Македонија
Османи: За време на романското претседателство очекуваме конфирмација на одлуката за почеток на преговорите

Преземањето на шестмесечното претседавање со Советот на ЕУ од страна на Романија доаѓа во еден од најтурбулентните периоди на Европа, во пресрет на предизвиците од претстојните избори, сѐ уште неразјаснетите околности под кои ќе се одвива брегзитот итн. истакна заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, на средбата со романската премиерка, Виорика Данчила, за време на неговата посета на Романија.
„Дозволете да ги пренесам нашите уверувања дека како земја кандидат ќе дадеме соодветен придонес во остварувањето на вашите приоритети како претседавач имајќи предвид дека тие претставуваат вредности што целосно се совпаѓаат со нашите државни приоритети“, истакна Османи посочувајќи и на конвергенцијата, безбедноста и кохезијата како приоритетни потреби за сите земји од регионот.
„Искрена благодарност и за вашата иницијатива процесот на проширување да го одржите високо на агендата на вашето претседателство како еден од фундаменталните елементи за обезбедување на вториот приоритет – безбедна Европа“, истакна Османи на средбата изразувајќи уверување дека Република Романија неповратно ќе се вгради во историјата на Македонија како земја под чија палка земјава ќе добие датум за почеток на преговорите во јуни оваа година.
За време на посетата, Османи ќе оствари средби и со повеќе претставници на владиниот и државен врв. Негов домаќин е министерот делегиран за европски прашања, Џеорџе Чијамба, а ќе оствари средби и со министерот за надворешни работи, Теодор Малешкану, како и со министерката за европски фондови, Рована Плумб. Во рамките на посетата на романскиот парламент, Османи веќе оствари средби и со претседателката на Комисијата за европски прашања, Габриела Крету, како и со потпретседателот на Домот на претставниците (Долниот дом), Флорин Лордаке.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Коцевски: Издадена наредба за приведување на седум полицајци, истрагата за Кочани се проширува

Издадена е наредба за приведување на седум полицајци со што практично се проширува истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани во која загина 61 лице, а над 100 беа повредени.
„Во однос кои се тие полициски службеници и што се дел од истрагата, јавното обвинителство за дел веќе има отворено истрага, меѓутоа еве ќе кажам во моментов, ми јавуваат, дека има издадено наредба за приведување на уште седум полициски службеници и утре ќе бидат изведени пред јавниот обвинител, а потоа и пред судија на претходна постапка“, рече државниот обвинител Љупчо Коцевски во емисијата „Топ тема“ на телевизија „Телма“.
Коцевски рече дека објектот „Пулс“ не бил познат само на полицијата туку бил познат на целиот град, на локалната самоуправа и на сите надлежни институции кои што требало да функционираат.
Тој, исто така, истакна дека 13 години во Кочани не е извршен никаков инспекциски надзор на објектот.
Од обвинителството кусо соопштија дека во рамки на предистражна постапка МВР постапува на терен во врска со обезбедување на полициски службеници.
Повеќе информации се очекуваат во текот на утрешниот ден.
Македонија
Сончево и топло време за Велигден

Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд и услови за појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 11, а максималната ќе достигне од 19 до 23 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот ќе има врнежи од дожд и услови за појава на ретки грмежи. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 23 степени.
До петок ќе се задржи променливо облачно и нестабилно време со повремени локални врнежи од дожд, наместа поројни, проследени со појава на грмежи и засилен ветер. Во деновите од викендот времето ќе биде стабилно, сончево и топло.
Македонија
Антикорупциска со низа замерки за Законот за угостителска дејност

Државната комисија за спречување на корупцијата утврди низа пропусти во законите за угостителска дејност,инспекциски надзор и законот за заштита и спасување. Од таму бараат измена и ревизија, а ова доаѓа по катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Меѓу слабостите е уписот на физички лица во Регистарот за вршење угостителска дејност без претходна проверка од надлежен орган за исполнетоста на минимално техничките услови и постапката и условите за давање лиценца
ДКСК утврди слабости и кај казнивоста односно висината на казните не е сразмерна со тежината на можните последици особено кога прекршувањата се однесуваат на заштитата на животот, здравјето и безбедноста на луѓето.
Според антикорупционерите, исто така, неопходно е прецизирање на законските членови со кои се уредува издавањето лиценци за угостителските објекти, бидејќи според нив има недоречености, нејасни правила, судир меѓу законите и недозволени дискрециони овластувања.