Македонија
(Видео) „Ја уби ќерка ми, а доби само 1 година затвор“ семејството Стојанови жртви на македонскиот правосуден систем
По цели 15 месеци семејството Стојанови ја дочека судската пресуда за смртта на нивната 28-годишна ќерка Здравка. Иако не очекуваа, судбината ги натера да водат постапка против братучед на нивниот зет кој доби минимална казна затвор од 1 година.
Стојанови незадоволни од пресудата, велат дека се жртви на меѓусебна спрега помеѓу обвинетиот, обвинителството и судот. Сообраќајната несреќа што се случила на 17 ноември 2017 година во соседна Србија, на автопатот Белград – Ниш, ги зави во црно Тодор и Валентина Стојанови од Велес. Патничкото возило во кое била нивната ќерка Здравка Стојанова-Ристовска со брзина од 100 километри на час излетало од коловозот по што починала на лице место.
Во автомобилот биле нејзиниот сопруг Панче Ристовски, неговиот братучед кој управувал со возилото, Љупче Теовски, и сопругата Цветанка Теовска. Сите тројца се здобиле со тешки телесни повреди.

„Ми јавуваат на телефон, Тоше децата направија сообраќајка, твојата ќерка Здравка не е повеќе помеѓу живите. Можете ли да замислите што се случи со мене тогаш? Ме донесоа до дома, како да ѝ кажам сега на сопругата, како да ѝ кажам нешто во што ни јас не можам да поверувам. Чувството е страшно“, вели Стојанов.

Теовски е обвинет за кривичното дело „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ за што е предвидена затворска казна и до 5 години. Сенка врз целиот случај остава фактот што родителите на Здравка воопшто не биле повикани од велешкото обвинителство, во најмала рака да бидат информирани за постапката.
Семејството Стојанови не се согласува со изречената пресуда. Tврдат дека се жртви на меѓусебен договор помеѓу обвинетиот Љупчо Теовски, обвинителката која го покренала случајот, Анастасија Миланова, и судијката која пресудила согласно спогодбата, Аница Теова.
На 30 ноември 2017 година Тодор своеволно се појавил во обвинителството за да се информира до каде е постапката. Оттаму му било кажано дека се работи на случајот и дека засега нема потреба да бидат повикани тој и неговата сопруга, а за понатаму ќе бидат известени. Обвинителката Анастасија Миланова од велешкото јавно обвинителство на 25 декември 2018 година отпочнува истражна постапка за случајот, но Стојанови и понатаму остануваат изолирани од сите случувања во обвинителските простории.
По цели 15 месеци молк од надлежните органи, во јануари годинава Тодор повторно по сопствена иницијатива се појавил во обвинителството со цел да се информира за судската постапка за смртта на неговата ќерка. Одговорот кој следувал не го оставил рамнодушен.

„Ми кажува случајот е затворен. Седнале адвокатот на обвинетиот со спогодбено барање обвинетиот Теовски Љупче да го признае делото и да лежи 6 месеци затвор. Обвинителството не му го уважува тоа барање, му дава 1 година затвор без право на жалба. Човекот значи бара 6 месеци, му даваат една година ‘многу строга’ казна и е наведено дека ниту тој ниту, пак, која било страна во постапката нема право на жалба. Тоа е правосилно решение. Нему сигурно му одговара да не се жали, меѓутоа нас како родители не ни одговара. И 50 години да го осудат, ќерката нема да ни ја вратат, меѓутоа тоа ли е правдата во Македонија? Која е оваа правда која ја применувале тие? Седнале обвинителката, адвокатот на обвинетиот и судијката, си се договориле дека Љупче треба да лежи 1 година. А што сме ние, нам ни го одзедоа правото на родителство, ние животот сме го посветиле за тоа дете. Ние сме целокупно игнорирани од овој случај.

„Макфакс“ стапи во контакт со обвинителката Миланова, која тврди дека целата постапка е вршена согласно со законот и дека е реална затворската казна која е изречена на обвинетиот Љупче Теовски.
