КПД „Скопје“ во Шуто Оризари, Ѓоко Котевски, не ја исклучува можноста вработените во затворот да се замешани во врска со набавката на недозволените предмети кои викендов беа пронајдени во ќелијата на Јане Ченто, обвинет за случувањата од 27 април во Собранието на РМ.
Котевски за „Макфакс“ вели дека моментално се врши внатрешна истрага во затворот во Шуто Оризари со цел пронаоѓање на инволвираните кои му помогнале на Ченто да добие мобилен телефон, полнач, импровизиран кабел за полнење и останати недозволени предмети.
„Моментално немам одговор на тоа како Ченто ги внел недозволените работи во ќелијата, имаме внатрешна контрола, работиме на разрешување на случајот. Се надевам набрзо ќе се дознае, не се исклучува можноста вработените да бидат вмешани во ова“, вели Котевски.
„Макфакс“ стапи во контакт и со сестрата на Јане Ченто, која рече дека не знае многу за настанот, но пријатели кои имаат познаници во овој затвор ја информирале дека најверојатно некој од чуварите помогнал нејзиниот брат да го внесе мобилнот телефон.
Минатиот петок службените лица издале наредба Ченто да ги предаде недозволените предмети што ги поседувал на што тој се спротивставил и пружил активен и насилен отпор. На ова службените лица, како што вели директорот Котевски, реагирале со зафат согласно со утврдените професионални протоколи и процедури предвидени за претрес на соби, по што телефонот и останатите недозволени предмети му биле одземени. Ченто поминал без посериозни повреди, со црвенило на кожата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

