Македонија
Партиски лобирања за избор на нови членови на Антикорупциска комисија
Партиски лобирања и притисоци пред изборот на нови членови на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) се случуваат непосредно пред изборот на кандидатите и додека во тек се интервјуата, дознава „Макфакс“. Според нашите извори, политичките партии имале свои фаворити од пријавените кандидати, па зад вратите на Собранието, каде што веќе трет ден течат интервјуата, се случуваат лобирања кој треба да биде избран и да влезе во новиот состав на Антикорупциската комисија.
Од ВМРО-ДПМНЕ наводно барале да има двајца членови во ДКСК на кои тие им даваат поддршка, но сè уште е неизвесно дали ќе имаат можност да лобираат за еден или за двајца. Свои кандидати бараат и СДСМ и ДУИ, а голема е веројатноста на чело на комисијата да застане жена.
Многу административци без конкретни одговори на прашања, искусни правници, луѓе во кои навистина се наѕира желба и волја да внесат видни промени во борбата против корупцијата, но и луѓе кои со себе влечат поврзаности со партиски структури досега ги поминаа интервјуата кои ги вршат Мухамед Зекири од СДСМ, Артан Груби од ДУИ, Зоран Илијоски од ВМРО-ДПМНЕ, Владанка Авировиќ од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ од редовите на пратениците, а како претставници на невладиниот сектор во Советот за соработка на НВО со Владата се Сабина Факиќ и Бесим Небиу. По предлог на Народниот правобранител, член на комисијата е Драги Целевски, поранешен заменик-народен правобранител.
Во публиката присутни се и други пратеници, новинари, претставници од невладиниот сектор кои имаат право да поставуваат прашања.
Од вкупно 80 пријавени кандидати, 58 ја поминаа првичната селекција. Меѓу нив се Гоце Наумовски, професор на Правниот факултет и брат на Васко Наумовски, поранешен вицепремиер за евроинтеграции, Ангеле Илиевски, адвокат на Зоран Верушевски, Горан Митевски – ексдиректорот на УБК, обвинителот од случајот „Пуч“ Златко Биковски. Меѓу пријавените е и новинарот Горан Трпеноски, Софка Пејовска-Дојчиновска, поранешен генерален секретар во Антикорупциската комисија, Маја Малахова, поранешна судијка и претседателка на Државната комисија за жалби по јавни набавки, Тања Алтанџиева, поранешна членка на ДИК и многу други.
Неизвесно е кога јавноста ќе има можност да ги види интервјуата на собранискиот канал како што беше најавено, со оглед на тоа што интервјуирањето завршува утре попладне, а до вечерта или до четврток наутро седумчлената комисија ќе треба да предложи седум членови за новиот состав на ДКСК.
Изборот на кандидатите ќе покаже дали навистина овој процес на избор е со намера да се формира независно тело за борба против корупцијата или, пак, станува збор за фарса со цел повторно да се изберат кандидати зад кои стојат политички партии.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Никој во тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не живее од плата туку на грбот на граѓаните, велат од СДСМ
„Антилогика – ЗНАМ го напаѓа СДСМ затоа што Максим Димитриевски призна дека не живее од плата.
Па СДСМ само ја објави вистината, не може да им бидеме криви ние за признанието на Максим.
Никој во тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не живее од плата туку на грбот на граѓаните.
Тоа веќе сите го знаат“, велат од СДСМ.
Според опозициската партија, со ваквата политика, како што велат, сè да биде приватен бизнис на тендер коалицијата, веќе недостигаат две милијарди евра.
„Што се однесува на времето на ковид кризата државата се задолжуваше за да им помогне на граѓаните, бидејќи СДСМ и тогаш и сега, се грижи за граѓаните. За разлика од тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ кои се луксузираат на грбот на народот и вратат тендери.
Таков е примерот со тендерот од 1,2 милиони евра Пошта, за фирмата блиска до ЗНАМ. Додека вработените во Пошта со месеци им доцнат платите.
Работниците да гладуваат, а тие да живеат во луксуз. Така е составен и буџетот, само за нивните потреби“.
Македонија
Снег на Попова Шапка, магла на одредени патни правци, сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови,по претежно влажни коловози.
Врнежи од снег на Попова Шапка со задржување на коловоз од с.Лисец-Попов Шапка.
Намалена видливост поради појава на магла до 80 метри на патниот правец Штип – Неготино кај Серта, во Крушво до 50 метри, на планинскиот премин Стража до 100 метри и кај Маврово до 50 метри.
Сите патни правци во државата се проодни.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Утре променливо облачно и релативно топло
Времето утре ќе биде променливо облачно и релативно топло.
Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во западните делови ќе има врнежи од дожд. На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 5, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје, времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во наредните денови следува период на променливо време. Во недела претпладне ќе има локални врнежи од дожд, а на планините во северозападните делови од снег. Врнежи од дожд ќе има и во понеделник кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови, а на планините ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух врнежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а нови врнежи повторно се очекуваат од четврток.

