Македонија
Одржана 21-та сесија на Клубот на истражувачите при НБМ
Клубот на истражувачите ја одржа кон крајот на седмицава својата 21-ва сесија, а по отворањето од страна на вицегувернерката Анита Ангеловска Бежоска, беа презентирани трудовите „Банкарски специфични и макроекономски детерминанти на нефункционалните кредити во Македонија: компаративна анализа на кредитите на претпријатијата и домаќинствата“ од авторот Јордан Ќосевски и „Детерминанти на структурата на капиталот на корпоративниот сектор: случајот на македонската економија со панел-податоци“ од авторката Билјана Јовановиќ.
Целта на трудот на Ќосевски е утврдување на детерминантите на нефункционалните кредити кај претпријатијата и кај домаќинствата во Република Македонија за периодот од 2003 до 2014 година. Притоа, авторот разгледува две групи детерминанти – макроекономските детерминанти и детерминантите специфични за банките. Во анализата, авторот посочува два модели – еден за нефункционалните кредити на домаќинствата и еден за нефункционалните кредити на претпријатијата – коишто ги оценува со методот на коинтеграција.
Резултатите од истражувањето укажуваат дека профитабилноста на банките, растот на кредитите кај претпријатијата, односно кај домаќинствата и растот на БДП придонесуваат за намалување на нефункционалните кредити. Од друга страна, растот на солвентноста на банките и на невработеноста се поврзуваат и со растот на нефункционалните кредити. Инфлацијата предизвикува намалување на нефункционалните кредити, но исклучиво во случајот на домаќинствата. Фактор што значително придонесол за зголемување на нивото на нефункционалните кредити, и кај двата сектора, е и глобалната финансиска криза, којашто е опфатена преку воведување вештачка променлива. Авторот заклучува дека, и покрај тоа што нефункционалните кредити се под влијание на циклусите во реалната економија, што ја потврдува хипотезата за финансиска нестабилност на Мински, тие може донекаде да бидат управувани преку соодветно утврдување на големината на кредитната побарувачка и структурата на активата и пасивата на банките, коишто исто така имаат статистички значајно влијание. Монетарната власт, во својство на регулатор, има голема улога во тоа управување преку обезбедување стабилен и здрав банкарски систем и насочување на банките кон подобро управување со ризикот. Целта на трудот на Јовановиќ е да даде приказ на детерминантите на капиталната структура на претпријатијата во Република Македонија. За таа цел, користени се податоци за 194 фирми за периодот 2000-2014 година. Конкретно, авторката се фокусира на две прашања. Прво, користејќи динамична панел-методологија, таа се обидува да ги утврди детерминантите на финансиското задолжување на македонските фирми. Второ, трудот опфаќа анализа на одлуките за задолжување на фирмите пред и по финансиската криза.
Во однос на првото прашање, резултатите покажуваат дека поголемиот обем на корпорациите и поголемите можности за раст соодветствуваат со поголемо задолжување, додека профитабилноста, материјалноста на средствата (колатералот) и имплицитните даночни поволности што ги дава недолжничкото финансирање се поврзани со помало задолжување.
Што се однесува до второто прашање, преткризната состојба на наведените детерминанти не го објаснува посткризното однесување на македонските фирми. Исклучок е преткризното ниво на долг чие влијание врз однесувањето на фирмите по кризата е оценето како значајно, односно фирмите со повисок долг пред кризата, по кризата се раздолжиле повеќе отколку другите фирми.
Друг аспект поврзан со промените во однесувањето на фирмите во двата периода е и директниот ефект од глобалната финансиска криза – оние фирми коишто имале поголеми промени во показателите за успешноста во работењето (профит, приходи, продажба) за време на кризата, направиле и поголемо приспособување во степенот на задолженост во посткризниот период. /крај./мф/ст
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.
Економија
„Алкалоид“ со бизнис план за 2026: продажба од 361 милион евра и раст на добивката
АЛКАЛОИД АД Скопје во својот Бизнис-план за 2026 година предвидува консолидирани приходи од продажби од околу 361 милион евра, што претставува раст од 7 отсто во однос на очекуваните резултати за 2025 година.
Според планот, 91 отсто од продажбите ќе се реализираат преку профитниот центар Фармација, додека 9 отсто ќе отпаѓаат на Хемија, козметика и билкарство. Компанијата очекува 34 отсто од приходите да бидат остварени на домашниот пазар, а 66 отсто преку извоз.
Планираните финансиски резултати предвидуваат раст од 8 отсто на консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (EBITDA), како и раст на консолидираната нето-добивка од најмалку 7 отсто во однос на 2025 година.
Во делот на инвестициите, Алкалоид најавува вложувања од околу 8 отсто од консолидираните приходи, продолжувајќи ја долгорочната инвестициска стратегија, во чии рамки во изминатите две децении се инвестирани повеќе од 250 милиони евра. Фокусот и натаму останува на модернизација на производствените капацитети и усогласување со најсовремените GMP-стандарди.
Бизнис-планот за 2026 година предвидува и зголемување од најмалку 10 отсто на издатоците за истражување и развој, со цел натамошно унапредување на генеричкото и патентираното портфолио на компанијата.
Во рамки на ESG-стратегијата, Алкалоид ќе продолжи со интеграција на еколошките, социјалните и управувачките стандарди во сите сегменти од работењето. Паралелно, компанијата планира околу 50 нови вработувања во 2026 година и натамошни вложувања во човечкиот капитал.
Акциите на Алкалоид остануваат меѓу најликвидните на Македонската берза, со раст на просечната цена од 24 отсто во 2025 година, додека дивидендната политика ќе продолжи во согласност со остварените резултати и инвестициските потреби.
Бизнис-планот за 2026 година е усвоен од Управниот одбор на компанијата на седница одржана на 29 декември 2025 година.