„Завршен е случајот, обвинетиот доби 1 година затвор. По закон, кога има спогодба за одреден случај семејството не се повикува на разговор. Семејството може, со спогодбата која е постигната, да бара надомест на штета. Кривичниот прогон заврши, за висината на казната не се прашува семејството. Доколку не се задоволни, може да поднесат писмено барање до обвинителството и ќе добијат одговор. Ние понатаму ќе одлучиме дали повторно ќе отвориме предмет. За повторно отворање на случајот треба да имаат аргументи, вака како што стојат работите нема да им нова постапка. На обвинетиот не му е ублажена казната, за делото законот предвидува казна од 1 до 5 години, на него му е дадена една година. Така е правилото, колку жртви толку години затвор“, вели Миланова.
Семејството на Здравка Стојанова поднесе и претставка до Советот на јавни обвинители за, како што вели, да се дознае како работат обвинителите во обвинителствата од помалите градови.
„Дадов преставка до Совет на јавни обвинители. Петнаесет и пол месеци чекам да се поведе постапка. Сега Советот има можност да види како им работат нивните обвинители по локалните обвинителства“, вели Стојанов.
Мајката на Здравка, Валентина Стојанова, ни раскажа за животот на нејзината покојна ќерка. Од одлична ученичка до безрезервен хуманист. Помагаше на сите, не знаеше да каже не, вели таа.
„Јас како мајка страшно го пребродувам ова. Се работи за исклучително дете кое беше беспрекорно во училиште, со дипломи, пофалници. Кај неа освен петка друга оценка не постоеше. Правеше семинарски, дипломски, магистерски. Беше златно дете што не знаеше да каже не и да не помогне на некој. Имаше многу идеи и желби. Беше поврзана со мене многу. Не можам да пребродам. Не сакам никому да му се случи ова, ова не е прво, но нема да биде ни последно. Не може некој лудо да вози, да добие една година затвор, а доколку го помилуваат, 6 месеци. Немам коментар за судството, пред сè за тие мајки, судијка и обвинителка. Не може да не го повика родителот. И по смртта, пак ќе живее во нас, никој не може да ни ја одземе, а најмалку тие. Доколку има нормални луѓе во судството би требало да има правда. Не сакам да заглавам во судски лавиринт. Нив не ги интересира болката, не можам да опишам со која тежина се соочувам“, вели Стојанова.
Тодор и Валентина се надеваат дека нивниот случај ќе има правична разрешница. Велат нивната ќерка не може да ја врати никој, но ова го прават со цел во иднина на никого да не му се случи правосудниот пекол низ кој тие поминуваат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Мицкоски: 2026 година ќе биде година на преобразба, државата има потреба од одговорност
Годината што ја испраќаме не беше лесна, таа беше година на сериозни предизвици. Година во која државата мораше прво да застане на нозе. После долг период на нестабилност, несигурност и на разнишани институции, беше неопходно да се направи стабилизација и консолидација.
Тоа беше услов без кој не можеше да се оди понатаму.
Во текот на оваа година, многу работи се поместија од мртва точка. Работевме тивко, системски и одговорно. Се поставуваа темелите, се расчистуваа наследени состојби, истакна премиерот Христијан Мицкоски во неговото новогодишно обраќање.
Се носеа одлуки кои не секогаш беа лесни но беа исправни.
„Го зајакнувавме институционалниот капацитет на државата и ја враќавме логиката на ред, закон и одговорност. Посебен акцент беше ставен на правната држава.
Започнавме процеси кои значат воспоставување на еднаквоста пред законот и јасни правила што важат за сите“.
Започнатите реформи како што рече Мицкоски, не се козметички, туку се длабински и суштински.
„Таквите реформи бараат време, но тие се предуслов за функционална држава и здраво општество.
Свесни сме дека за граѓаните најважно е како тоа се чувствува во секојдневниот живот.
Оваа година ја гледаме како година на подготовка и поставување основа, а годината во која влегуваме како година на видлива реализација. Со право можам да кажам дека 2026 година ќе биде година на раздвижување и година на преобразба. Година на раст, со реализација на значајни инфраструктурни проекти.
Година на економско зајакнување, со нови инвестиции, поддршка за стопанството и отворање можности за работа и развој. Година на вкупна преобразба на Македонија.
Година на политичка стабилност во која институциите ќе функционираат појасно, поефикасно и поодговорно. Година на вкупна преобразба на Македонија“.
