Македонија
Печката на „Дрисла“ сè уште во дефект, над 200 тони медицински отпад чека ред за горење
Над 200 тони медицински отпад чекаат ред за горење на депонијата „Дрисла“. Печката за медицински отпад си уште е во дефект, наспроти очекувањата на надлежните горењето да продолжи од почетокот на неделава. Поради дефект на филтерот, од депонијата известија дека печката престанала со работа на 19 јануари, а секојдневно пристигнуваат во просек по 10 тони медицински отпад.
„Дефектот на филтерот на печката сè уште не е отстранет, поправките сè уште се во тек иако очекувавме досега да завршат. Медицинскиот отпад го складираме во специјален ров“, изјавија од „Дрисла“, а потоа се заканија дека нема повеќе да даваат информации на „Макфакс“.
Пред десет дена од „Дрисла“ објаснија дека специјалниот ров има капацитет од 150 кубни метри и дека тој веќе се полни оти печката не работи. Од „Дрисла“ денес не одговорија каде го складираат отпадот што им стигнува по исполнувањето на капацитетот на специјалниот ров, а не објаснија ниту зошто се пролонгирала поправката на филтерот на печката.
Филтерот на печката за согорување медицински отпад беше поставен лани во април откако Министерството за животна средина на почетокот на годината ја казни депонијата со 8.500 евра поради непочитување на протоколите за горење медицински отпад и и наложи да постави филтер.
Нова печка за согорување медицински отпад е една од неисполнетите обврски на италијанскиот конзорциум ФЦЛ „Амбиенте“, кој пред седум години ја добија под концесија депонијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Охриѓани ги разбуди земјотрес
Земјотрес со интензитет од три степени според Европската макросеизмичка скала е почувствуван ноќеска во Охрид и околината. Земјотресот бил со Рихтерова магнитуда од 2,2, а е почувствуван во 03:18 часот.
Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје соопшти дека епицентарот потекнува од епицентралното подрачје Пештани-Охрид-Струга на околу 105 километри југозападно од Скопје.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Филипче да одговори на кое име му е станот во Дубаи?
ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека, како што велат, вистинското лице на СДСМ излегува на површина, откако по седумгодишното владеење, кое според партијата било обележано со корупција и уништување на државата и економијата, поранешните функционери ги пренасочиле своите бизниси во една од најбогатите држави во светот – Обединетите Арапски Емирати.
Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат дека по долг период на јавно укажување и неколку дена по сведоштвото дека поранешниот премиер Зоран Заев гради 42-катница во Дубаи, стигнала и потврда од претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
На новинарско прашање дали заедно со Заев гради висококатница во Дубаи, Филипче одговорил дека тој не градел, што, според ВМРО-ДПМНЕ, претставува индиректна потврда на нивните тврдења и на сведоштвото на Тома Аврамски дека токму Заев е инвеститорот на 42-катната зграда.
„Признанието дека Филипче не гради, не може да се толкува поинаку освен како официјална потврда дека неговиот ментор, Зоран Заев, го проширил својот бизнис и инвестира во градежништвото во Дубаи“, соопштуваат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека Филипче сега треба јавно да одговори како се стекнал со таканаречената златна виза во Дубаи, со оглед дека, како што велат, досега не презентирал докази за најавуваниот работен ангажман во тамошни здравствени установи.
„Ако не градел со Заев, на кој начин се стекнал со златна виза?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ, отворајќи и дилема дали станот спомнат во сведоштвото на Аврамски е во сопственост на Филипче или истиот бил префрлен на трето лице.
Партијата нагласува дека одговори ѝ должи и јавноста и Зоран Заев, кој, според нив, треба јавно да соопшти како дошол до милионите со кои инвестира и гради облакодери во Дубаи.
„Апелираме да не се одолговлекува, бидејќи вистината, порано или подоцна, секогаш излегува на виделина“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Една година затвор за обид да прегази полицаец кој сакал да го легитимира
Четириесет и шестгодишен кавадарчанец е осуден на една година затвор затоа што со автомобил удрил во полициски службеник кој сакал да го легитимира.
На 21 декември по полноќ, со возило „фолксваген“ обвинетиот не запрел на даден знак од полициските службеници, а кога на една од крстосниците во градот бил опколен од две полициски возила за да го запрат, сакал да прегази полициски службеник.
Полицаецот излегол од службениот автомобил за да го легитимира и во тој момент осомничениот се залетал кон него со возилото со голема брзина, го удрил во стомакот и левата нога, а потоа удрил и во полициската кола, по што продолжил да вози. Полицаецот од ударот се здобил со неколку телесни повреди.
Осомничениот бил приведен на 25 декември и следниот ден бил изведен пред судија каде го признал делото. Судот во Кавадарци изрече пресуда со која го огласи за виновен и го осуди на казна затвор од една година, а до правосилност на пресудата одлучи обвинетиот да биде обезбеден со мерка притвор поради опасност од бегство и можноста да го повтори делото.

