Македонија
Околу 500 тони медицински отпад фантомски исчезнува во официјалната евиденција
Најмалку 500 тони медицински отпад е количината која фантомски исчезнува кога ќе се споредат бројките на количеството од овој тип отпад што се собира во Македонија на годишно ниво и тоа што согорува во печката на Дрисла.
Како едно од најопасните жаришта што го причинуваат енормното загадување во Скопје и околината, граѓанските активисти го посочуваат токму согорувањето на медицинскиот отпад.
Количината на медицинскиот отпад што ја посочуваат институциите не е прецизна и веројатно далеку ја надминува официјалната статистика. Ако се земат предвид и сомнежите и сведоштвата на жителите од селото Батинци, кое се наоѓа до депонијата, дека медицински отпад нелегално влегува преку македонските граници и се истовара тука, тогаш се стигнува до фрапантни бројки и неконтролираното согорување создава смртоносно загадување на воздухот.
„Макфакс“ консултираше активисти од невладиниот сектор кои пред 4 години учествувале во регионален проект што ги вклучувал Македонија, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина и Србија, а се однесувал токму на менаџирањето на медицинскиот отпад во регионот. Нивните анализи покажале дека станува збор за исклучително горчлив проблем и дека кај нас третманот на медицинскиот отпад не е контролиран од надлежните институции и се прават големи злоупотреби заради нечиј профит.
„Врз основа на нашите истражувања државата нема точна бројка за тоа колкава е количината на медицинскиот отпад што се создава во земјата. Иако се манипулира со некоја количина од 1.300 тони, количеството е многу поголемо. Но, дури и да е така инселераторот на Дрисла нема капацитет да согори повеќе од 900 000 килограми па во тој случај каде е разликата, односно каде се речиси 400 тони на отпад. Тоа изразено во бројки за транспорт се 15 шлепери или 25 специјални контејнери за транспорт“, вели Душко Христов, еден од партиципиентите во регионалниот проект кој ја истражувал оваа тема.
Според Христов, нивните истражувања покажале дека во Македонија се прави и несоодветен транспорт на опасниот отпад, односно механичкиот и органскиот медицински отпад се меша.
„Во цивилизираните земји оној органски отпад (мртвородени фетуси,тумори и други хируршко отстранети материи) се согорува во крематориуми. Кај нас ова гори заедно со останатиот медицински отпад во печката која работи со многу мал капацитет. Целата оваа приказна, вклучувајќи ги и сомнежите дека преку границите се внесува отпад што не е детектиран од страна на граничните служби, станува еден волшебен круг во кој интересите на поединци се ставаат над интересот за безбеден живот на граѓаните“, вели Христов.

Од Институтот за јавно здравје, професорот Михаил Кочуловски за „Макфакс“ изјави дека собирањето, транспортот и уништувањето на медицинскиот отпад во Македонија се врши во согласност со законските прописи.
„Ние немаме сознанија дека медицинскиот отпад има несоодветен третман. Се почитуваат сите законски прописи. Од болниците истиот се транспортира во ‘Дрисла’ и таму се уништува, а тоа не создава никаква опасност по јавното здравје“, вели Кочуловски.
Последните податоци покажуваат дека количествотоа согорен медицински отпад во изминативе години рапидно расте
Пред 1 година „Балкан грин енерџи њуз“ пишува дека Министерството за животна средина ќе направи проект за изградба на регионални депониии насекаде во земјата кои ќе бидат по највисоки европски стандарди, а ќе биде финансиран од фондовите на Европската Унија. За овој проект требале да бидат обезбедени 38,5 милиони евра од ИПА-фондовите.
Според податоците на Министерството за внатрешни работи во Македонија, постојат вкупно 54 активни и контролирани општински депонии, поделени на депонии со висок, среден и низок ризик, како и 270 неконтролирани депонии во скопскиот регион со близу 5.512 кубни метри на отпад.

Од „Дрисла“ тврдат дека капацитетот на печката за согорување на медицински отпад е 3 тони дневно.
„Вкупната количина согорен отпад во печката во 2018 година е 989.112 килограми. Медицинскиот отпад се селектира во медицинските јавни и приватни установи каде што се пакува во посебни кутии и вреќи за медицински отпад согласно со законските прописи за постапување со опасен отпад, и самите установи ставаат декларација за видот на медицинскиот отпад, а Дрисла не ги отвора кутиите и вреќите пред да го согори отпадот во печката“, тврдат од „Дрисла“.
Основното јавно обвинителство лани по допрен глас отвори постапка за незаконито работење на депонијата „Дрисла“. Државниот инспекторат за животна средина со вонреден инспекциски надзор пред година и пол утврди поголемо испуштање на јаглероден моноксид, сулфур двооксид и прав надвор од дозволените вредности.
Жителите на селото Батинце блиску до депонијата постојано се жалаат дека дишат чад. Докторите по медицина велат дека чадот од согорувањето на медицинскиот отпад ако не е соодветно филтриран преку респираторните органи многу токсично дејствува врз човековото тело.
Министерството за здравство вчера најави дека вакцините со поминат рок исто така ќе бидат уништени во „Дрисла“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши и Бегај од Скопје порачаа: Заеднички кон ЕУ и подлабока регионална соработка
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнат и унапредат. На меѓународен план, двете држави имаат исти цели и интереси, а тоа се членството во Европската унија, меѓусебната поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Тој изрази очекување и надеж дека двете држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, бидејќи тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот на Западен Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатералните парламентарни односи, претседателот Гаши истакна дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат речиси секоја година.
Претседателот Бегај истакна дека Република Северна Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и претставуваат пример за соработка во регионот. Тој посочи дека е унапредена соработката во многу сфери од заеднички интерес, што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Останува определбата за уште поголема соработка, особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста и улогата на Македонците и Албанците кои живеат во двете земји и претставуваат мост за градење стабилни и пријателски односи. Патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.
Македонија
Движење ЗНАМ: Иницираме кратење на пратеничкиот состав од 120 на 90 во новото решение на Изборниот Законик
Потпретседателката на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, ја потврди заложбата на Движењето во однос на неопходноста од суштински и системски измени на изборниот модел во Република Македонија.
„Заложбите на Движење ЗНАМ се за воведување на една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, со што ќе се овозможи правична застапеност и на помалите политички субјекти и независните пратенички листи. Што всушност беше и барање во одлуката на Уставниот суд.“ – истакна Бендевска.
Дополнително, таа нагласи дека цврст став на Движењето е намалување на бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што, како што посочи, ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата.
„Го афирмирам односно реафирмирам ставот на Движење ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници на 90 со што ќе се придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки и ќе значи значителна придобивка за Буџетот на државата. Воедно, ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, кое ќе биде во служба на побрз, поквалитетен и посериозен законодавен процес.“ – потенцираше потпретседателката.
Во однос на гласањето на дијаспората, таа потсети дека воведувањето на ваквиот модел беше проследено со зголемување на бројот на пратеници на 123, што, како што нагласи, отвори низа прашања за финансиската оправданост и ефикасноста на изборниот процес во странство.
„Сведоци сме колку чини изборната постапка која подразбира испраќање избирачки одбори во дијаспората, при што бројот на гласачи во повеќе случаи не соодветствуваше со првичната намера и очекувањата.“ – изјави Бендевска.
ЗНАМ додава дека ќе продолжи да се залага за изборен модел што гарантира еднаква вредност на секој глас и институции што работат ефикасно, транспарентно и во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.