Не ветуваме чуда, посочи Мицкоски, туку напорна работа.
Не сме среќни, додаде тој во обраќањето, што политичката сцена не секогаш ја отсликува зрелоста што ја заслужува државата.
„Но верувам дека со тек на време ќе созрее и свеста дека националните интереси, иднината на граѓаните мора да бидат над сѐ. Државата има потреба од одговорност, сериозност и заедничка грижа за општото добро. Пред нас е нова година. Година на надеж, но и на голема обврска. Обврска да се испорачаат резултати. Обврска да се продолжи по патот на реформи, развој и стабилност!
Да влеземе во 2026 година со верба дека напорната работа ќе се исплати и дека Македонија ја движиме во вистинската насока“.
Македонија
СДСМ за изгласаниот буџет во Кисела Вода: Нереален, неразвоен и без визија
Советничкото мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ го изгласа Буџетот на Општина Кисела Вода за 2026 година, во износ од 1,57 милијарди денари. И покрај звучните најави за „развој“, „транспарентност“ и „консултации со граѓаните“, станува збор за нереален, неразвоен и без визија буџет, кој не ги адресира суштинските проблеми на граѓаните, велат од СДСМ.
„Иако локалната власт се фали со наводни 57% капитални инвестиции, реалноста покажува дека буџетот е креиран како обид за прикривање на вистинската финансиска состојба на општината. Долгот на Општина Кисела Вода се маскира преку голем број т.н. развојни програми, кои постојат повеќе на хартија отколку во реалноста.
Загрижувачки е фактот што развојните програми се побројни од редовните годишни секторски програми, а најголем дел од нив не претставуваат нови проекти. Станува збор за рециклирани ветувања и префрлени ставки од времето на претходниот градоначалник, без јасна динамика, рокови и финансиска одржливост. Наместо нови идеи и решенија, граѓаните добиваат стара содржина во нова политичка амбалажа“.
Советничката група на СДСМ, како што соопштија, има поднесено пет конструктивни амандмани, насочени кон подобрување на буџетот и пренасочување на средствата кон реалните потреби на граѓаните. Сите амандман, како што велат, биле одбиени без суштинска расправа и без аргументи.
„Поради нерационалните расходи, недобро испланираните и нереални приходи, како и отсуството на јасна развојна стратегија, советничката група на СДСМ гласаше против овој буџет.
Во текот на речиси седум часа активна дискусија, советниците на СДСМ детално укажаа на пропустите, слабостите и ризиците од ваквиот буџет. Наместо аргументиран одговор, мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ одбра молк.
Без дискусија и без прифаќање на ниту еден амандман, ВМРО-ДПМНЕ самостојно го изгласа овој нереален, неразвоен и безидеен буџет, кој повеќе служи за политички маркетинг отколку за подобрување на животот на граѓаните на Кисела Вода.
Граѓаните заслужуваат вистински развој, одговорно управување и буџет што носи реални резултати – а не буџет на илузии“.
Македонија
Бесплатен паркинг во Центар за новогодишните и божиќните празници
Паркирањето во Општина Центар за време на новогодишните и божиќните празници ќе биде без наплата за сите граѓани, информираат од ЈП Паркинзи на Општина Центар.
„На 01.01.2026 година (четврток) сите паркиралишта со кои стопанисува ЈП ПОЦ ќе бидат без наплата за сите граѓани. Редовната наплата за паркирање на паркиралиштата и издавање на договори во Дирекцијата на ЈП ПОЦ ќе продолжи на 02.01.2026 година (петок) со вообичаено работно време.
За време на божиќните празници на 06.01. (вторник), 07.01. (среда) сите паркиралишта со кои стопанисува ЈП Паркинзи на Општина Центар ќе бидат без наплата за граѓаните. Редовната наплата за паркирање на паркиралиштата и издавање на договори во Дирекцијата ќе продолжи на 08.01.2026 година (четврток) со вообичаено работно време“.
Депото на „Пајак“ службата на ЈП ПОЦ ќе работи 24/7 за време на празниците како и затворените паркиралишта „Дилајла“ со автоматска наплата и „Трготекстил“, каде што наплатата ќе се одвива согласно редовниот режим, е нагласено во соопштението.

