Македонија
Почнува исплатата на првите оштетени осигуреници, директорот на ПИОМ не чувствува одговорност
Почна првата уплата од државата кон двете приватни пензиски друштва за оштетените осигуреници на кои со години не им биле плаќани придонеси во вториот пензиски столб, информира министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.
Таа вели дека со првата уплата се опфатени 4.926 осигуреници и таа треба да заврши до крајот на месецот. Уплатите за другите осигуреници ќе се случуваат во наредните месеци и треба да завршат до средината на годината, со што сите 12 илјади осигуреници ќе бидат целосно обесштетени. За оваа намена обезбедени се 19 милиони евра од буџетот. Во согласност со новата законска регулатива, исто така во тек е трансферот на 11.319 членови од вторите кон првите друштва.
„Засега реформата тече според предвидената динамика, без никакви тешкотии при спроведувањето. Во измината година докажавме дека пензиите растат и тоа ќе биде случај и оваа година. Пензионерите може да бидат апсолутно спокојни. Реформата што ја правиме е балансирана, до неа дојдовме преку темелни анализи грижејќи се да не оштетиме никого. Со неа го намалуваме дефицитот во ПИОМ за две милијарди годишно, но без радикални мерки, како замрзнување пензии или покачување на старосната граница“, изјави министерката Царовска по состанокот со директорите на ПИОМ, МАПАС и приватните пензиски друштва.
Министерството за труд и социјална политика, вчера, до Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против непознат сторител за скандалот со неуплатените придонеси. Со кривичната пријава е поднесена и документација од темелната анализа на пензискиот систем со која беа откриени неправилностите.
Директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ), Шаип Зенељи, на денешната прес-конференција рече дека не чувствува лична одговорност за фактот што на 12.000 осигуреници придонесот за пензиско и инвалидско осигурување од ПИОМ не бил префрлан кон вториот пензиски столб.
„Парите не се излезени од ПИОМ, тие се употребени за целите на ПИОМ. Сметаме дека до ова дошло поради честите законски измени и сложениот систем за собирање и обработка на податоците. Станува збор за системска грешка и ќе соработуваме со надлежните за расчистување на случајот“, рече тој додавајќи дека во ПИОМ ќе се формира посебно одделение што ќе се грижи за соодветно префрлање на осигурениците во вториот столб и навремено префрлање на средствата од придонесите кон пензиските друштва.
Аферата со пензиите Царовска ја обелодени пред неколку дена велејќи дека од 2007 до 2018 година на повеќе од 12.000 осигуреници не им биле уплатувани пари во вториот пензиски фонд. Според законот, 6 отсто од бруто-платата на осигурениците треба да се уплати во вториот пензински фонд. Наместо ова, парите, во случајов сума од 19 милиони евра, останале во државниот пензински фонд и не биле уплатени во приватните пензиски друштва, а на овој начин директно им се скратува правото на овие луѓе да остварат пензија во целост.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Пораките на Марко Рубио од Минхенската безбедносна конференција се јасен сигнал за сите сојузници
Пораките на американскиот државен секретар Марко Рубио од Минхенската безбедносна конференција се јасен сигнал за сите сојузници, светот веќе не функционира по старите правила. Како Влада, продолжуваме посветено да го зајакнуваме нашето место во трансатлантската заедница.
Подготвени сме да одговориме на предизвиците, да ја модернизираме нашата одбрана и да обезбедиме сигурна иднина за нашите граѓани, објави премиерот Христијан Мицкоски, од Минхен.
Мицкоски од вчера престојува во повеќедневна посета на Сојузна Република Германија, каде што учествува на 62. Минхенска безбедносна конференција, на која, како што соопшти владината прес-служба, ќе ја реафирмира определбата на државата за предвидлив и фер процес на интеграција во Европската Унија, без дополнителни билатерални условувања.
Македонија
Убиство во Челопек, 78-годишна жена задушена со перница
Полицијата уапси дваесет и петгодишен жител на село Малотино од општина Старо Нагоричане, осомничен за убиство на седумдесет и осумгодишна жителка на село Челопек, соопшти денеска СВР Куманово. Како што наведуваат од кумановската полиција, на 12-ти февруари, осомничениот влегол во нејзиниот дом, физички ја нападнал и со перница ја задушил жената.
-Вчера во 19:30 часот во село Драгоманце, општина Старо Нагоричане, полициски службеници од Полициското одделение Старо Нагоричане го лишиле од слобода Т.Б.(25) од с. Малотино, општина Старо Нагоричане, поради сомнение дека сторил кривично дело по член 123 од Кривичниот законик. Тој се сомничат дека на 12-ти февруари во нејзиниот дом физички ја нападнал и задушил со перница М.С.(78) од село Челопек, општина Старо Нагоричане, по што таа починала на местото, соопшти полицијата.
Тој се сомничи дека извршил повеќе кривични дела „тешка кражба“ во повеќе села на подрачјето на општина Старо Нагоричане. Известен е јавен обвинител, а лицето било задржано во полициска станица. По целосно документирање на случајот, против него биде поднесена соодветна пријава.
Македонија
СДСМ: Две недели без одговор како 5 тони дрога поминале преку граница, бараме одговорност од Мицкоски
СДСМ обвинува дека и по 14 дена нема одговор од институциите за, како што велат, „најголемиот нарко-скандал во регионот“, поврзан со транспорт на пет тони дрога преку државната граница.
Од партијата посочуваат дека молчат премиерот Христијан Мицкоски, како и повеќе функционери, оценувајќи дека тоа отвора сомнежи за одговорност на власта.
„Овој гласен молк е најсилна потврда дека скандалот води до врвот на Владата“, се наведува во соопштението.
СДСМ реагира и на изјавите дека биле запленети 100 тони марихуана, оценувајќи дека доколку постоело толкаво производство, тоа претставува сериозен пропуст на институциите.
Според нив, за такво количество би била потребна површина од над 30 хектари, поради што прашуваат дали биле извршени контроли од надлежните служби, вклучително и полицијата, инспекторатите и безбедносните агенции.
Партијата дополнително прашува како пет тони дрога биле транспортирани со товарни возила покрај системите за надзор, камерите и граничните контроли.

